Економија
Македонија се вклучи во „Јужен тек“ – потпишан договорот за изградба на крак
Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески во вторник во москва го потпиша договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за соработка во изградбата на гасоводот Јужен тек – кракот за испорака на гас во Република Македонија.
Договорот во име на Владата на Руската Федерација го потпиша министерот за енергетика на Руската Федерација, Александар Валентинович Новак. На потпишувањето присуствуваа и претставници на руските енергетски компании „Гаспром“ и „Стројтранс гас“.
По потпишувањето се одржа средба помеѓу претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и министерот за енергетика на Руската Федерација, Александар Валентинович Новак.
Премиерот Груевски истакна дека вклучувањето на Македонија во проектот Јужен тек е од исклучително стратешко значење за Република Македонија, проект кој донесува повеќекратна корист, обезбедувајќи енергетска стабилност на државата на долг рок, и обезбедување на доволни количини на гас и понатамошен развој на гасната инфраструктура на Република Македонија.
Премиерот Груевски посочи дека на тој план Владата, преку Министерството за транспорт и врски веќе склучи договор со компанија која е ангажирана да изработи физибилити студија за изградба на секундарна гасификација, односно гасоводна мрежа низ државата.
Македонскиот премиер истакна дека ваквиот проект е од исклучително значење како за македонското стопанство така и за граѓаните кои преку испораката на евтин гас ќе имаат пристап до исплатлив и стабилен енергенс кој ќе гарантира подобра иднина и економска исплатливост.
Тој истакна дека ова е голем чекор за Република Македонија и е за очекување до крајот на оваа година да се потпише договорот со „Стројтранс гас“ и потоа ќе може да се отпочне со изградбата на внатрешната инфраструктура на гас и поврзување на градовите со овој енергенс, и дека ова е договор кој опфаќа само еден дел од севкупната градба на гасоводна мрежа.
Премиерот истакна дека ваквиот проект ќе влијае и на дополнително зајакнување на политичко економските односи на Република Македонија со Руската Федерација и е резултат на пријателството и позитивниот тренд во билатералната соработка, додавајќи дека договорот е добра основа за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји.
Министерот за енергетика Александар Валентинович Новак истакна дека Руската Федерација ги поздравува постојаните заложби за приклучување на Македонија кон овој проект кој е од исклучително значење како за Руската Федерација така и за државите од европскиот континент, заложба која резултира со денешното потпишување.
Министерот Валентинович истакна дека овој договор е плод на искрените и пријателски односи меѓу двете држави кои демонстрираат одговорност за потребите на граѓаните.
Тој истакна дека Јужен тек веќе почна да се гради, а планот предвидува до 2015 година да се изгради морскиот крак под Црното Море до Југоисточна Европа, а до 2018 година тој проект целосно да биде завршен.
Вицепремиерот Ставрески истакна дека иако Македонија првично не беше предвидена да биде дел од овој проект, Владата упорно инсистираше и работеше на вклучување кон оваа гасоводна мрежа и овој проект денес стана реалност за Македонија.
Ставрески посочи дека со потпишувањето на овој договор остварена е една клучна стратешка цел, а тоа е обезбедување енергетска иднина на Република Македонија овозможувајќи природен гас за домаќинствата, но и за стопанството и на тој начин зголемувајќи ја конкурентноста на македонските фирми што ќе донесе поголема заработка, а со тоа и отворање на нови работни места и економски напредок.
Инаку, коридорот долг 3600 километри под Црното Море треба да ги поврзе руските извори на гас со Југоисточна Европа, независно од Украина. Јужен тек се предвидува да задоволува 14 проценти од европските потреби за гас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени над 39 милиони денари на 663 оризопроизводители
Денеска е реализирана исплата на средства во вкупен износ од 39.065.031 денари кон 663 оризопроизводители.
Исплатата се однесува за финансиска поддршка од 6 денари по килограм предадена оризова арпа во откупувачки центри, за периодот од 1 март до 30 септември 2025 година, со ова се опфатени сите оризопроизводители од минатата реколта.
Министерството за земјоделство соопшти дека нивна цел останува зајакнувањето на домашното производство и поддршката на земјоделците.
Фото: pexels
Економија
Филипче: Следува поголема криза и нови поскапувања во 2026 година
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг со новинари, говорејќи за економската состојба во државата, предупреди дека следната 2026 година ќе биде исклучително тешка и кризна за државата и за граѓаните, со нови поскапувања, зголемено задолжување и продлабочување на сиромаштијата.
„Ќе имаме многу кризна година. Ќе следи година во која ќе треба да се задолжиме најмалку дополнителни 2 милијарди евра. И тие задолжувања ќе бидат за тековни трошоци, нема да бидат за капитални инвестиции“, рече Филипче.
Тој посочи дека во Буџетот за 2026 година е намалена вкупната сума за капитални инвестиции, додека истовремено постои сериозен проблем со реализацијата на приходите.
„Десетина проценти ќе фалат. Тоа се 600 милиони евра во Буџетот. Ако на тоа се надоврзе долгот кон стопанството, повратот на ДДВ, тогаш околу милијарда евра, недостасуваат во Буџетот. Тоа беше една од причините зашто веројатно го затвораат порано. Тоа не се случило досега“, рече Филипче.
На брифинот, Филипче потенцираше дека дополнително и состојбата со енергетската криза е загрижувачка, поради лошото менаџирање со секторот од страна на власта, што доведе до покачување на цената на струјата.
„Поскапувањето на струјата ќе повлече поскапување на сите други продукти, сследи бран на огромни поскапувања на храната, на лебот, на млекото, на јајцата, на сите основни прехранбени продукти. Притоа, нема најава дека ќе има зголемување на платите, пропаѓаат преговорите со синдикатите“, рече Филипче.
Во тој контект, Филипче укажа дека следната година, инфлацијата тешко ќе може да се контролира.
„Ако предвидувањето за раст на БДП е некаде 3,7-8 проценти, а знаеме дека нашата структура на БДП е така поставена да две третини е лична потрошувачка, граѓаните нема да трошат повеќе за повеќе. Граѓаните ќе трошат повеќе за истото или за помалку, поради тоа што цените се ќе бидат повисоки, значи ќе живеат посиромашно“, рече Филипче.
Тој предупреди и на сериозен застој кај странските инвестиции, посочувајќи дека нема веќе раст и дека е прашање колку компании ќе ја напуштат земјата. Дополнително, како што кажа Филипче, значително е влошена ликвидноста на компаниите поради доцнењето на повратот на ДДВ.
„Компаниите веќе затвораат, се жалат дека поради тоа што немаат пари од повратот на ДДВ, ги затвораат компаниите, отпуштаат работници. Илјадници работници се отпуштени, изминатите неколку месеци“, посочи Филипче.
Економија
(Видео) Филипче: 161 тендер доделени на една компанија, власта се грижи само за сопствени интереси
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на брифинг со новинарите остро ја критикуваше актуелната власт за, како што рече, целосна насоченост кон тендери и грижа исклучиво за сопствените интереси, наместо за потребите на граѓаните.
„Што прави власта во меѓувреме? Се грижи само за своите луѓе. Видовме примери 161 тендер доделени на една компанија, во вредност од 5,3 милиони евра. Друга компанија добила договори во износ од 9 милиони евра, само двајца вработени. Ова се бројки што јасно говорат за начинот на којшто функционира оваа власт“, изјави Филипче.
Тој посочи дека ваквите случаи не се изолирани и дека секојдневно излегуваат на виделина нови информации за сомнителни јавни набавки и злоупотреба на институциите.
Филипче истакна дека платформата на СДСМ Истражувачкиот центар за коруптивни операции (MICKO.mk) која неодамна беше отворена, секојдневно прима стотици документи и пријави од граѓани, вработени во јавни институции, како и од луѓе блиски и членови на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сите ќе ги објави.
„Сакам да упатам една јасна порака дека во оваа борба за правда во државата никој нема да нè запре. Ќе ја вратиме власта во рацете на народот. Решени сме во тоа. Секој еден којшто е замешан во корупција и криминал сакам да порачам дека ќе одговара “, порача претседателот на СДСМ.

