Култура
Шест македонски уметници во Брисел
Во галерискиот простор на Фламанскиот департман за надворешни работи во Брисел во вторник, 1 декември, ќе биде отворена изложбата „Пресуда при избор“ на шест македонски современи уметници. Изложбата е во организација на Националната галерија на Македонија, со поддршка од Министерството за култура
Делата на Искра Димитрова, Гордана Вренцоска, Борис Шемов, Гоце Наневски, Осман Демири и Игор Сековски се едни од најрепрезентативните на македонската современа ликовна сцена во моментов и во наредните 15 дена ќе бидат презентирани пред јавноста во Брисел.Куратор на изложбата е Ана Франговска-Стојановска. Селекцијата на овие автори кои доминантно се занимаваат со дигиталните медиуми на визуелно изразување лежи во креативната идеја што ја третираат уметниците, за секој од нив различна, со што се истакнува нивната индивидуалност и потребата за самоидентификација.
Искра Димитрова ќе се претстави со видеоинсталацијата „Довод/одвод“ (врел мирис) во која се мултиплицирани статични фотографии монтирани во едно видео. Предлошката на видеото е хентаи-филмот „Black Bible“, а уметницата го избира своето тело како начин на себеизразување.
Гордана Вренцоска е застапена со три целини: „Кралицата на салата на турбините“, „Да се биде… Разум, Волја, Љубов, Храброст, Дух“ и „Автоакт во полукруг на лево“. Последното од овие дела се фотографии во кои е документиран еден перформанс на Вренцоска изведен во музејот Тејт во Лондон. „Одлучив да се претставам со три целини како една мини-ретроспектива од изминатите 10 години работа со дигиталните техники“, изјави Вренцоска.
Борис Шемов ќе се претстави со „Кодови“, во кои како круцијален елемент за ликовна егзегеза ги избира „макро“ алатката и зумирањето, при фотографирањето или користењето готови материјали и прави еден експеримент во поглед на техниката и тематскиот дискурс.
Гоце Наневски се претставува со „Хоризонтите“ – дигитални прикази на навидум едноставни визуелни елементи препознатливи или помалку препознатливи – водени широчини.
Игор Сековски со „Паѓа 1/10“, дело со еколошка тематика, нешто со што Сековски се занимава во последниве неколку години и во кој третира однос на знаци, светлина, „звучни пробивања“
Осман Демири е фотограф по вокација кој своите интересирања во полето на дигиталната фотографија ги насочува кон создавање ликовни естетски квалитети. Оваа изложба во текот на декември и јануари ќе биде претставена и во валонскиот дел на Брисел, како и во Канцеларијата за врски на Република Македонија во белгиската престолнина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот филм М со ново гран при, овој пат во Шведска
Македонскиот филм М, во режија на Вардан Тозија, а во продукција на „Фокус покус“, ја освои главната награда за најдобар филм на интернационалниот фестивал на жанровски филм Light Till Dark во Оребро, Шведска.
„Овој филм носи нова перспектива на еден познат жанр. Филм со силни актерски изведби и сензитивна режија. Тоа е прекрасен филм, еднакво визуелно и тематски. Филм кој нè остава со надеж, но и скршено срце“, беше образложението на интернационалното жири.
Фестивалот Light Till Dark е фестивал чија селекција обединува нови и класични филмски дела од областа на фантастиката, научната фантастика и хоророт. „Целта на овој фетивал е да се промовираат жанровски филмови, но и да се откриваат нови дела, кои не стигнуваат во широка дистрбуција“, изјави Даниел Лундстен, директорот на фестивалот.
М не запира со својата фестивалска турнеја. Следни проекции ќе се одржат на почетокот на декември, каде што М ќе ги има својата холандска и финска премиера во рамките на официјалните селекции на фестивалот Eastern Neighbors во Хаг и Интернационалниот скандинавски филмски фестивал во Хелсинки.
Култура
Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“
Првата читачка проба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин започна денес, а асистент на режија е Шенај Мандак.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Како сценограф се потпишува Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.
Овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Бранислав Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ. Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период – ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ.
Во 80 години постоење, од 1945 година до денес, поставени се осум негови дела со вкупно шеснаесет постановки од повеќе режисери и во различни верзии.
Култура
Изложба на Јана Манева-Чупоска во Истанбул
Јана Манева-Чупоска изложува во Истанбул во Македонскиот центар. Отворањето на изложбата е на 27-ми среда во 19.00 часот.
Манева-Чупоска ќе излага цртежи од циклусот „Љубовници во пандемија“. Насловот има алегорична конотација и алудира на надежта и потребата на човекот кон подобро утре. Преку фигуративните композициски ликовни претстави, колажни експерименти авторката Јана Манева – Чупоска ја пренесува нејзината психолошка и емотивна состојба во време на корона кризата, но и покрај официјалното завршување на вирусот кај човекот остави длабоки психолошки траги на страв и несигурност.
Изложбата се состои од триесеттина дела, цртежи и колажи изработени во комбинирана техника молив, јаглен, акрил и темпера и еден диптих во поголем формат изработен во техника акрил.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура и туризам на Р.С. Македонија како изложба од национален интерес за 2024 година.