Македонија
Студентски пленум: Владата и МОН да дојдат на академски простор
Студентскиот пленум кој деновиве прогласи автономна зона на повеќе факултети, во пресрет на денешната средба на работната група инсистира претставниците од Владата и Министерството за образование и наука да дојдат на академски простор, односно дебатата да се одвива на универзитетот.
„Посочуваме дека од овој момент па натаму преговорите не треба да се водат во Министерството за образование или Владата. Дебатата за универзитетот мора да се одвива на универзитетот. Студентски Пленум останува на ставот дека апсолутно е потребен целосно нов закон, и дека со целиот свој капацитет ќе учествува во работните групи кои ќе го изготвуваат. Ние не гледаме причина зошто претставник од Владата или Министерството не би покажал доблест да се појави на академско тло. Тоа не мора да биде автономната зона, тоа може да биде било кој факултет, Универзитетската библиотека, може да биде Ректоратот, но пред сé може да е студентскиот дом „Гоце Делчев“, кој најдобро го одразува нивото на грижа за високото образование. Потсетуваме, претставници на Студентскиот пленум не може да се заменат со претставник на студентскиот Парламент, затоа што мандатот на претседателот Кирил Спироски е истечен од октомври 2014 г. и тој не поседува никаков легитимитет да ги брани студентските права. Бидејќи ректорот на УКИМ ја свикува средбата на која претставници од Владата и Министерството за образование прифатиле присуство, логично е тие за прв пат да нé посетат“, се вели во соопштението.За во понеделник е најавена средба меѓу Владата и универзитетите за носење на нов закон за високо образование.Собранието го изгласа предлог законот за одложување на примената на последните измени на Законот за високото образование за една година, односно дел од нив и за две години, како и едногодишно, односно двегодишно одложување на примената на одредбите од Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишно, основно и средно образование./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје, од 30 – 40 метри на патниот правец Тетово – Попова Шапка и до 50 метри на планинските превои Буково и Ѓавато, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај.
Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, соопштуваат од АМСМ.
Македонија
Средба на министерот Муцунски и министрите од Балканската платформа за мир со претседателот на Турција, Ердоган
Во рамки на Вториот состанок на Балканската платформа за мир, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министрите за надворешни работи на земјите учеснички, денеска во Истанбул оствари средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.
На средбата беа разменети мислења за билатералните односи на Република Турција со земјите од регионот, како и за пошироките регионални прашања од заемен интерес.
Во време кога светот и регионот се соочуваат со сериозни предизвици, соговорниците ја истакнаа важноста од зајакнување на солидарноста и меѓусебното разбирање меѓу членките на Балканската платформа за мир.
Заеднички беше оценето дека Балканот треба да продолжи напред со пристап кој ги зема предвид поуките од минатото, но е јасно насочен кон стабилност, соработка и заедничка иднина.
Македонија
„Усвоен Закон без контрола на снимањето – игра на ДУИ и ВМРО за избори“, велат од СДСМ
„Покрај сите контролни механизми за притисок врз медиумите, покрај тоа што не беа усвоени закони усогласени со ЕУ, како законот за правосудство, КЗК и други, покрај поставувањето свои судии и обвинители, тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ го усвои и законот за „Safe City“ без каква било контрола на снимањето и следењето со 65.000 камери“, велат од СДСМ.
„Одбија да прифатат строги и јасни правила за системот и во измените на Кривичниот законик. Проектот „Safe City“ е започнат во време на владата на СДСМ и од аспект на безбедноста во сообраќајот е значаен, но вака донесен Законот за прекршоци значи отворена врата за злоупотреби. МВР да делува како партиски инструмент за следење, притисок и уцена на граѓаните без било какви заштитни механизми.
Ова е игра на ДУИ и ВМРО, кои беа заедно на лидерска средба и цело време заедно се договараат.
Останува уште да ја укинат техничката влада и подготвени се за избори.
Давос покажа дека анти-ЕУ кампањата дала резултати. Мицкоски се јавува од Давос како патувачки репортер кој самиот се снима, имитирајќи го Вучиќ, кој исто така, како да е вработен во туристичка агенција, ги покажува хотелските соби и храната по рестораните.
Времето на Груевски се враќа на голема врата. Видовме како беше пред 10 години, во 2016 година. Ситуацијата и денеска е иста. Сè е земено од канџите на ВМРО.
Преку контролирани медиуми водат постојана црна кампања, хајка и линч.
Се обидуваат единствената опозициска партија да ја разединуваат одвнатре. Целта е контролирана опозиција.
Теренот е речиси подготвен за недемократски избори кои ќе им дадат уште четири години да ги држат граѓаните како заложници и да продолжат со криминалот и корупцијата. Ќе ја опустошат Македонија.
Планот е изолација, избори, па мигранти за пари.
СДСМ е единствена вистинска опозициска партија, има нова сила и продолжува со борбата. Не сме сами, со нас се граѓаните. Ние нема да се продадеме, ниту за тендери ниту за ништо. Нема да биде контролирана опозиција! Ние сме тука за да ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.

