Култура
Светлана Христова –Јоциќ и Иво Одехнал добитници на „Книжевно жезло“
Традиционалната поетска манифестација „Празник на липите“, започна денеска во Друштвото на писателите на Македонија.
Традиционалната поетска манифестација „Празник на липите“, започна денеска во Друштвото на писателите на Македонија. Македонската поетеса Светлана Христова-Јоциќ и чешкиот поет Иво Одехнал се годинешните лауреати на наградата „Книжевно жезло“, за поетски опус со високи естетски остварувања , што традиционално ја доделува Друштвото на писателите на Македонија. Одлуката едногласно ја донеле членовите на Организацискиот одбор на меѓународната манифестација „Празник на липите”. Признанијата на годинешните добитници на наградата, им ги врачија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а ДПМ објави посебна публикација со избор од поезијата на лауреатите на македонски, чешки и на англиски јазик.„Празникот на липите е прекрасен и благороден чин, меѓународен фестивал кој трае подолго од цутењето на липите. Тоа е средба на литературите и културите, подадена и возвратена рака кон убавиот поетски збор, творечка креативна мисла и размисла која ги надминува локалните граници и ги надвишува сите бариери. Потврда за тоа се и годинешните лауреати и нивното творештво, но и бројните автори создатели на песни и есеи посветени на липата на Градот Скопје, љубовта, животот и поезијата“, изјави Христо Петрески, претседател на советот на „Празник на липите“.„Липите се препознатлив дел на скопските пејзажи и се интегрален дел од старите скопски улици, затоа манифестацијата празникот на липите претставува еден вид на симбиоза на различните естетски компоненти на градот Скопје“, изјави Коце Трајановски, градоначалник на град СкопјеСветлана Христова – Јоциќ е авторка на низа стихозбирки што оставија свој печат во развојните текови на македонската поезија во изминатите четири децении. Меѓу нејзините најзначајни поетски книги се вбројуваат: „Калесница”, „Скришен човек”, „Еа“, „Самечка ќелија“ и „Големата молитва“. Таа е покренувач на манифестациите „Празник на липите“, Македонските духовни конаци и на книжевните ревии „Стожер“ и „Портал“.Чешкиот поет Иво Одехнал е роден 1936 година во Валашске Клобоуки. Бил професор по филозофија и директор на книгоиздателството „Блок” во Брно. Една деценија работел како главен уредник на филијалната редакција на „Фортуна принт“. Бил учесник на Струшките вечери на поезијата. Во неговиот богат творечки опус посебно место зазема поемата „Песна за великоморавската обетка“, објавена во 1980 година. Автор е и на стихозбирките: „Змиски ум“, „Оган што цути“, „Заљубен Декарт“, „Пагански глад“, „Кула на љубезниот ветер“, „Црн албатрос“. Добитник е на книжевни награди во Чешка, а негови песни се преведени на руски, англиски, полски, словачки и на германски јазик.Во рамки на манифестацијата „Празник на липите“, чешкиот поет Иво Одехнал беше прогласен за почесен поет на Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со два филма на репертоарот вечерва почнува 24. „Синедејс“
Со добитникот на Златаната палма на Канскиот фестивал „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи и биографискиот документарец „Човек лавина“ за Драгољуб Ѓуриќиќ, првиот тапанар на Леб и сол во режија на Слободанка Радун, вечерва се отвара 24. Фестивал на европски филм „Синедејс“.
„Многу вешто го создадовме ова издание на фестивалот, кое ќе нé однесе на платно пред врвот на европската кинематографија, пред најновите и наградувани филмови со кои Скопје ќе дише следниве денови. Возбудени сме затоа што отвораме со два феноменални филма, кои го најавуваат програмскиот ракурс на фестивалот“ – вели Маргарита Арсова програмски координатор на „Синедејс“.
Киното Фросина е резервирано за филмскиот мајстор Џафар Панахи, кој со „Тоа беше само несреќа“ создава длабоко човечки морален трилер, каде што високата напнатост се испреплетува со ненадејни напливи на хумор и содржајни, напати болни, прашања за прогонство и одмазда. Феноменален филм кој филм што е снимен тајно, ги одразува неговите искуства во затвор и неговите искуства со државната репресијa. Филмот е избран како француски кандидат за наградата Оскар во 2026 година во категоријата Најдобар меѓународен долгометражен филм.
А во Салата 25 мај ќе се прикаже филмот „Човек лавина“ на Слободанка Радун. Филм-портрет чие што прикажување пред скопската публика носи особена возбуда, бидејќи тапанарот Ѓуриќиќ, дел од својот живот го дава токму на оваа музика и народ.
„Скопје е важен град во животот на Драгољуб Џуричиќ и затоа и се радувам на македонската, скопската публика. Со филмот сакав да ја прикажам комплексната слика за Драгољуб Џуричиќ, музичар со необична кариера од една страна и човек со негов систем на вредности, карактер и енергија. Се трудев да избегнам негова митологизација и да го насочам филмот кон емоции, а не патетика. На таа линија беа и сите соговорници со кој Драгољуб соработувал како Здравко Чолиќ, Влатко Стефановски, Рамбо Амадеус, Дејан Цукиќ, Лав Братуша, Никола Чутурило и многу други – вели Слободанка Радун, режисерка на филмот „Човек лавина“.
Под слоганот „Се гледаме од другата страна“ од 3 до 10 декември се случува 24. „Синедејс“.
Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во кино Фросина и Дансинг салата 25 мај.
Билетите за овогодишното издание ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови, а може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk, како и на самиот влез на МКЦ.
Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ. Останати финансиски покровители се Градот Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европски филмски фестивали како и мрежата Лајвјуроп.
Култура
Француска експлозија на овации за „Дон Кихот во Скопје“ во срцето на Париз
Француската премиера на делото „Дон Кихот во Скопје“ од Дијана Имери Илкоска и Дино Имери, изведена на 30 ноември во волшебната париска црква „Petite Etoile“, беше дочекана со бурни овации и ентузијазам што ретко се гледа на концертна сцена. Публиката, видливо воодушевена од моќната интерпретација и од уникатноста на делото, не престануваше да ги враќа музичарите на сцената со силни и долги аплаузи.
Ова исклучително музичко дело, кое македонската публика го слушна за првпат во октомври во фоајето на Националната опера и балет со Камерниот оркестар „ID“, отпатува во Париз за својата прва меѓународна турнеја. Таму, беше изведено од престижниот француски ансамбл „Хефестус“, под диригентската палка на Дијана Имери Илкоска, со Дино Имери како пијано-солист и Бојан Илкоски како концерт-мајстор. Покрај македонската премиера, концертот во Париз беше и промоција на најновите трендови во современата музика, дополнета со дела од француски, канадски и италијански композитори.

За овој голем меѓународен момент, ко-авторката и диригентка Дијана Имери Илкоска изјави: „Да се добие покана за настап со ансамбл како ‘Хефестус’, составен од врвни музичари, е огромно признание – и за изведувач и за композитор. Дополнителната возбуда ја донесе и самата атмосфера на Париз. Кога нашиот 7/8 ритам од финалето на првиот став прозвучи меѓу делата на француските автори, ме преплави силна емоција, а публиката веднаш ја препозна – и ни возврати со громогласни аплаузи.“
Ко-авторот и пијанист Дино Имери додава дека концертот за него носи и длабоко лично значење: „Создавањето и приемот на ‘Дон Кихот во Скопје’ уште еднаш ми ја потврдија универзалноста на борбата против трите ветерници – неправдата, лицемерието и рамнодушноста. Убаво е кога ја слушаш својата музика во рацете на музичари како ‘Хефестус’, посветени на новосоздадена музика. Емоцијата беше уште посилна затоа што го делев овој момент со Дијана на подиумот, со Бојан Илкоски како концерт-мајстор и со флејтистката Богдана Бушевска – вистински амбасадор на македонската култура во Париз.“
Делото „Дон Кихот во Скопје“, напишано по нарачка на Шпанската амбасада по повод Националниот ден на Шпанија, ја прераскажува борбата на славниот Сервантесов херој против трите современи „ветерници“ – Неправдата, Лицемерието и Рамнодушноста. Во приказната на авторката Тина Иванова, Дон Кихот доаѓа во Скопје, победува и ни остава порака: да ги слушнеме фанфарите не на победата, туку на човечкото достоинство.

Музички, делото претставува редок спој на шпански и македонски фолклор, обликуван во современ симфониски јазик преку инвентивна оркестрација, ритмички пресврти и препознатлива мелодска експресија.
Учеството на Дијана Имери Илкоска и Дино Имери во Париз беше овозможено со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Македонскиот „Дон Кихот“ го освои Париз. Ова е само почеток на неговото патување низ светот.
Култура
Изложбата „Кој кого жени?“ од Хрватска гостува во Музејот на македонската борба за самостојност
Изложбата „Кој кого жени?“ на Замокот Тракошчан од Република Хрватска, ќе гостува во НУ Музеј на македонската борба за самостојност.
Свеченото отворање е на 4 декември 2025 (четврток) во 13 часот, a тематски фокус на изложбата е придонесот и значењето што го имале благородничките во хрватското општество и во нивните семејства.
Македонската публика има можност да ја види оваа изложба до 11 јануари во галерискиот простор на првиот кат од музејот.
Гостувањето е резултат на соработката меѓу институциите и е воедно поттик за продлабочување на културните врски меѓу двете земји. Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска.

