Македонија
Земјите од западен Балкан поблиску до ЕУ, преку регионални инфраструктурни енергетски проекти

Македонскиот министер за економија Беким Незири учествуваше на Тркалезната маса на министерите за економија, на тема „Економски просперитет и инфраструктурно поврзување“, во рамки на дводневната конференција за западен Балкан.
На сесијата, која е продолжение на Берлинскиот процес кој минатата година го иницираше германската канцеларка Ангела Меркел, беше дискутирано за две главни теми: економски просперитет и поврзаност и стручно усовршување и подобрување на човечкиот капитал.
Министерот Незири ги претстави најактуелните енергетски проекти, кои ќе овозможат безбедно и квалитетно снабдување на потрошувачите со сите видови на енергија, како и активностите за интерконективно поврзување на Македонија со електроенергетските системи на соседните држави, со цел формирање на функционален регионален пазар на електрична енергија, кој ќе се интегрира во Европскиот пазар, што претставува една од приоритетните цели на нашата земја како потписничка на Договорот за основање на Енергетската заедница.
„Како пример за успешна регионална соработка би сакал да ја истакнам реализацијата на интерконективниот 400 kV далекувод кон Србија, Штип-Ниш, чија вкупна инвестиција изнесува 14 милиони евра, од кои 11 милиони евра се обезбедени од Светска Банка со државни гаранции. Меѓу приоритетните е проектот 400 кV интерконективен далекувод Македонија (Битола) – Албанија (Елбасан), а во фаза на анализа е 400 кV интерконективен далекувод Македонија (Скопје) – Косово (Косово Ц), на местото на постојниот нефункционален 220 kV далекувод од Скопје до Косово А. Од друга страна, Република Македонија е отворена за соработка со земјите од регионот и пошироко, во однос на сите понудени решенија за изградба на гасоводни интерконекции и обезбедување на природен гас. Во таа насока, успешно се вклучивме со 2 наши проекти во иницијативата за Гасно поврзување на Централна и Југоистична Европа, која има за цел поголема диверзификација на снабдувањето со природен гас и сигурност во снабдувањето во регионот, по пат на унапредување на регионалната инфраструктура и подобрување на интеграцијата на пазарите, преку заедничко ангажирање на сите Земји членки на ЕУ и на Договорните страни на Енергетската заедница“, рече Незири.
На Тркалезната маса беше истакната досегашната успешна соработка помеѓу земјите од западен Балкан, со акцент на заедничките интереси во идни проекти кои покрај енергетската, ќе ја опфатат и транспортната инфраструктура. Високите претставници на земјите од западен Балкан изразија едногласна потреба од продлабочување на досегашната соработка и од побрза реализација на проектите од регионален интерес.
Државниот секретар на Министерството за економија на Германија Уве Бекенмаер ја истакна важноста од пристапувањето на земјите од западен Балкан во Европската Унија, а земајќи ја превид бројноста и комплексноста на претставените енергетски проекти, ја нагласи потребата од воведување на методологија за нивна приоритетизација. За таа цел, земјите од западен Балкан се договорија на следниот самит да настапат со издвојување на конкретни проекти, според приоритетите, нивна детална презентација и алокација на средства за нивно финансирање.
Во делот на стручното усовршување и подобрување на човечкиот капитал, се истакна неопходноста од подобро стручно образование, а во насока на подобрување на конкурентноста на кадрите и на пазарот на трудот во целост.
На тркалезната маса учествуваа министрите надлежни за економски прашања од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово, а дел од Самитот беа и потпретседателот на Европската комисија Федерика Могерини, претседателот на Европската банка за обнова и развој Сума Чакрабарти, претседателот на Европската банка за инвестиции Вернер Хојер, потпретседателот на Светската банка Лора Тук.
По завршувањето на Самитот и на Тркалезната маса, беше одржана и свечена церемонија со која се одбележа 10-годишнината од потпишувањето на Договорот за енергетска заедница. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции отворени се речиси 400 работни места во приватниот сектор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска го посети ресторанот „Ксантика“, кој е еден од успешните примери на зелени инвестиции и создавање нови работни места.
За време на посетата министерот истакна дека преку Мерката 8 – „Создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија,“ рече министерот Дурмиши.
Економија
УЈП: Инкасирани 2,3 милијарди денари или 37,4 милиони евра повеќе во буџетот споредбено со јули лани

Во јули 2025 година, Управата за јавни приходи оствари значителен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со јули 2024 година.
Вкупната наплата од даноци (Данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега.
По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9% во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година.
„Растот на приходите не е случаен – тој е резултат на зголемена економска активност, како и посветена работа, партнерство и доверба која Управата за јавни приходи постојано ја гради со даночните обврзници. Во изминатиот период, а во согласнст со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата“, велат од УЈП.
Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима.
Економија
Потпишани договори за 828 проекти со 225 милиони евра преку капитални инвестиции

Со склучувањето на договорите за вториот повик од инструментот за капитални инвестиции, денес започнува нова фаза на големи вложувања во општините ширум Македонија, соопшти премиерот, Христијан Мицкоски.
Вкупната вредност на проектите изнесува 13,8 милијарди денари, односно околу 225 милиони евра, а се опфатени 828 проекти во различни области. Најголем дел од средствата, над 8 милијарди денари, ќе бидат инвестирани во инфраструктурата – патишта, мостови и локални врски.
Покрај тоа, во областа на животната средина ќе се реализираат 143 проекти со вкупна вредност од над 2,4 милијарди денари, кои се однесуваат на чиста вода, канализациски системи, управување со отпад и создавање нови паркови.
Во секторот образование, преку 48 проекти, ќе се инвестираат 1,6 милијарди денари за изградба и обнова на училишта и градинки, додека има и проекти поврзани со култура, спорт и социјална политика.
„Ова е најголемата инвестициска офанзива некогаш направена за општините, без партиски филтри и фаворизирања. Секоја општина што има проект добива поддршка,“ истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека со овие инвестиции се гради еднаквост и пристап до квалитетен живот за сите граѓани, без разлика на нивната локација, и најави дека нема да се дозволи запоставување на ниту еден регион.
Со склучените договори и веќе започнатите проекти, Мицкоски ја опиша оваа иницијатива како конкретен чекор кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Македонија, која според него од хартија преминува во реалност.