Економија
Косово наесен започнува со изградбата на автопат до Македонија

Косово кон крајот на годината планира да започне изградбата на автопатот кој ќе ги поврзува Приштина и Скопје, поточно косовскиот дел до граничниот премин Блаце, кој се очекува да биде готов за 42 месеци.
За ова во вторникот во Приштина бил информиран македонскиот министер за економија Ваљон Сараќини на средбата со косовскиот министри за инфраструктура, Фехми Мујота.„Од нивна страна веќе се завршени сите детали и се очекува само да се избере компанијата која ќе го изгради автопатот, а согласно програмата на нашата Влада, Македонија треба да го објави јавниот повик за изнаоѓање на компанија која ќе го гради делот од автопатот Скопје-Блаце во втората половина од 2014 година“, изјави Сараќини.Тој додаде дека претходно треба да бидат завршени сите други процедури и да се изработи физибилити студија и да се одлучи кој извор на финансии е најприфатлив“, На средбата меѓу министрите станало збор и за користење на македонските искуства од страна на Косово во делот на легислативата што ги опфаќа минералните суровини.Министерот за инфраструктура Фехми Мујота истакна дека посетата на министерот Сараќини е во вистинско време и нагласи дека очекува во скоро време да се склучи договор во областа на транспортот помеѓу двете држави.„Очекувам во скоро време да имаме и договор во областа на транспортот, бидејќи тој е многу значаен за да нема потреба од воведување на реципрочни мерки“, рече Мујота и додаде дека таксата од сто евра, беше донесена заради големиот притисок од косовските транспортери.Сараќини за време на работната посета на Република Косово оствари средби и министрите за економски развој и за финансии, Фадил Исмаили и Бесим Беќај.Притоа министерот Исмаили оценил дека капацитетот за соработка во областа на енергетиката меѓу двете земји е многу голем. „Косово има големи количини јаглен коишто можеме да ги извезуваме во Македонија за производство на електрична енергија. Македонија во минатото го користеше нашиот јаглен и затоа сметам дека тоа претставува уште една можност за успешна соработка и во иднина“, рече Исмаили.Сараќини изразил задоволство од степенот на развивање на економската соработка со Република Косово, потсетувајќи дека вредноста на трговската размена со Косово во првиот квартал во 2013 годината изнесува околу 96.202 милиони долари, со суфицит на македонска страна од 78.384 милиони долари, како дополнителен мотив за уште поголемо унапредување на соработката. „Разговаравме за повеќе значајни проекти за економскиот развој на двете држави и се надевам дека соработката која денес ја имаме на економски план ќе продолжи и ќе се интензивира. Со Косово имаме многу заеднички работи кои треба да ги завршиме согласно препораките на ЕК и Енергетска заедница, а се договоривме заедно да аплицираме, со заеднички проекти до меѓународните фондови, за да можат нашите компании успешно да аплицираат и да ги реализираат преговорите за апликации“, изјави Сараќини. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.
Економија
Гувернерот Славески се сретна со претседателот на Федералните резерви на САД: истакната важноста на зачувувањето на независноста на централните банки

Во рамките на 95-тото генерално собрание на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) во Базел, Швајцарија, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, се сретна со претседателот на Федералните резерви на САД (ФЕД), Џером Пауел.
На средбата беше истакната важноста на зачувувањето на независноста на централните банки како основа за ефикасна монетарна политика, насочена кон ценовната и финансиската стабилност. Се разменија мислења за светските предизвици и за потребата од соработка помеѓу централните банки, соопшти Народната банка.
Гувернерот Славески ја нагласи важноста на постојаната комуникација со водечките монетарни институции и на размената на искуства како значаен придонес за стабилен и отпорен финансиски систем.
Економија
Манасиевски: Македонија ќе стане транзитен центар за гас и нето извозник на струја

„Од држава што увезуваше струја и беше енергетски слепо црево, сега стануваме транзитен центар за гас и иднина на извоз на енергија – ова е енергетиката со ВМРО-ДПМНЕ,“ порача денеска Валентин Манасиевски.
Манасиевски го презентираше прегледот на првата година работа на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во секторот енергетика, потенцирајќи дека е направен радикален пресврт по, како што рече, „седум години застој и злоупотреби“.
Тој најави дека преку новите гасни интерконектори со Грција и Србија, Македонија ќе стане клучна транзитна точка за пренос на природен гас кон Србија и Средна Европа. Станува збор за гас од ТАП гасоводот и од терминалот во Александропулис, кој ќе поминува низ земјава со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно.
„Ова значи гаранција за енергетска диверзификација на целиот регион и значително зголемување на употребата на неруски гас – американски, азербејџански и друг“, изјави Манасиевски.
„Само за една година поставивме темели за Македонија од нето увозник да стане нето извозник на електрична енергија. Следуваат големи проекти за производство на струја – фотоволтаици, хидро, ветро и нови инвестиции,“ рече Манасиевски.
Тој посочи дека новиот Закон за енергетика го поставува секторот на стабилни нозе, а новиот услов за батериски системи кај фотоволтаичните централи ќе овозможи поефикасна и стабилна мрежа.
Дополнително, тој информираше дека е инсталиран нов 400kV трансформатор во Битола 2, со што се гарантира стабилноста на југозападниот дел од државата. Концесискиот надомест за рудниците, пак, е зголемен два и пол пати, што директно го полни буџетот на државата.
„Одговорна власт значи повеќе пари за државата, не за партиски џебови“, истакна Манасиевски.