Македонија
Обвинителството ќе утврдува одговорност за смртта на Тамара

Обвинителството оформи предмет и ќе утврдува кој е одговорен за смртта на Тамара од Велес, која почина во понеделникот наутро и не ја дочека операцијата во Турција на рбетниот столб.
„Основното јавно обвинителство – Скопје, по допрен глас, оформи предмет за случајот со починатото девојче Т.Д. од Велес, за кој вчера известија медиумите. Назначен е надлежен јавен обвинител, кој ќе го разгледа предметот и ќе започне постапка за утврдување на фактите и на евентуалната одговорност за смртта“ соопштија од Обвинителството.Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство изјавија дека направиле се што е во нивна моќ за да се прати девојчето на операција. Обвинителството сега ќе испитува кој потфрлил во случајот кој се влечеше три години по медиуми и институции./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обилни врнежи од дожд, засилен ветер и заладување, најави УХРМ

Под влијание на влажен бран, утре кон крајот на денот, во текот на ноќта кон петок и во петок најпрвин во западните, а потоа и во останатите делови, ќе има обилни врнежи од дожд (над 30л/м2), информира УХРМ.
На повисоките планини ќе има услови за повремен снег. Утре ќе дува умерен до засилен југоисточен, а во петок северен ветер (над 60км/ч), особено вдолж Повардарието. Дневните температури значително ќе опаднат.
Во деновите од викендот и во понеделник ќе има услови за слаб локален дожд, а дневните температури повторно ќе бидат во пораст.
Во Скопје, во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има пообилни врнежи од дожд. Утре ќе дува умерен до засилен југоисточен, а во петок северен ветер.
Во деновите од викендот и во понеделник ќе преовладува променливо облачно и потопло време со сончеви периоди.
Македонија
Јаневска за одењето во Здравство: Ќе бидам таму каде што премиерот ќе одлучи дека државата има потреба од мене

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, втор ден резервирано одвара на прашањата дали ќе стане министерка за здравство, иако албанскиот партнер во Владата јавно зборуваше за размена на ресори со ВМРО-ДПМНЕ по излегувањето од владината коалиција на Алијанса за Албанците. Денес на на поставувањето камен-темелник на училишна спортска сала во подрачен објект на ОУ „Гоце Делчев“ во село Долно Лисиче, Општина Аеродром Јаневска кажа дека за тоа ќе одлучат премиерот и преговарачкиот тим, а Премиерот, пак, побара трпение за измените.
„Оваа држава има премиер, претпоставувам дека има и преговарачки тимови. Јас ќе бидам таму каде што премиерот ќе одлучи дека државата има потреба од мене“, одговори министерката Јаневска на прашањето дали ќе оди на чело на ресорот здравство.
Премиерот, пак, Христијан Мицкоски, рече дека до крајот на оваа недела има настани, ќе патува и во Тирана па за кадровските решенија ќе одлучува следната недела, но синоќа добил овластување од извршниот комитет.
„Народски кажано добив дозвола од Извршниот комитет за номинирање нови имиња кои ќе ги заменат имињата на оние кои одлучија да одат во регратките на Али Ахмети и на Демократската унија за интеграција односно луѓето од партијата на господинот Арбен Таравари. Во периодот што следи многу работи ќе бидат појасни. Да бидеме трпеливи и да разговараме, а во тие разговори сигурен сум дека ќе постигнеме договор. Очекувам веќе во следната недела да има повеќе на оваа тема“, рече премиерот Мицкоски.
До следната недела премиерот Мицкоски побара јавноста да почека одговор не само на прашањата за имиња на нови министри туку и на и на прашањето дали министерските места на Алијанса за Албанците ќе бидат дадени на „Вреди“ или ќе ги земе ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Ковачки: Таравари јавно да одговори со што е уценет од СДС и ДУИ

Таравари мора јавно да одговори со што е уценет од криминалното дуо СДС и ДУИ. Таравари дојде на власт со ветување пред граѓаните дека заедно ќе ги испратиме ДУИ во опозиција. Што се случи за само 10 месеци, за Таравари повторно да се врати во прегратките на ДУИ, праша Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Неговото неразумно однесување, вели Ковачки, мора да се должи на уцена и диктат на криминалното дуо, СДС и ДУИ.
„За нештата да бидат појасни, граѓаните заслужуваат да ја знаат вистината. А таа е следната.
Таравари на состаноците во Владата, никогаш не бил слушнат да зборува за застојот во ЕУ интеграциите, кој се случи благодарение на неговите старо нови партнери, СДС и ДУИ.
Таравари не беше слушнат да говори за тоа дека не биле добро третирани албанските прашања, затоа што и самиот тој многу пати има говорено дека Владата и тоа како се грижи за Албанците.
Во недостаток на факти и аргументи, Таравари своето алиби за напуштање на владината коалиција, го темели на ЕУ интеграциите и на албанските прашања, кои за разлика од порано и тоа како се променети“.
Иако неговите констатации немаат никаква врска со реалноста, Таравари, додава Ковачки, треба јавно да одговори со што е уценет од СДС и од ДУИ?
Праша дали е нешто поврзано со бизнис или некаков друг вид на мотив.
„Таравари докажа дека не е стабилен човек. Таравари сега треба јасно да каже пред граѓаните, како тоа ДУИ за 10 месеци од криминална и корумпирана партија, за него стана правата и вистинска опција“.