Македонија
Од август 53 родилки го посетиле лактариумот на Клиниката за гинекологија

Лактариумот на Клиниката за гинекологија од неговот отворање од август го посетиле 53 мајки, а експресираното мајчино млеко е вклучено во исхраната на 61 новородено дете меѓу кои и осум пара близнаци, соопшти Министерството заљ здравство.
Во рамки на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, од почетокот на месец август, функционира лактариум наменет за мајките-родилки кои веќе го напуштиле родилиштето, а чии новородени деца се третираат на одделението за интензивна неонатална нега и терапија.
Во лактариумот, мајката-родилка прави експресија (измолзување) на млекото, а потоа експресираното мајчино млеко е вклучено во исхраната на новороденото дете. Лактариумот е организиран согласно Водичот за експресија и употреба на мајчино млеко. Од почетокот на функционирањето, лактариумот го посетиле вкупно 53 мајки, а експресираното мајчино млеко е вклучено во исхраната на 61 новородено дете меѓу кои и осум пара близнаци. За експресија на мајчиното млеко се употребуваат рачни пумпи за еднократна употреба, кои ги обезбедува Клиниката.
„Функционирањето на лактариумот овозможува унапредување на грижата за ранливите категории на новороденчиња, а воедно придонесува кон подигнување на свеста за значењето на мајчиното млеко. Имено, мајчиното млеко е многу значајно за подобрување и зајакнување на имунитетот кај ранливите групи на новороденчиња, особено предвремено родените деца, новороденчињата со мала родилна тежина, или болните новородени деца. Исхраната со мајчино млеко овозможува и други придобивки, како што се: унапредување на севкупниот развој на новороденчето (физички, моторен, социо-емоционален и когнитивен развој), намалување на ризикот од хронични и автоимуни болести (алергија, aстма, дијабет и разни инфекции) во периодот на детството, како и намалување на можноста за понатамошна појава на хронични незаразни заболувања. Воедно, на овој начин се постигнува значаен психолошки ефект на зајакнување на емотивната врска помеѓу мајката и новороденчето“, се вели во соопштението на МЗ.крај/мз
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.