Македонија
Во вторникот издадени потврди на 2.582 мигранти
Во вторникот од страна на МВР биле издадени потврди за искажана намера за поднесување на азил на вкупно 2.582 странски државјани, од кои, 1.582 се од машки пол, 319 се од женски, 529 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 152 деца кои патуваат без родител.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија – 1.827, Авганистан – 481, Ирак – 88, додека другите се во помал број.
Во периодот од 19-ти јуни до 7-ми октомври, издадени се потврди на вкупно 122.952 странски државјани, од кои, 81.156 се од машки пол, 16.271 се од женски, 21.148 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 4.377 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија – 89.089, потоа Авганистан – 17.080, Ирак – 7.929, Пакистан – 3.155, Палестина – 1.228, Иран – 892, Сомалија – 740, Бангладеш – 731, Конго – 426, Нигерија – 229, Камерун – 200, Еритреја – 168, Етиопија – 144, Судан – 121, додека останатите се во помал број.
Од започнувањето на издавањето на потврдите до 7-ми октомври, до Одделението за азил се поднесени 50 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда , при што 37 барања се од државјани на Сирија, од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан и Авганистан од нив четири се деца кои го придружуваат родителот, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и Ирак (едно од барањата е за деца) и едно барање од државјанин на Египет
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 6-ти октомври, евидентирани е еден барател на азил. Дополнително, согласно член 48 од Законот за азил и привремена заштита едно малолетно лице без придружба на старател, двајца мажи и малолетно лице со придружба се згрижени на друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ристо Пенов ја отвори конститутивната седница на Советот на Град Скопје
Како највозрасен меѓу советниците во Советот на Град Скопје, поранешниот градоначалник на главниот град и член на Либерално-демократската партија, Ристо Пенов ја имаше честа да претседава со првата седница на новиот состав.
Со искуство, стабилност и визија, Пенов повторно ја потврди заложбата на ЛДП – Скопје да стане модерен, зелен и функционален град за сите, велат од партијата.
„Нашите приоритети за следниот мандат се активностите за почисто и позелено Скопје, воспоставување на паметен и одржлив сообраќај, модерен урбан развој на градот и зголемено ниво на транспарентност и соработка меѓу градот и општините“, изјави Ристо Пенов.
Ристо Пенов влезе во Советот како носител на советничката листа за Град Скопје на коалицијата „Искуство за успех“. Меѓу останатите програмски заложби на Пенов се и загарантираниот буџет за велосипедски патеки и инфраструктура, субвенциите за велосипеди за граѓаните кои со нив одат на работа и повторното заживување на Градскиот Трговски Центар, посочуваат од ЛДП.
Македонија
ЕУ го поздрави договорот: Железницата меѓу Македонија и Бугарија ќе ја зајакне регионалната безбедност
Европската Унија го поздрави потпишувањето на Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8 меѓу Македонија и Бугарија.
На „Икс“ мрежата, претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта напиша дека изградбата на железницата е потик во регионалниот развој и зајакнување на регионалната безбедност.
„Го поздравувам потпишувањето на договорот за прекуграничниот тунел на Коридорот 8 меѓу Бугарија и Северна Македонија – голем чекор напред во соработката меѓу двете земји и промоција на добрососедските односи. Освен што развива билатерални врски, новата железница ќе го поттикне регионалниот просперитет и ќе ја зајакне нашата заедничка безбедност“ стои во објавата на претседателот на Европскиот Совет.
Исто така и еврокомесарката Марта Кос го поздрави потпишувањето на Договорот и објави:
„Бугарија и Северна Македонија се согласија да ја продолжат работата на Коридорот 8. Клучен проект што ги поврзува Јадранското Море со Црното Море преку пат и железница. Ова е важен чекор за градење доверба преку регионална поврзаност, заеднички просперитет и комуникацијата меѓу луѓето“, напиша еврокомесарката Кос.
Договорот за изградба и оперативност на железничкиот тунел на Коридор 8, вчера во Ѓуешево го потпишаа заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов.
Пругата на Коридор 8 покрај економското значење за Македонија, за регионот и Европа, има и безбедносно значење од аспект на НАТО Алијансата.
Македонија
Ѓорѓиевски за акцијата за чистење: Ова што вчера го почнавме не е маркетинг
Ова што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака – сè се може, вели градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во врска со најавената голема акција за чистење на Скопје, чиј почеток беше означен синоќа кај салата „Борис Трајковски“, а на која беа присутни градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ на скопските општини, како и премиерот, Христијан Мицкоски.
Ѓорѓиевски, другите градоначалници и премиерот синоќа на „Фејсбук“ објавија фотографии од камиони и друга механизација што ќе го чисти Скопје, а беа објавени и фотографии од работници со лопати, багери во „Вардариште“ и слично.

„Завршува времето кога Скопје беше град на депонијата. Уште вчера, од првиот ден од преземањето на функцијата градоначалник, ја почнавме генералката за чистење на градот. И тоа нема да биде само 72-часовна акција – тоа ќе продолжи во континуитет секој ден. И ова што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака – сè се може. Тоа, всушност, е наша обврска, за тоа граѓаните нè плаќаат. Чистиот воздух, почитувани, многу зелени површини и решенија за отпадот се темелите на еден здрав град. Скопје мора да стане лидер во еколошките политики, со конкретни и видливи резултати“, објави скопскиот градоначалник.
Инаку, денеска се одржа првата конститутивна седница на Советот на Град Скопје со новиот состав и со Ѓорѓиевски на чело. Тој рече седницата е чин, каде што се испраќа силна порака дека демократијата живее преку одговорноста, соработката и визијата за подобро Скопје.
„Во наредниот период ќе се фокусираме на неколку клучни приоритети: да обезбедиме ефикасен јавен превоз, но и да го модернизираме, кој ќе ги поврзува сите делови на градот. Ќе вложуваме во нови автобуси, подобрување на сообраќајната сигнализација и безбедноста на улиците. Нема да дозволам урбанизацијата да биде хаотична, туку планирана и во интерес на граѓаните. Тоа го покажав во Кисела Вода, а така ќе биде и во градот Скопје. Ќе се залагаме за рамнотежа меѓу развојот и заштитата на јавниот простор“, објави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека Градот ќе обезбеди поддршка за младински проекти, иновации, културни иницијативи и спорт и дека ќе обезбеди јавен пристап до сите информации, отворени податоци и отчетна администрација.
„Транспарентноста е исто така еден од врвните приоритети на кои се фокусираме. Скопје од вчера е отворен град за сите. Граѓаните мора да знаат како се користи секој денар од градскиот буџет. Ќе обезбедиме јавен пристап до сите информации, отворени податоци и отчетна администрација“, рече Ѓорѓиевски.

