Култура
Изложба на Александар Филев во Куманово
Во Изложбениот салон на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово во четврток, 10 декември (19:30 часот), ќе биде отворена изложба на слики и мозаици на академскиот уметник Александар Филев од Струмица
Изложбата се реализира како резултат на долгогодишната успешна соработка и размена на програмски содржини помеѓу Националната установа Центар за култура „Антон Панов “ – Струмица и НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово.Александар Филев е роден 1982 во Струмица. Своето образование го започнува во Средното училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје за да продолжи на Факултетот на ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство со конзервација и реставрација во класата на проф. Благоја Маневски. Од 2001 година е асистент во отвореното студио за современ мозаик кое работи под менторство на проф. Газанфер Бајрам и е 17 години во рамките на Меѓународната струмичка ликовна колонија. Учествува во изработката на монументалните мозаици во Меморијалниот центар во с. Пелинце, како и во повеќе ликовни проекти и групни изложби во Скопје, Штип, Струмица… Добитник е на наградата Mozaico Oggi – Италија за успешно мозаично решение. Неговите дела се наоѓаат во многу приватни и државни збирки и институции, меѓу кои и во Меѓународната струмичка ликовна колонија, Музејот за современ мозаик Bracciano – Италија, но и како мозаични решенија на повеќе сакрални објекти. Оваа изложба беше промовирана и во Македонскиот културен центар во Софија, Р. Бугарија, а во Куманово ќе биде поставена во наредните десетина дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Јон Вардар повторно во Бразил
После Јужноамериканската премиера на Јон Вардар против Галаксијата на еден од најголемите филмски фестивали во Латинска Америка, престижниот Мостра до Сао Паоло, првиот македонски долгометражен анимиран филм повторно патува за Бразил.
Овојпат, Јон Вардар ќе биде прикажан во „бразилското Сен Тропе“ на 6. декември, на 14тото издание на меѓународниот филмски фестивал Балнеарио Камбориу.
Режисерот Цветановски изјави дека поканата за учество ја добил од директорот на фестивалот веднаш после проекцијата во Сао Паоло.
„Се‘ уште сум воодушевен од реакцијата на бразилската публика. После првата проекција се сликав со група весели ученици со кои разговаравме за филмот, а потоа следеше и интервјуто за бразилскиот сервис на ‘Си-ен-ен’. Драго ми е што филмот наиде на интерес во Бразил и повторно ќе биде прикажан таму“, изјави Цветановски.
Ова е четврта фестивалска презентација на Јон Вардар против Галаксијата, а Цветановски најави возбудливи новости во текот на 2025.
Култура
Македонскиот филм М со ново гран при, овој пат во Шведска
Македонскиот филм М, во режија на Вардан Тозија, а во продукција на „Фокус покус“, ја освои главната награда за најдобар филм на интернационалниот фестивал на жанровски филм Light Till Dark во Оребро, Шведска.
„Овој филм носи нова перспектива на еден познат жанр. Филм со силни актерски изведби и сензитивна режија. Тоа е прекрасен филм, еднакво визуелно и тематски. Филм кој нè остава со надеж, но и скршено срце“, беше образложението на интернационалното жири.
Фестивалот Light Till Dark е фестивал чија селекција обединува нови и класични филмски дела од областа на фантастиката, научната фантастика и хоророт. „Целта на овој фетивал е да се промовираат жанровски филмови, но и да се откриваат нови дела, кои не стигнуваат во широка дистрбуција“, изјави Даниел Лундстен, директорот на фестивалот.
М не запира со својата фестивалска турнеја. Следни проекции ќе се одржат на почетокот на декември, каде што М ќе ги има својата холандска и финска премиера во рамките на официјалните селекции на фестивалот Eastern Neighbors во Хаг и Интернационалниот скандинавски филмски фестивал во Хелсинки.
Култура
Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“
Првата читачка проба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин започна денес, а асистент на режија е Шенај Мандак.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Како сценограф се потпишува Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.
Овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Бранислав Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ. Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период – ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ.
Во 80 години постоење, од 1945 година до денес, поставени се осум негови дела со вкупно шеснаесет постановки од повеќе режисери и во различни верзии.