Култура
Скопскиот џез фестивал стартува во четврток

Со лајв-промоцијата на проектот Амам на македонско-италијанското трио Скопје конекшн, во четврток , во Домот на армијата стартува…
Со лајв-промоцијата на проектот Амам на македонско-италијанското трио Скопје конекшн, во четврток , во Домот на армијата стартува 28-то издание на Скопскиот џез фестивал.Оваа година фестивалот е дисперзиран на неколку локации – Домот на армијата, Универзалната сала, Македонската опера и балет и ноќниот клуб Хард рок. „Скопје Конекшн“ го сочинуваат Емин Џијан, Георги Шарески и Лука Акуино. По промоцијата на „Амам“ во клубот Хард рок ќе се одржи промоција на новото издание на Скопскиот џез фестивал, „Jazz from Macedonia“, издание наменето пред се‘ за странскиот пазар. Втората вечер, со поднаслов „Жени во џезот“, ќе ја претстави германската пијанистка Аки Такасе со проектот инспириран од музиката на славниот пијанист Фетс Волер, како и групата на популарната џез-перкусионистка Мерлин Мазур. На 24 октомври, во рамките на третата фестивалска вечер, ќе настапат две големи имиња на современиот американски џез: саксофонистот Џејмс Картер со својот квинтет и триото на пијанистот Бред Мелдау. Претпоследната вечер на Фестивалот е посветена на одбележувањето на 40-тиот роденден на култната џез етикета ECM, со два специјални концерта: првиот, на уникатниот норвешкиот двоец Арве Хенриксен / Јан Банг, а вториот, на џез-иноваторот Џон Хасел и неговиот проект „Маарифа Стрит“. Фестивалот ќе го заокружи супергрупата „Power Of Three“ на легендарните Чик Кореа, Стенли Кларк и Лени Вајт. Покрај редовната програма, Скопскиот џез фестивал и оваа година нуди квалитетни и возбудливи полноќни настапи на неколку современи џез имиња: новата американска пејачка ѕвезда Хозе Џејмс, бразилскиот гитарист Чико Пињеиро со својата „Банда“, како и квартетот на италијанскиот саксофонист Микеле Полга.Постерот на Фестивалот оваа, како и минатата, година го изработи македонската дизајнерка Неда Фирфова. /крај/фо
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.