Економија
Пред 30 азербејџански бизнисмени презентирани бизнис можностите на Македонија

Делегацијата на Владата на Македонија предводена од премиерот Никола Груевски, во петок во Баку, Азербејџан присуствуваше на бизнис форум организиран во соработка со АЗПРОМО (AZPROMO), азербејџанска економска агенција основана на кој пред триесетина претставници од поголеми азербејџански компании беа претставени инвестициските можности што ги нуди Македонија.
Форумот го отвори министерот за економски развој на Азербејџан, Шахаин Мустафајев, кој Македонија ја претстави како пријателска држава, која е отворена за економска соработка поздравувајќи ги иницијативите за интензивирање на меѓусебните економски односи.
Тој изрази добредојде на македонските компании во Азербејџан, особено потенцирајќи и дека Азербејџан и нејзините главни конзорциуми имаат висок интерес за проширување на инвестициските активности во Европа, поточно во Југоисточна Европа. Тој пред присутните ги нагласи главните полиња на интерес на компаниите чија што дејност се одвива во повеќе сфери како што е градежништвото, земјоделието, туризмот и развојот на информатичките технологии.
Свое обраќање пред присутните имаше премиерот Никола Груевски кој рече дека целта на посетата на Азербејџан е продлабочување и зацврстување на добрата соработка меѓу двете држави, како и презентирање на можностите за унапредување на економската размена и развој на инвестициските можности.
Груевски пред присутните посочи дека многу други земји имаат богати наоѓалишта на природни ресурси, но Азербејџан му покажа на светот дека е потребна мудрост и визија за да се искористат истите за доброто на сопствените граѓани, особено што земјата остваруваше раст и во секторите кои не се поврзани со производството на нафта.
Во своето излагање, премиерот Груевски, рече дека целта на денешниот бизнис форум е да се зборува за она што може да се постигне во годините кои што следат и да се оствари заедничка корист за граѓаните од двете држави.
Република Македонија го привлече вниманието на светската инвеститорска заедница со нејзиниот брз и сигурен поход кон првите три позиции на најреформските ориентирани земји, според угледниот Doing Business извештај на Светска Банка, и тоа веќе неколку години по ред што докажува дека напорите и реформите кои ги прави државата за подобрување на бизнис климата се темелни и оспежни. Од 94-то место во 2006 година, во извештајот за 2013 година Република Македонија се наоѓа на 23-та позиција меѓу 185 земји и е највисоко рангирана во однос на било која транзициона економија од Југоисточна Европа. По условите за основање на бизнис државата се наоѓа на 5-та позиција.
На бизнис форумот своја презентација имаше и заменик претседателот на Владата Владимир Пешевски кој зборуваше за постигнувањата на макроекономски план, економските движења и успешноста во справувањето на македонската економија со предизвиците, како и за реформите во даночниот систем, катастарот и процесот на Регулаторната гилотина. Пешевски се задржа на важноста од искористување на гасот, како и заинтересираноста на Република Македонија за глобалните проекти на азербејџанските нафтени компании.
Свои економски презентации имаа и министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и заменик министерот за економија Христијан Делев кои во детали ги запознаа со инвестициските можности азербејџанските бизнисмени, со деловното опкружување и компаративните предности во повеќе области што Македонија ги нуди како атрактивна инвестициска дестинација. /крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Тик-ток“ казнет со 530 милиони евра

„Тик ток“ е казнет со 530 милиони евра во Европската Унија поради непочитување на прописите за заштита на податоците на корисниците.
Највисокиот регулатор за заштита на податоци на ЕУ ја казни платформата „Тик-ток“ со 530 милиони евра поради загриженост за тоа како ги заштитува личните податоци на корисниците.
Регулаторот исто така ѝ наложи на платформата да го суспендира преносот на податоци во Кина доколку обработката на податоци не се усогласи со законите на ЕУ во рок од шест месеци, објави „Ројтерс“. Ирската комисија за заштита на податоците (DPC) соопшти дека „Тик-ток“, кој е во сопственост на кинеската компанија „Бајт денс“, не може да докаже дека личните податоци на корисниците од ЕУ се соодветно заштитени во согласност со законите на ЕУ.
„Тик-ток“ објави дека ќе поднесе жалба на пресудата тврдејќи дека ја користел законската рамка на ЕУ, особено стандардните договорни клаузули, за да овозможи строго контролиран и ограничен далечински пристап.
Економија
Народната банка ја додели годишната награда за млади истражувачи за 2025 година

По повод денот на монетарната самостојност, Народната банка традиционално ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи. Добитничка на првата награда за 2025 година е Јасна Тоновска, асистентка и докторантка на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за трудот со наслов „Волатилноста на меѓународните финансиски текови: импликации за македонската економија“.
Во трудот се посочува дека изразената променливост на меѓународните финансиски текови носи ризици за економските остварувања во земјата, особено на среден рок, при што се заклучува дека макропрудентните мерки претставуваат ефикасен инструмент за ублажување на негативните ефекти од оваа променливост, којашто станува особено изразена по 2020 година, како резултат на засилената светска неизвесност и сѐ поголемите геополитички тензии.
По повод доделувањето на наградата, во Народната банка се одржа средба со наградената истражувачка, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Одборот за оценување трудови составен од вицегувернерката Ана Митреска (претседателка) и членовите Султанија Бојчева-Терзијан, директорка на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика и Мите Митески, помошник на вицегувернерот, како и вицегувернерите Емилија Нацевска и Фадил Бајрами.
На средбата се разменија мислења за наградениот труд и за значењето на истражувачката работа при носењето политики засновани на докази. Акцентот беше ставен на важноста на поддршката што Народната банка им ја дава на младите истражувачи заради унапредување на истражувачката дејност во земјата. Имено, во изминатите деветнаесет години, токму преку оваа награда, Народната банка активно придонесува за поттикнување на истражувачката активност на младите во областа на макроекономијата и банкарството, со што се зголемува нивниот научен придонес со практична вредност при носењето на политиките.
Според традицијата, наградениот труд ќе биде презентиран на некоја од следните сесии на Клубот на истражувачите на Народната банка, којшто функционира како платформа за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на експертите од овие области.
Доделувањето на наградата е дел од одбележувањето на 33-годишнината од монетарното осамостојување и формирањето на Народната банка. Постојаното јакнење на институционалните и истражувачките капацитети ѝ овозможи на Народната банка да се издигне како реномирана и кредибилна институција на меѓународно ниво, со голем придонес во обезбедувањето на макроекономската и финансиската стабилност во земјата.
Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.