Култура
Детската оперска претстава „Пепелашка“ премиерно во МОБ

На малата сцена на Македонската опера и балет во петок, 13 ноември, со почеток во 19 часот, премиерно ќе биде изведена детската оперска претстава „Пепелашка“ од Џоакино Росини, во адаптација и режија на Урсула Хорнер од Австрија
Играат: Ирена Кавкалевска/Елена Петрушевска (Пепелашка), Никола Стојчевски/Дејан Тошев (Дандини), Драган Ампов/Кристијан Антовски (Дандини), Невен Силјановски (Дон Мањифико), Билјана Ѓуровска/Катерина Стојановска (Клоринда), Катерина Бошковска/Ирена Крстеска/Марика Поповиќ (Тисбе), Димитар Кожухаров/Бранислав Поп Георгиевски (Алидоро) и Маја Блажевска (Алидорина).Диригенти се Бисера Чадловска и Ѓурѓица Дашиќ, а костимите се на Марија Пупучевска.По адаптацијата на „Волшебната флејта“ од Моцарт чија премиера беше во март годинава, и „Пепелашка“ се вклучува во серијата претстави за деца на Македонската опера и балет.
„Задоволство е да се работи со млада екипа, со млади пејачи кои се подготвени за големи претстави“, изјави режисерката Хорнер.„Станува збор за исклучително комплексна претстава, која ја има истата тежина како и ‘Италијанка во Алжир’ и ‘Севилскиот берберин’ на Росини. Ќе има многу акција, нова енергија, многу бои“, вели Ирена Кавкалевска.
Оваа опера првпат била изведена во Teatro Valle во Рим, 1817 година. Либретото го напишал Џакопо Ферети, врз основа на познатата бајка за Пепелашка. Во оваа варијанта од традиционалната приказна за Пепелашка, лошата маќеа е заменета со лошиот очув Дон Мањифико, добрата вила е заменета со Алидоро, додека Пепелашка ќе биде распознаена не по нејзината стаклена чевличка, туку по нејзината белегзија.„Пепелашка“ првпат се поставува во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Дваесет и пет писатели доаѓаат во Охрид и Струга на конференцијата на Македонскиот П.Е.Н. центар

Од 19 до 21 јуни Македонскиот П.Е.Н. центар ќе ја одржи јубилејната ХХ Регионална конференција, на која ќе учествуваат дваесет и пет писатели од девет ПЕН центри. Темата на годинешниот Симпозиум е „Постхуманизам и книжевност“.
Писателите низ дијалог ќе се обидат да најдат одговори на низа актуелни прашања за статусот на книжевноста и уметноста во ерата на вртоглав технолошки развој поврзан со употребата на вештачката интелигенција. Излагањата од Симпозиумот ќе се сосредоточат на позитивните и негативните аспекти на примената на ВИ во книжевноста; ВИ и имагинацијата, ChatGPT и плагијаризмот; хуманистичкото образование и ВИ, со цел да се понудат одговори на прашањето за состојбата на човекот денес, односно: „дали сме веќе навлезени во добата на постхуманизмот?“
Во рамките на Конференцијата ќе се одржи состанок на Балканската ПЕН мрежа, посветен првенствено на перспективите на соработка, меѓусебното преведување, но и заедничка афирмација на балканските книжевности и културни достигнувања на меѓународен план. Програмата предвидува и две книжевни читања на делата на учесниците: во Меморијалната куќа на Григор Прличев во Охрид на 20 јуни, со почеток во 19ч., како и во Меморијалната куќа на Браќата Миладиновци во Струга на 21 јуни, со почеток во 13 ч.
Учесници на јубилејната конференција на Македонскиот П.Е.Н. центар се: Вида Огненовиќ и Владислав Бајац (од Српскиот ПЕН), Ентела Каси и Ахмет Пренчи (од Албанскит ПЕН), Петар Чухов и Иван Христов (од Бугарскиот ПЕН), Тарик Ѓунерсел (од Турскиот ПЕН), Драгана Кршенковиќ Брковиќ (од Црногорскиот ПЕН), Бинак Кељменди (од Косовскиот ПЕН), Иштван Турчи (од Унгарскиот ПЕН), Ванѓел Дуновски (од Влашкиот ПЕН), како и низа членови на Македонскиот ПЕН: Зоран Анчевски, Игор Анѓелков, Наташа Аврамовска, Бранко Цветкоски, Славе Ѓорго Димоски, Димитрие Дурацовски, Иван Џепароски, Лидија Капушевска-Дракулевска, Катица Ќулавкова, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Александар Прокопиев и Соња Стојменска-Елзесер. Музичкиот дел од програмата ќе биде во изведба на Бранислав Николов, пејачот на составите „Фолтин“ и „Пијан славеј“.
Јубилејната Регионална конференција на Македонскиот ПЕН центар ќе се одржи со поддршка на Министерството за култура и туризам на РС Македонија, а програмата во Струга ќе биде изведена во соработка со Струшките вечери на поезијата.
Култура
На 21 јуни во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“

Во рамките на манифестацијата Скопско лето 2025 на 21 јуни во Музејот на град Скопје во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“ од нашиот реномиран уметник Томе Аџиевски.
Трагајки по топосите на источноевропската авангарда авторот се потсетува на филмот Сталкер од режисерот Андреј Тарковски. Во „забранетата зона“ од филмот тој препознава многу сличност со „менталната зона“ денес во Македонија.
Уметникот ќе раскаже 5 визуелни приказни за первертираната перцепција кон вистината што перманентно ни се случува од бившата држава па се до денес.
Публиката ќе биде вовлечена во „Зона фобија“рушевина од старата железничка станица сместена меѓу модерни облакодери.Утопија среде анти утопија,вистинска метафора за нашиот постземјотресен менталитет.
На изложбата симболично ќе бидат раздавани каталози од разни изложби на авторот по симболична цена,а собраните сретстве ќе бидат донирани на здружението за заштита на животноте „Anima Mundi“.
Култура
МНТ гостува во Струга со претставата „Торонто експрес“

Македонскиот народен театар ќе гостува во Струга со претставата „Торонто експрес“, која ќе се изведе на 18 јуни (среда), со почеток во 20:00 часот, на летната сцена при Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
Ова сценско дело е работено по мотиви од збирката есеи „Тибам Штркот“ од авторот Зоран Спасов Ѕоф. Режијата е на Јордан Симонов, а адаптацијата на текстот е заедничко дело на Благоја Бошковски, Александар Микиќ и Јордан Симонов.
Во централната улога настапува актерот Александар Микиќ, кој на свој препознатлив начин ќе го оживее светот на авторот, полн со хумор, апсурд и животни контрасти.
Настанот е дел од програмата на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга.