Култура
Македонска филмска магија на американски терен
Го искористивме престојот на Дејвид Милер, режисер од САД, во Скопје, кој е дојден во работна посета на студиото Фx3x со кое веќе подолго време успешно соработува. Со него зборувавме за досегашните искуства од соработката со скопските “анимајстори” и за идните планови со Фx3x
Студиото Фx3x го сработи анимираниот филм за деца Холи и Хал во траење од 50 минути за потребите на американски синџир на продавници на играчки Билда беар. Филмот беше наменет за интернет-пазарот, но позитивните реакции му доделија почесна премиера на американската телевизија Еј-Би-Си која е сопственост на Дизни. Премиерата е најавена за 24 ноември, на Денот на благодарноста, во ударен термин во 19 часот. Филмот е во режија на американскиот режисер и продуцент Дејвид Милер, а во Македонија се изработи комплетната анимација и монтажа на звукот, што значи речиси цел филм е завршен тука. Покрај ова, Фx3x редовно работат на реклами за познати брендови за американскиот пазар, а во изработка е и нова анимирана серија. Тимот Фx3x предводен од Кристијан Даниловски ја има и единствената номинација за Македонија на наградите “Еми” за телевизиската серија Патеката до 11 септември.Интересната комбинација од Дејвид Милер, режисер кој работел исклучиво на долгометражни филмови, и креативноста на веќе познатото македонско студио Фx3x, предводено од Кристијан Даниловски, го обележа патот кон успехот. Првата нивна соработка е на анимирана серија со музичка содржина. Во приказната станува збор за музички инструменти кои имаат свои карактери, карактер на виолината, карактер на тапанот, карактер на трубата… “Секој инструмент е посебна личност. Приказната е за деца на возраст од три до седум години. На таа возраст може да се влијае на децата за да се оформат како музички креативни личности, но и да научат од каде доаѓа музиката, кој ја создава, затоа музичките инструменти се одбрани како главни ликови. Приказната негува хармонија што треба да е присутна во музиката. Целата приказна е базирана на музика која всушност е интернационална и инструментите се од целиот свет”, ни раскажа Милер. На прашањето како дојде до оваа идеја за да се направи една ваква анимирана серија, тој одговори: “Публиката за којашто е наменета оваа серија, односно децата, многу често знаат да речат дека млекото и сирењето се од супермаркет, а не од животните. Па, поради тоа треба да им се покаже од каде доаѓа и музиката и кој ја создава”, објасни режисерот.Инаку, Дејвид Милер и Кристијан Даниловски соработуваат веќе пет години и заедно имаат работено на многу проекти.“Пред околу пет години се запознав со Кристијан преку некои продуценти од филмската индустрија. Јас работев на проект во Холандија, работев на развивање на моите ликови и тогаш ми беа претставени луѓето од Македонија за кои ми рекоа дека се заинтересирани, работат со 3Д-анимација, дека работат на развивање ликови и така се запознавме”, рече Милер и додаде: “Македонците се ентузијасти и воедно се и големи професионалци, па по извесно време почнавме да работиме заедно на креирањето на материјалот. Заедно сме пет години и работевме на многу проекти”, заврши Милер. Македонското студио Фx3x работеше и на реклами на многу познати брендови, како што се Shell Oil, Теlмеx – Теlеcом Меxicо, Фанта и АТ&Т, но она што е најинтересно и што беше изненадување за сите е работата на филмски гиганти како Терминатор, претходно Авијатичарот, како и на Златниот компас, филм што го освои “Оскарот” за визуелни ефекти. Но, сепак, за свој најголем успех ја сметаат номинацијата за “Еми”, за телевизиската серија Патот до 11 септември. Дејвид Милер за Форум откри интересни податоци околу неговата работа. Започнал уште во раните деведесетти години, како режисер на фотографија и дизајнер на продукција во индустријата за долгометражни филмови, вклучувајќи го и интегрирањето на забавните паркови во тие визуелни проекти и нивно дизајнирање. Имајќи предвид дека во тоа време технологијата и компијутерите за таа работа не биле доволно усовршени, Милер сепак наоѓал начини да ја заврши работата најдобро што може. Дејвид Милер важи за извонреден светски режисер и продуцент во филмската индустрија на светско ниво, а тоа го докажува и најинтересната случка што тој ја сподели со Форум. “Во 1993 г. на снимањето на Симпл мајндс и на Дејвид Стјуарт ги испраќавме визуелните ефекти од Лос Анџелес директно на сцената во Париз за да добиеме ефект на прашина директно на нивниот концерт. Значи, во не многу совршени услови работевме од Лос Анџелес, а прашината ја создававме на сцената во Париз”, се присети Дејвид на успешната работа во раните деведесетти години кога технологијата и условите и не биле доволно поволни за нивната работа. Во тој период, Кристијан Даниловски заедно со неговиот партнер Миливоје Ѓорѓевиќ ја основаат Фx3x, а претходно и двајцата работеле на анимации и ефекти. Нивна главна желба и тајната до успехот е што обајцата сакале да работат во областа на визуелните ефекти и самите да креираат ефекти како оние во популарните филмови на тоа време, Терминатор 2 и Паркот Јура. “Дванаесет години подоцна, по многу работа, дел од желбите ни се исполнија. Со партнерот решивме да понудиме соработка со Холивуд и така почна сè”, вели Кристијан за неговите почетоци кон успехот.
Во Македонија подобро се работи отколку во Кина“Сум работел во земји низ целиот свет, развивајќи ги визуелните ефекти. Сум работел во Шангај, во Индија и на многу други места, но сепак Македонија е нашиот избор.Македонија има разбирање за културата која денес заработува на светскиот пазар. Американската филмска индустрија е таа која прави пари и го има приоритетот, но и Македонците имаат чувство за тоа и се прилично успешни на тоа поле”, рече Милер.“Кинезите имаат посебно сфаќање за забавата. Понекогаш работат нешто сосема различно. Не станува збор за подобро или полошо, едноставно е различно. Ако сакате да направите нешто што ќе му се приближи на Дизни или Дрим воркс, треба да се има посебно чувство за тоа, особено во индустријата за анимација, а моментно на тоа наидувам само во Македонија”, нагласува Милер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
По премиерата на Канскиот фестивал, филмот „ЛОЈНС“ официјално селектиран на Berlin Critics’ Week 2026
Краткометражниот игран филм „ЛОЈНС“, во режија на Доријан Жесперс, а во копродукција на Веда Филм од Скопје, е официјално селектиран за учество во програмата на Berlin Critics’ Week 2026, која ќе се одржи од 9 до 17 февруари 2026 година во Берлин.
Филмската програма на фестивалот започнува во вторник, 10 февруари, во киното Hackesche Höfe Kino. Berlin Critics’ Week е независнo курирана платформа која се прикажува паралелено со Берлинале и презентира значајни филмски остварувања од тековната фестивалска сезона како важен простор за критички дијалог и најновите и најхрабрите авторски филмови.
Во својата официјална најава, фестивалот го истакнува следново за филмот и режисерот:
„Доријан Жесперс се чини дека не ги смета за свети ниту судските драми, ниту соновните секвенци. Во својот краток филм ”ЛОЈНС”, тој избира безвременска судница како сцена за кафкијанска фарса и со голем ентузијазам продолжува да крши безброј правила на наративното кино. Младиот режисер е главна тема на разговор уште од неговиот наградуван дипломски филм ‘Sun Dog’, и ние со нетрпение очекуваме да слушнеме што има да каже за својот нов филм.”
Култура
Прилепскиот џез фестивал не доби финансиска поддршка од Министерството за култура, организаторите бараат објаснување
Здружението за субкултура ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ПРИЛЕП, организатор на фестивалот „Прилеп Џез викенд“ (Prilep Jazz Weekend), ја информира јавноста дека Министерство за култура одлучило да не го поддржи фестивалот во годината кога требаше да се одржи неговото 15-то, јубилејно издание.
Од здружението наведуваат дека по 14 години континуирана институционална поддршка, ваквата одлука не може и не смее да се третира како изолиран случај. Според нив, Prilep Jazz Weekend не е експериментален или привремен проект, туку фестивал со историја, публика, јасна програмска визија и препознатлив културен идентитет, кој повеќе од една деценија ја гради културната сцена во Прилеп и пошироко.
Во соопштението се поставуваат низа прашања до надлежните институции, меѓу кои дали културната политика на државата оди кон централизација и маргинализација на културните настани во помалите градови, дали континуитетот, квалитетот и публиката сè уште се релевантни критериуми при распределбата на јавни средства, како и дали комисиите што одлучуваат се навистина независни и стручни.
Од здружението оценуваат дека со вакви одлуки културата надвор од главниот град не се развива, туку, како што наведуваат, „се гаси тивко, без објаснување и без одговорност“. Тие додаваат дека ова не е само удар врз еден фестивал, туку порака до културните работници во внатрешноста дека нивниот долгогодишен труд и резултати лесно може да бидат игнорирани.
Во соопштението се нагласува дека Prilep Jazz Weekend ќе продолжи да постои благодарение на публиката, идејата и упорноста, но дека јавноста има право да знае зошто институциите се откажуваат од докажани културни вредности, особено оние што доаѓаат надвор од центарот.
Од Здружението бараат транспарентност, образложение и одговорност, порачувајќи дека културата не смее да биде жртва на молк, бирократија и селективна поддршка, туку право што мора да биде достапно насекаде.
Култура
„Ѕвездено арпежо“ со врвната харфистка Анлин Ленартс
Овој четврток со почеток во 20 часот оркестарот на Македонска филхармонија ќе одржи концерт насловен „Ѕвездено арпежо“ на кој како солистка ќе настапи Анлин Ленартс, водечка харфистка од Белгија, која во моментов работи во оркестарот на престижната Виенска филхармонија. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се „Горе и долу – три слики од Книга на промени“ од македонскиот композитор Владимир Николов, Концертот за харфа и оркестар „Аранхуез“ од Хоакин Родриго и Симфонијата бр.5 од Лудвиг ван Бетовен.
Белгиската харфистка Анлин Ленартс е една од водечките солистки на својот инструмент. Во декември 2010 година е именувана за прва харфа на Виенската филхармонија. Како солистка настапувала со бројни реномирани оркестри, меѓу кои Симфонискиот оркестар на Баварското радио, оркестарот „Моцартеум“, Брукнеровиот оркестар од Линц, Бриселската филхармонија и Националниот оркестар на Белгија. Своето солистичко деби го имала во престижни сали како Вигмор во Лондон, Карнеги хол во Њујорк, Берлинската филхармонија…, како и на престижни фестивали. Нејзините настапи се снимени од BBC Radio 3, Radio France Musique и Deutschlandfunk. Анлин има освоено 23 награди на меѓународни натпревари за харфа, меѓу кои првата награда на Grand Prix International Lily Laskine (2005) и Награда на публиката на ARD International Music Competition во Минхен. Таа има снимено повеќе албуми за Warner Classics, вклучувајќи и издание со дела од Нино Рота, кое во 2019 година ја доби наградата Opus Klassik. Истата година ја доби и наградата „Почести на фламанската заедница“ од Владата на Фландрија. Анлин Ленартс студирала во Брисел и во Париз, а магистерската диплома по харфа ја стекнала со највисоки одлични оценки. Денес таа предава на Универзитетот во Мастрихт и е член на наставниот кадар на Aspen Music Festival (САД).
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интенационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Бројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот нацинален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден во 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.

