Култура
Почина академик Гане Тодоровски

Познатиот литерат и еден од основоположниците на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” и првиот амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација почина во Скопје на 80-годишна возраст во кругот на своето потесно семејство
За смртта на академик Гане Тодоровски кој е роден во Скопје на 11 мај 1929 г., извести Македонската академија на науките и уметностите и Друштото на писателите на Македонија.Тодоровски дипломирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што бил дологогодишен професор. За член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1997 г. Беше член на ДПМ и член на Македонскиот П.Е.Н.Постигнатите научни резултати во областа на македонистиката го вбројуваат академик Гане Тодоровски меѓу најистакнатите дејци во славистичките кругови како во Европа така и во светот.Тодоровски е автор на импозантно литературно дело во две магистрални насоки: автентично литературно писмо, кое се остварува во доменот на поезијата и во областа на историјата на книжевноста, критиката и есеистиката.Академик Гане Тодоровски е автор на дванаесет книги поезија кои секогаш значеле настан во мигот на појавувањето и, истовремено, оставиле длабока трага во летописот на современата македонска литература. Неговите први стихови датираат од времето на Втората светска војна и во нив се огледа тематскиот и стилски печат на една епоха во која се прават првите чекори кон македонската самостојност и слобода. Понатаму, овој исклучително плоден поет учествуваше во сите творечки периоди низ кои минуваше македонската поезија, давајќи богат придонес кон нејзиниот развиток.Тодоровски исто така е истакнат преведувач на модерната светска поезија на македонски јазик. Неговата дејност на ова поле е ориентирана кон руската поетска школа, англосаксонската, германската, француската, полската и чешката, а кон тоа треба да се додадат и огромен број препеви од литературите на балканскиот книжевен круг.Еден дел од активностите на поетот, литературниот критичар и есеист Тодоровски е сврзан и со историјата. Академик Тодоровски е пасиониран истражувач на македонскиот деветнаесетти век, книжевно-историска област кон која тој целиот свој творечки век беше доследно приврзан. Тодоровски ги толкува делата на нашите претходници не само како документи и сведоштва за минатото туку и како активни фактори и моделатори на нашиот современ литературен израз и на состојбата на нашата современа национална свест.Тодоровски е добитник на повеќе признанија и награди: „11 Октомври”, „23 Октомври”, „13 Ноеврми”, „Браќа Миладиновци” – Струшки вечери на поезијата, „Ацо Шопов” – ДПМ, „Димитар Митрев” – ДПМ, „Кирил Пејчиновиќ” за преведувачки опус, „Книжевно жезло” “ и на голем број пофалници и признанија во земјава и странство. Заедничката комеморативна седница на Македонската академија на науките и уметностите, Филолошкиот факултет “Блаже Конески” и Друштвото на писателите на Македонија ќе се одржи во МАНУ на 26 мај 2010 година (среда) во 10,30 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Инвестиции за заштита на културното наследство и развој на културниот туризам, најавија надлежните

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заедно со стручниот тим од Заводот и Музеј – Струмица, денеска реализира работна посета на општините Дојран и Гевгелија, со цел увид во тековните и во планираните проекти од областа на културата и културното наследство.
Во Стар Дојран беше извршен увид во црквата „Св. Илија“, значаен објект од 19 век, со висока историска, архитектонска и духовна вредност. Министерството најавува продолжување на активностите за конзервација и реставрација на овој објект, кој претставува симбол на духовното и на културното наследство на регионот.
Особено внимание оваа година е посветено на капиталниот проект за изградба на музеј на вода преку реконструкција на праисториска наколна населба на Дојранското Езеро. Во тек се заштитни археолошки истражувања на локалитетот Мрдаја, а основниот проект за изградба на музејот се очекува да почне во 2026 година. Идејниот проект е изработен од Заводот и Музеј – Струмица.
Музејот, кој ќе биде поставен директно на површината на езерото, ќе функционира како жив музеј на отворено, со висока едукативна и туристичка вредност. Со ваквиот пристап Дојран добива можност да се позиционира како водечка дестинација за културен и археолошки туризам во поширокиот регион, најавија од Министерството.
Во рамките на посетата на Гевгелија беше извршен увид во реализацијата на проектот за целосна реконструкција на Старата чаршија, заштитено културно наследство од XIX век. Вредноста на инвестицијата изнесува над 40 милиони денари, а проектот опфаќа: реставрација на фасадите на старите дуќани, поплочување со гранит, поставување нова урбана опрема и осветление, целосна реконструкција на подземната инфраструктура.
Со завршувањето на проектот Чаршијата ќе ја задржи својата автентичност, а истовремено ќе се трансформира во современо културно-туристичко јадро, привлечно и за жителите и за посетителите.
Вечерва, во рамките на посетата, министерот за култура и туризам Зоран Љутков ќе присуствува на фестивалот „Вкуси го југот“.
Како носител на титулата град на културата, Гевгелија се етаблира како центар на културни настани, фестивали и манифестации, кои значајно придонесуваат за развојот на локалната економија, туризмот и културниот живот во регионот.
Култура
Љутков: Нашата цел е јасна, да го заштитиме и обновиме „Македониумот“

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со стручните екипи од НУ Завод и Музеј – Прилеп, денес оствари теренска посета на споменикот „Македониум“ во Крушево – еден од најзначајните културни симболи на македонската историја.
Реконструкцијата на споменикот започна уште во 2014 година, кога беа реализирани низа значајни активности – санација на потпорни ѕидови, обнова на фасади, антикорозивна заштита, реконзервација на архитектонски елементи, како и внатрешни конзерваторски зафати и истражувања. Но, во 2017 година, сите активности беа прекинати, скелето беше симнато, а објектот остана незаштитен, со што последиците од таа негрижа се очигледни и денес, истакнуваат од министерството.
Минатата година, како што информираат, Министерството, во координација со Заводот и Музеј – Прилеп, подготви проект за интервентна заштита на објектот во вредност од 2,5 милиони денари, чија реализација ќе започне во текот на оваа година. Паралелно се работи и на подготовка на сеопфатен проект за целосна реконструкција и конзервација на споменичниот комплекс, кој се очекува да биде финализиран до средината на 2026 година. По изработката на документацијата и обезбедувањето на сите потребни дозволи, ќе отпочне реализацијата на овој капитален зафат.
„Нашата цел е јасна – да го заштитиме и обновиме ‘Македониумот’. Тој не е само архитектонски објект, туку симбол на македонскиот идентитет, историја и борба. Како Влада и како Министерство за култура и туризам, остануваме цврсто посветени на заштитата и унапредувањето на културното наследство, кое е наш стратешки приоритет,“ изјави Љутков.
Култура
(Видео) Oмилените филмови на Стивен Кинг

Мајсторот на хоророт, Стивен Кинг, е познат по своите темни романи и адаптации што го обележаа светското кино, но и по фактот дека редовно ги споделува своите омилени серии и филмови со публиката.
Стивен Кинг, познатиот мајстор на трилери и хорор, сподели листа од своите 10 омилени филмови на платформата X. Оваа листа, која ги исклучува филмовите адаптирани од неговите дела, дава увид во кинематографскиот вкус на авторот кој го обликувал хорор жанрот.
Избраните филмови вклучуваат класици од различни жанрови, од трилери и драми до комедија и научна фантастика. Кинг истакна дека листата не е по одреден редослед, нагласувајќи го богатството на квалитетни филмови достапни за публиката.
“Sorcerer”
“Godfather 2”
“The Getaway”
“Groundhog Day”
“Casablanca”
“Treasure of the Sierra Madre”
“Jaws”
“Mean Streets”
“Close Encounters of the 3rd Kind”
“Double Indemnity”