Македонија
Јанкулоска: Не сакам да коментирам незаконски прибавени материјали
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска по речиси еден месец од објавувањето на првите прислушувани разговори коишто ги објави опозициската СДСМ, излезе во јавност, но не сакаше да ги коментира снимките на коишто наводно се слуша како таа вели дека власта е е „забегана“, и како наводно договара со јавниот обвинител Марко Зврлевски да биде отфрлена кривична пријава.
„Тоа го тврди Зоран Заев, јас не го тврдам тоа и не би сакала да коментирам незаконски прибавени материјали кои се креирани во функција на постигнување на политичка цел на една политичка партија која нема друго што да им понуди на граѓаните. Јас мојот став по однос на политиките на владата многу јасно и недвосмислено го кажувам и ќе го повторам. Сметам дека владата предвоедена од премиерот Никола Груевски, во неколкуте мандати кои ги добивме од граѓаните успеа да направи историски пресврт во подобрување на состојбите во различни сфери од општеството“, изјави Јанкулоска.Според неа, безбедноста на државата не е загрозена и таа сè уште има легитимитет да ја врши функцијата министер за внатрешни работи.Јанкулоска денеска ја посети локацијата каде што треба да се гради новиот објект на полициската станица „Ѓорче Петров“ и новиот објект на Противпожарната единица. На аудио снимките кои ги презентираше опозициската СДСМ, во разговор со министерот за финансии Зоран Ставрески Јанкулоска наводно се жали дека полицајците работат во лоши услови во полициски станици и се покриваат со кебиња од ЈНА.Но на денешниот настан Јанкулоска изјави дека никогаш како досега не било инвестирање во обезбедување опрема и средства за работа во полицијата. Заедно со Јанкулоска беше градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски за кој наводно Јанкулоска во прислушуваните разговори тврди дека давал поддршка за „матни зделки“. Но и Трајановски изјави дека со министерката имаат добра соработка која ќе продолжи и во иднина.Во Ѓорче Петров се планира во рок од 14 месеци да биде изграден комплетно подготвен нов објект со површина од околу 1400 метри квадратни, којшто опфаќаат сутерен, приземје и два ката, а вредноста на инвестицијата ќе изнесува околу 52 милиони денари. Според проектното решение објектот ќе биде изграден по теркот на современите архитектонски трендови и функционалност, согласно намената на објектот, а истовремено ќе бидат целосно запазени и потребните безбедносни стандарди. Наедно, предвидено е да има и непречен пристап за лица со инвалидитет, како и физичко обезбедување на објектот, односно ограда околу целата локација.Исто така, покрај стандардните потреби, предвидено е во новиот проект да има современо опремени простории за задржување на лица, простории за разговори, просторија за Народниот правобранител, дежурна служба, како и базна станица за изработка на лични документи на граѓаните и друго.Инаку досегашниот објект во којшто се наоѓа ПС од ОН Ѓорче Петров датира од 1963 година. Во текот на минатата година евидентирано е намалување на вкупниот број кривични дела на подрачјето на оваа ПС од општа надлежност за 8,8 проценти во споредба со 2013 година, односно регистрирани 1.180 кривични дела, во споредба со 1.295 во 2013 година. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

