Македонија
Жените од Шуто Оризари со петиција бараат матичен гинеколог
Жените од општина Шуто Оризари самоиницијативно спроведоа петиција за отворање на ординација на матичен гинеколог во нивната општина, при што беа собрани околу 2200 потписи и ќе ја достават до Министерството за здравство.
Жените од општина Шуто Оризари уште еднаш алармираа за потребата за отворање на ординација на матичен гинеколог. Тие во јуни минатата година го покренаа ова прашање, по што се понуди парцијално решение. По налог на Министерството за здравство од 1 јули 2014 во здравствениот дом во Шуто Оризари се обезбедуваат гинеколошки услуги еднаш неделно. На овој начин ни од далеку не можат да се задоволат потребите на жените од општината и не се нудат услуги кои ги нудат матичните гинеколози, односно не може да се следи бременост, не се прават ПАП тестови и микробиолошки брисеви, ниту, пак, може да се упатуваат жените за лабораториски испитувања и до болничките установи. Салија Бекир Халил, активистка од самата заедница, денес истакна дека повеќе од 8000 жени од Шуто Оризари кои се наоѓаат во репродуктивен период немаат матичен гинеколог во својата општина, а со тоа им е отежнат пристапот за редовно следење и грижа за своето репродуктивно здравје. Преку петицијата, жените од општина Шуто Оризари бараат Министерството за здравство да најде начин за отворање на постојана ординација на матичен гинеколог, со што ќе се гарантира правото на пристап до квалитетни услуги поврзани со репродуктивното здравје кое го ги имаат сите граѓани на Македонија. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски: Со бесплатните Wi-Fi зони и електронските уреди го надминуваме дигиталниот јаз меѓу студентите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска оствари работна посета на Филозофскиот факултет во Скопје, каде заедно со деканот Оливер Бакрески ја потврдија досегашната успешна соработка преку потпишување Меморандум за соработка и ја претставија новата бесплатна интернет зона наменета за студентите.
„Можам да најавам дека ова е првата ваква зона која Министерството за дигитална трансформација ја обезбедува од сопствени средства. Вакви зони ќе предвидиме и во студентските домови каде што постои потреба, како и на останатите факултети и универзитети. Најмногу се фокусираме на просторот каде што се присутни најмногу студенти и професори,“ изјави Андоновски.
Министерот се осврна и на проектот за ваучерите за електронски уреди за студенти, за кој што рече дека со овие два проекти се овозможува надминување на дигиталниот јаз кој што постои меѓу студентите.
Во рамки на посетата, тој се обрати и пред студентите, потенцирајќи дека државата и Владата веруваат во нивните способности и им даваат безрезервна поддршка. Тој ги охрабри студентите да ја користат секоја можност, да учат, да напредуваат и да созреваат, бидејќи „тие се иднината која треба да ја води Македонија напред“.
Македонија
СДСМ обвинува за тендерски скандал: Вториот вработен во фирмата со договори од 9 милиони евра бил поврзан со УБК и уништувањето на опремата за прислушување
На прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, обвини дека власта продолжува со, како што рече, „криминални тендерски шеми“. Таа посочи дека вториот вработен во фирмата која добила тендери од речиси 9 милиони евра за само шест месеци е Глигор Поцев.
Кузеска наведе дека Поцев бил сведок во случајот „Таргет–Тврдина“ за уништувањето на опремата за масовно прислушување, како тогашен вработен во УБК во периодот на Сашо Мијалков. Таа нагласи дека токму фирмата во која тој сега работи склучила рамковна спогодба со Владата за софтверски лиценци за виртуелна платформа.
„Како лица кои биле дел од разузнавачки структури, поврзани со процеси за уништување на опремата за прислушување, денес повторно се во игра за милионски тендери за софтвери?“, праша Кузеска, додавајќи дека изборот на истите кадри од „тој период“ не може да биде случаен.
Таа оцени дека скандалот со тендери вредни 9 милиони евра, дадени на фирма со само две лица и формирана пред една година, покажува дека кај Мицкоски се применуваат „истите методи“ како во времето на Никола Груевски и Сашо Мијалков.
„Методите се исти – милионски тендери за фирми со сомнителна историја, целта е богатење на партијата и поединци од врвот на власта“, изјави Кузеска.
СДСМ побара институциите да спроведат истрага и да утврдат одговорност, истакнувајќи дека „овие дела не застаруваат“ и дека, како што рече, „одговорност мора да има и ќе има“.
Кузеска заклучи дека „работата сè уште не е завршена“.
Македонија
Штрајк на земјоделците ја блокира грчката страна на граничниот премин Дојран
Сообраќајот на граничниот премин Дојран од грчка страна денеска е блокиран од 10.30 до 12.30 часот поради штрајк на земјоделците, соопштија надлежните служби.
Прекинот важи за сите видови возила.

