Култура
Трпчески ја одушеви лондонската публика со македонските музички бисери

Деновиве, нашиот пијано виртуоз Симон Трпчески ја отвори престижната интернационална пијанистичка серија на Саут Банк центарот во Лондон
Целата сезона е посветена на 200-годишнината од раѓањето на Фредерик Шопен. Концертот на Трпчески во салата на Кралицата Елизабета беше поздравен со долготраен аплауз и овации. По делата од Хајдн, Моцарт и Шопен, концертот заврши со суитата Песни и шепотења на македонскиот композитор Панде Шахов, кој живее и работи во Велика Британија. Во публиката имаше и група Македонци кои со посебно задоволство слушнаа неколку транскрипции на македонски народни песни, меѓу кои беа и Ајде поминувам, Си заљубив едно моме, На Струга дуќан да имам и Сербез Донка, за која Трпчески напиша возбудлива каденца. Во текстот на програмата беа вклучени детали за потеклото и содржината на песните. Публиката со симпатии и интерес ги слушна овие македонски бисери, облечени во виртуозна пијанистичка фактура со очигледни џез влијанија.Критичарот Пол Рид од веб-порталот Класикал Сорс (Classical Source) со воодушевување пишува за концертот: „Изведбата на сонатата од Хајдн беше грандиозна, енергична, покажувајќи ги карактеристичните контрасти на бура и стремеж. Двете збирки на варијации од Моцарт полни со досетливост и фантазија: одушевувачка изведба на Трпчески!” Рид ја истакнува и аристократски-елегантната и мајсторска изведба на ноктурната од Шопен. Посебно внимание е посветено на лондонската премиера на суитата на Панде Шахов. Рид објаснува дека основа на композицијата се четири македонски народни песни, но и два кратки цитата од Шопен. „Делото на Шахов е страствена пијанистичка композиција со возбудливи влијанија од џезот во стилот на Стравински и Пуланк. Композицијата со својата енергична виртуозност е во доменот на Рахмањинов и сосема му одговараше на пијанистичиот стил на Трпчески”.Џорџ Хил од лондонски Гардијан, пак, потцртува дека изведбите на останатите дела беа авторитативни и рафинирано изведени: Хајдн – беспрекорно спакуван, а Шопен – тонски облагородено и внимателно звучен. Критичарот посебно се осврнува врз суитата на Шахов со уште повеќе детали: „композиторот покажа способност за креирање на пијанистичка фактура и му овозможи на Трпчески да создаде многу бои и атрактивна техника. Трпчески ја искористи оваа шанса со обете раце! Вистински богато и атрактивно дело, изведено од Трпчески со особена топлина и пожртвуваност”.Возбудливата програма од овој концерт, Трпчески ќе ја изведе и пред домашната публика на концертите во Охрид (7 ноември) и Велес (8 ноември).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Македонскиот народен театар со „Жива досада“ гостуваа на фестивалот во Штип

На 11 септември, на 13. Театарски фестивал за деца „Малиот принц“ во Штип, Македонскиот народен театар ќе гостува со претставата „Жива досада“.
Гостувањето на МНТ е во организација на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, кој веќе традиционално обединува значајни детски театарски продукции од земјата и регионот.
Претставата, наменета за деца над пет години, се занимава со современа, но често игнорирана тема, досадата кај децата, и како може таа да биде врата кон креативноста, играта и самоистражувањето, наместо нешто од што треба да се бега. Иновативен и топол авторски проект на актерките Билјана Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан, а во режија на Јовановска.
„Досадата не е непријател, туку креативен простор, кој им овозможува на децата да се поврзат со себе и со светот околу себе“, вели актерката Изабела Јакимова, која е и една од авторките на текстот.
Во претставата настапуваат: Гоце Андонов, Нина Деан, Изабела Јакимова, Јана Вељановска и Билјана Јовановска (алтернација).
Преку духовита и интерактивна форма, „Жива досада“ ги охрабрува децата да ги откријат магичноста на досадата и вредноста на паузата – простор во кој настануваат најубавите игри, разговори и идеи. Истовремено, испраќа важна порака и до родителите да не го исполнуваат секој момент на детето со активности, туку да остават простор за самостојно растење.
Со ваквите репертоарски претстави ‒ МНТ продолжува да гради едукативен и инспиративен театар, а „Жива досада“ е пример за тоа дека детскиот театар може да биде уметнички сериозен, длабоко комуникативен и актуелен.
Култура
Киро Урдин автор на плакатот за „Браќа Манаки“: уметноста е во нијансите, боите се униформа

Оваа година мултимедијалниот уметник Киро Урдин е автор на плакатот за 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
-Разговаравме со одговорните луѓе од ИФФК „Браќа Манаки“ кои ми посочија дека имаат намера оваа година да му дадат еден уметнички аспект на визуелното решение за најновото издание. Во договор со фестивалските челници, имавме две-три опции, се одлучија за ова дело. Станува збор за слика која половина е апстрактна, а половина е лик на една дама. Бојата е повеќе во сино, но сметам дека бојата не значи ништо. Имам напишано еден афоризам „Уметноста е во нијансите, боите се униформа“, раскажува Урдин.
Вели дека во неговото творештво секоја слика е различна.
-Така сликам, така и размислувам. Повторувањето е знак на немоќ. Бидејќи основен постулат на уметноста е креативноста, значи треба постојано да се создава нешто ново, нешто креативно. Уметноста некогаш е успешна, некогаш е просечна, а некогаш е неуспешна, но зависи и од тоа кој е уметникот и кој е гледачот, смета Урдин.
Посочува дека првите чекори на кинематографијата почнуваат во Франција со браќата Лумиер.
-Постои една духовна паралела меѓу нив и браќата Манаки, но и меѓу Париз и Битола. Тие отвориле нови видици. Во тоа време не биле сфатени од своите современици, но биле големи ентузијасти и го отвориле тој пат на кинематографијата од кој сегашните генерации имаат голем бенефит. Особено многу ме радува податокот дека бројни добитници на Оскар се добитници и на Златна камера 300 што ја доделува фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. И тоа е голем успех за фестивалот. Тие оскаровци верувале, ја согледале репутацијата на фестивалот и дошле да ја примат наградата, вели Урдин.
Киро Урдин е роден 1945 година во Струмица. Дипломирал на правниот факултет во Белград во 1969 година. Во периодот од 1971 до 1973 година работел како новинар, а подоцна студирал на Академијата за уметност во Париз. Од страна на “Академијата на филмот” во Париз бил награден, а во 1982 – 1983 изработувал портрети на истакнатите учесници на “Струшките вечери на поезијата”. Од 1984 година тој работи како слободен уметник во повеќе земји.
Покрај сликарството и книгите ( афоризми “Le Dedoublement de la Personnalite”и “Le Dessin, le Pastel et l’Aquarelle of the contemporary arts” од издавачот Mayer) Урдин ги илустрирал книгите на Jacques Delors “Combats pour l’Europe” и на Анатолиј Карпов “Mes plus belles victoires”.
Сликата „Планетариум“ ( со површина од 48 м2.) која е реализирана низ најзначајните културни центри на светот, спаѓа меѓу најголемите во современа Европа е откупена и поставена во зградата на електронскиот гигант NEWAUS, во Ејндховен – Холандија. „Планетариум“ како мултимедијален проект се вбројува меѓу првите уметнички делa во ликовниот правец мондидализам. За „Планетариум“ е снимен и филм кoj беше прикажан во официјалната селекција на познатиот телевизиски фестивал во Монте Карло ( 1998 год.) Но, направил и балет кој бил прикажан на „Охридско лето“, во Торонто, Женева…
-Балетот „Планератиум“ е копродукција. Теди Вилсон е танчерска ѕвезда од Бројдвеј. Два пати е прогласен на балетски танчер на годината во Канада и кога го виделе филмот ми понудија да направиме балет. Се одигра на фесивалот „Охридско лето“ на сцената на Македонскиот народен театар, два пати се играше во Торонто, Чикаго, Анкара, а се одигра и во Женева на одбележувањето на 60 години на ОН. Тогаш беше прикажан и филмот „Планетариум“ во конгресната сала, раскажа Урдин вели дека за три часа комплетно ја променил сценографијата за овој балет по сугестија на една примабалерина непосредно пред премиерата.
За неговите изложби е пишувано во околу 600 весници, речиси во секоја од земјите каде што изложувал. Покрај спомнатите написи, има дадено и над 30 интервјуа за телевизиски канали.
Култура
„Е*и ми го синот!“ – филм што ја тестира границата на фестивалот во Торонто, режисерот зборуваше за делото

„Тоа е само ѓубре. Направено е од собирачи за собирачи.“ Со овие зборови режисерот Тод Рохал го опишува својот последен филм насловен – Е*и ми го синот!
Иако повеќето холивудски публицисти би се наежиле од ваков вид промоција, ова достигнување не е како повеќето филмови. Врз основа на субверзивниот француски стрип од Џони Рајан, филмот ја следи доминантната мајка (Роберт Лонгстрит) која киднапира жена (Типер Њутн) за да спие со нејзиниот гротескно обезличен син Фабијан (Стив Литл), пишува „Варајати“.
Сепак, краткиот синопсис не може да го долови целосното субверзивно и лудо искуство на филмот, кој дебитира оваа недела во делот „Полноќно лудило“ на Филмскиот фестивал во Торонто (TIFF). Фабијан е мутирана ѕверка покриена со брадавици и гној, со пенис со лавкрафтовски размери кој е постојано во движење. Филмот прикажува неверојатно насилство врз девојка и оперската супергрупа „Три тенори“, а воведната сцена е исполнета со нишање на гениталиите.
Токму ваквите елементи го натераа Рохал самиот да му даде на филмот рејтинг X (официјално класифициран како содржина наменета само за возрасни), што тој го гледа како начин за доведување во прашање на границите на слободата на говорот.
„Сите велат: „Знаете, не можете да го наречете филмот „Е*и го мојот син!“ Но, чии правила ги следиме сега? Кој вели дека не можете да правите такви работи?“ прашува режисерот.
„Каде почнува и завршува нашата цензура?“, прашува тој.
Рохал, љубител на иконски филмови кој работел на голем број неконвенционални проекти , вели дека со овој филм задоволил уникатен креативен нагон.
„Се чини дека постои празнина во светот на бескомпромисни работи што не се за Нетфликс, што не се дизајнирани да ја задоволат корпорацијата“, истакнува тој. „Како филмовите на Џон Вотерс ми дадоа дозвола да размислувам поинаку, или како да го гледам Гумо во кино за прв пат и да гледам луѓе како го исвиркуваат беше возбудливо.“
Инспирацијата за филмот дојде брзо по читањето на стрипот на Рајан, но Рохал признава дека речиси се откажал поради своите несигурности. Сепак, размислувајќи за неговите омилени режисери како Џон Вотерс и Џорџ Кучар, тој решил да го прифати предизвикот.
„Ги восхитувате оние луѓе кои имале успех во животот, но исто така лесно можеле да постојат на маргините“, објаснува тој.
Имајќи ја предвид дивата тема, Рохал нагласува дека филмот е наменет да се гледа со публика и ќе биде достапен ексклузивно во кината долго време по неговата премиера на TIFF.
„Од самиот почеток беше направен да не се стримува. Не сакаме да го продадеме на Netflix. Сакаме да биде нешто во кое сакате да се протнете ако сте малолетни. Вашите родители ќе ви се налутат ако дознаат дека сте го виделе ова“, вели режисерот.
Рохал верува дека постои интерес за такво уникатно искуство и очекува филмот да почне да се прикажува во независните кина низ САД до средината на октомври.