Култура
„Домот на куклата” од Ибзен на македонски јазик
„Македонска реч” од Скопје неодамна го објави познатото драмско дело „Домот на куклата” (попознато и по насловот „Нора”) на големиот норвешки писател Хенрик Ибзен, во компаративен превод на Ленче Тосева
„Домот на куклата” е пиеса со извонредна драматуршка конструкција и е најчесто поставуваната драма на Ибзен. Во времето кога се појавила, била исклучително смела во третманот на жената во општеството и семејството и во контекстот на цврстите морални норми, што предизвикала многу полемики, но и восхит.Ова дело на Ибзен се појавило во 1879 г., во времето на револуции и општествени промени, кога се појавува и движењето за рамноправноста на жената. Токму оваа драма во тоа време предизивикала бура од реакции, преку приказната за жената која е сопруга и мајка, но која пред се’ сака да биде слободна жена. Била жестока критика на општеството со силна порака за индивидуалната слобода. Преку неа Ибзен внесува нова поетика и естетика во драмската литература, врз која се темели една нова ера на драмската уметност во Европа и во светот. Во неа тој ги внесува елементите на модерната драма, создава динамичен дијалог, кој уште подинамично ги зацврстува психолошките конструкции на ликовите. Оваа драма молневито ја освоила Европа и с# уште не се симнува од театарските сцени во светот.Најголемиот норвешки драмски писател Хенрик Ибзен (1828-1906) дури триесетина години од својот живот минал надвор од татковината, кога ги напишал своите највредни драмски дела, меѓу кои е и „Домот на куклата” (во театарските кругови уште од тоа време преименувана како „Нора”), а со чие објавување Ибзен дефинитивно норвешката драмска литература ја исфрлил во светскиот врв.Работел како драматург и управник на театар. На млади години од револт ја напуштил својата земја, а од доброволниот егзил се вратил во 1891 г., триумфално, како автор со светска слава. Напишал дури 25 драмски пиеси, од кои голем број и денес се поставуваат на театарските сцени во светот. Неговата писателска активност е прекината во 1900 г. откако доживеал мозочен удар и останал неподвижен и неспособен за пишување.Ибзеновите пиеси се психолошки о општествено-политички драми, во кои се анализираат моралните проблеми. Со своето творештво извршил огромно влијание врз културниот живот во нордиските земји, но и врз англиската, француската и германската литература (а токму во Германија овој негов драмски текст станува посебно популарен и во тамошните театри е преименуван во „Нора”). Познат е по неговата мајсторска обработка на женските ликови, а неговите социјално-критички драми се оценувани како темни и мачни драми. За нив и самиот рекол дека во нив тој поставува прашања, но не дава одговори.Хенрик Ибзен, награден со повеќе норвешки и европски признанија и награди, ја обележа епохата во светската драмска литература и театар на 19 и 20 век. Заедно со Чехов и Стриндберг извршил силно влијание врз новата светска драматургија.Најпознати дела му се драмите „Домот на куклата” („Нора”), „Столбовите на општеството”, „Народен непријател”, „Хеда Габлер”, „Пер Гинт”…Ибзен го минал контрадикторниот пат од лекарски помошник до почесен доктор, од трпелив самоук и контроверзен провинциски бунтовник до сематорски мудрец и светски автор, одликуван и наградуван. По карактер и нежен и насилник, Ибзен е талкач по светот, а во литературата е мајстор на симболистичко-експресионистичката драма. Самата негова биографска приказна му е исполнета со постојана напнатост, конфликти и драматични пресврти. Неговите драми доживуваат невидени тиражи, а за него е напишана цела библиотека статии, огледи, теориски толкувања на многу јазици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.

