Култура
Маја Апостолоска добитник на првата награда „Бели мугри“ за најдобра стихозбирка на млад автор
Поетесата, книжевна критичарка и есеистка Маја Апостолоска ја доби нововостановената награда „Бели мугри“ за стихозбирката „Именувањето“ која Домот на културата „Кочо Рацин” – Скопје во соработка со Град Скопје ја доделува првпат годинава за најдобра необјавена книга поезија од автор до 35 години
Одлуката ја донесе жирито во состав: Бранко Цветкоски, претседател, Тодор Чаловски, Петар Гичаровски, Јованка Христовска и Горан Анчевски, членови.„Стихозбирката ‘Именувањето’ се одликува со кохерентна стилска изведба, со доследна микропоетичка градација на темите на современата личност загледана и упатена кон големите очекувања, пресвртите и жестокостите на животот, со уверлива експонажа на внатрешната устројба на песните и со употреба на ефектни поетички разрешници“, изјави на прес-конференцијата претседателот на жирито Бранко Цветкоски. На конкурсот пристигнале 20 ракописи на исто толку автори, а од нив, покрај наградениот, во потесен избор влегле и ракописите потпишани со шифрите „Градот на љубовта”, „ЏБ”, „Химера”, и „Безиме Ипрезиме”. Според оценката на жирито, одѕивот на учесниците на новообјавениот конкурс е задоволителен, но поголемиот број од пристигнатите ракописи во квалитативна смисла не задоволиле повисоки литературни и уметнички стандарди.Апостолоска изјави дека и е значајна наградата именувана по најпознатата книга на основоположникот на македонската современа литература Кочо Рацин и зашто ја добива од свои ценети колеги. Таа е авторка на поетските книги „Заиграј, веќе, мастилаво!“ и „Прекин на комуникацијата“, како и на критичко-есеистичката книга „Зад текстовите“. Нејзината поезија е застапена во повеќе антологии и препеана е на неколку јазици. Домот на културата „Кочо Рацин“ во текот на 2010 година ќе го објави вториот конкурс за наградата „Бели мугри“. На 17-ти овој месец, пак, ја организира манифестацијата „Денови“ посветена на патронот Кочо Рацин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Јон Вардар повторно во Бразил
После Јужноамериканската премиера на Јон Вардар против Галаксијата на еден од најголемите филмски фестивали во Латинска Америка, престижниот Мостра до Сао Паоло, првиот македонски долгометражен анимиран филм повторно патува за Бразил.
Овојпат, Јон Вардар ќе биде прикажан во „бразилското Сен Тропе“ на 6. декември, на 14тото издание на меѓународниот филмски фестивал Балнеарио Камбориу.
Режисерот Цветановски изјави дека поканата за учество ја добил од директорот на фестивалот веднаш после проекцијата во Сао Паоло.
„Се‘ уште сум воодушевен од реакцијата на бразилската публика. После првата проекција се сликав со група весели ученици со кои разговаравме за филмот, а потоа следеше и интервјуто за бразилскиот сервис на ‘Си-ен-ен’. Драго ми е што филмот наиде на интерес во Бразил и повторно ќе биде прикажан таму“, изјави Цветановски.
Ова е четврта фестивалска презентација на Јон Вардар против Галаксијата, а Цветановски најави возбудливи новости во текот на 2025.
Култура
Македонскиот филм М со ново гран при, овој пат во Шведска
Македонскиот филм М, во режија на Вардан Тозија, а во продукција на „Фокус покус“, ја освои главната награда за најдобар филм на интернационалниот фестивал на жанровски филм Light Till Dark во Оребро, Шведска.
„Овој филм носи нова перспектива на еден познат жанр. Филм со силни актерски изведби и сензитивна режија. Тоа е прекрасен филм, еднакво визуелно и тематски. Филм кој нè остава со надеж, но и скршено срце“, беше образложението на интернационалното жири.
Фестивалот Light Till Dark е фестивал чија селекција обединува нови и класични филмски дела од областа на фантастиката, научната фантастика и хоророт. „Целта на овој фетивал е да се промовираат жанровски филмови, но и да се откриваат нови дела, кои не стигнуваат во широка дистрбуција“, изјави Даниел Лундстен, директорот на фестивалот.
М не запира со својата фестивалска турнеја. Следни проекции ќе се одржат на почетокот на декември, каде што М ќе ги има својата холандска и финска премиера во рамките на официјалните селекции на фестивалот Eastern Neighbors во Хаг и Интернационалниот скандинавски филмски фестивал во Хелсинки.
Култура
Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“
Првата читачка проба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин започна денес, а асистент на режија е Шенај Мандак.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Како сценограф се потпишува Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.
Овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Бранислав Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ. Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период – ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ.
Во 80 години постоење, од 1945 година до денес, поставени се осум негови дела со вкупно шеснаесет постановки од повеќе режисери и во различни верзии.