Култура
ДПМ: Доделени наградите „Ацо Шопов“ и „Стале Попов“

Наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) за најдобра поетска книга за 2009 година е доделена на книгата „Слоеви“ од писателот Јован Стрезовски.
Наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) за најдобра поетска книга за 2009 година е доделена на книгата „Слоеви“ од писателот Јован Стрезовски.
Наградата на ДПМ за проза „Стале Попов“ му припадна на Димитар Пандев за книгата „Пропатување низ приказните“.На конкурсот за наградата „Ацо Шопов“ пристигнале 29 книги од 28 автори, од кои две книги биле повлечени од конкуренција од нивните автори, станува збор за Радован Павловски и Ристо Лазаров.
Покрај наградената во потесен избор влегле, „Историја на ветерот“ од Зоран Анчевски и „pH неутрална за животот и смртта“ од Лидија Димковска.
Жири комисија во состав, Вера Чејковска претседател, академик Гане Тодоровски и академик Луан Старова оцени дека наградената книга се одликува со едноставен модернистички поетски јазик, и тоа на еден осаменик предаден на набљудувањето на светот и обмислувањето на творењето.
На конкурсот за наградата „Стале Попов“, конкурирале вкупно 15 дела од македонски автори и членови на ДПМ, од кои во потесен круг влегле наградениот Димитар Пандев, Ермис Лафазановски, Оливера Николова, Томислав Османли и Миле Неделковски. Жири комисијата во состав, Катица Ќулакова претседател, Илхами Емин и Драги Михајловски членови, наградената книга „Пропатување низ приказните“ ја нарекуваат раскажувачка целина составена од две новели, навидум самостојни, а суштински поврзани со наративна стратегија и погледот на светот.
ДПМ најави дека на 5 јануари во нивните простории ќе додели уште две награди, а на 12 јануари ќе ја прослави својата 63-годишнина со откривање на бистите на Славко Јаневски и Ацо Шопов, а ќе бидат промовирани маслени слики на платно со портрети на Анте Поповски и Симон Дракул./крај/ин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изложбата по повод 45 години од основањето на ФЛУ – Скопје ќе биде отворена до 16 мај

Факултетот за ликовни уметности – Скопје информира дека ревијалната изложба поставена во Музејот на современата уметност, по повод 45-годишнината од основањето на факултетот, останува отворена за посетителите до 16 мај (четврток), 2025 година.
Изложбата, која беше отворена на 3 април, во рамките на централниот настан за одбележување на 45-годишниот јубилеј на ФЛУ, претставува резултат на долгогодишната заедничка соработка меѓу Факултетот за ликовни уметности и Музејот на современата уметност, со цел да се одбележи богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена. Поставката симболично го прикажува континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и половина децении.
Изложбата прикажува избор на 45 дела од 45 автори, од колекцијата на МСУ, како и дела во сопственост на уметниците – наставен кадар на ФЛУ, почнувајќи од неговото основање до денес. Преку внимателно селектирани дела и архивски материјали, изложбата нуди ретроспективен поглед врз речиси половина век дејствување на ФЛУ како носител на ликовното образование и уметничка мисла во земјата.
Овој избор има за цел да ја отслика разновидноста на уметничките практики и правците што се развивале низ годините, нагласувајќи го нивниот континуиран дијалог со современите текови во уметноста. Преку оваа изложба, посетителите имаат можност да ги согледаат промените во визуелниот јазик и концептуалните пристапи што ги обликувале уметниците поврзани со ФЛУ, но и поширокиот уметнички контекст во кој тие твореле. Таа е и можност за новите генерации да се запознаат со историјата на институцијата, но и со нејзината улога во обликување на иднината на уметноста кај нас.
Култура
Објавени наградите за меѓународниот книжевен фестивал „Отворен круг”

Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје денес ги соопшти наградите и признанијата за Меѓународниот книжевен фестивал „Отворен круг”.
Фестивалот е традиционален и годинава ќе се одржи на 15 мај, со почеток во 12 часот, во Културниот центар „Феникс” во Скопје.
Како и минатата година, и годинава ќе бидат доделени вкупно седум награди и признанија и тоа: „Балкански книжевни видици” на писателот Селимир Радуловиќ (Нови Сад) – за меѓународни книжевни вредности и релации; „Отворен круг” на писателот Стефан Марковски – за иновации и експерименти во книжевноста; „Премостувања” на писателот Шаип Емерлаху – за презентација и афирмација на македонското литературно творештво на Фестивалот „Денови на Наим Фрашери” во Тетово; „Хаикин“ на писателката Елена Пренџова – за посебен придонес во Хаику поезијата; „Литературни координати” на писателката Роза Бојанова (Бугарија) – за соработка и доближување на литературите; „Македонски корени” на писателот Ивица Челиковиќ (Шведска) – за неговото литературно и преведувачко творештво и „Големиот Принц” на писателот Мито Спасевски – за придонесот на планот на литературата за деца и млади.
Култура
„Ода на радоста“ – музичка посвета за Денот на Европа од Пламенка Трајковска

По повод 9 Мај – Денот на Европа, македонската виолинистка Пламенка Трајковска потсетува на синглот „Ода на радоста“, инспириран од универзалните европски вредности на мир, заедништво и културна поврзаност.
Во духот на Бетовеновата музика и европското мото „Обединети во различноста“, оваа изведба не е само звучна интерпретација, туку порака на надеж и заедништво во време кога светот повеќе од кога било има потреба од сплотеност.
„Нека музиката не потсети дека Европа не е само географија – тоа се вредности што ги споделуваме и негуваме секојдневно“, вели Трајковска, која со години го поврзува класичниот израз со современ културен ангажман.