Македонија
Распишан оглас за кандидати за директор на АФПЗР, конзул во Минхен, промотори во Шангај и Монтреал
Владата на Република Македонија објави јавен повик за пројавување на интерес за ангажман на четири позиции, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, генерален конзул во Минхен, како и двајца економски промотори, во Шангај и во Монтреал.
Повикот за првите две позиции е распишан од страна на Владата, а за позициите на промотори од страна на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.
„На јавните повици за овие позиции може да аплицираат сите граѓани кои поседуваат образование и работно искуство, знаења и вештини, идеи и мотивација, и кои се подготвени да придонесат во реализацијата на реформите и проектите во сите општествени сфери. Сакаме да потенцираме, дека иако оваа можност е отворена за секого, приоритет на Владата во овој процес не е да се обезбеди масовност, туку повик за овие позиции да аплицираат најквалитетните и најспособните кандидати, кои со своите вештини и знаење ќе придонесат за реализација на целите и интересите“, рече во петок на прес конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Заинтересираните кандидати потребно е да достават: пополнета апликација, која може да се најде на веб страната на Владата на РМ – www.vlada.mk/konkursi/apliciraj, лична биографија (CV) не поголема од пет страници, мотивациско писмо од најмногу 500 зборови во кое задолжително ќе биде наведена позицијата за која кандидатот аплицира. Краен рок за аплицирање е 27-ми декември 2014 година.
Во однос на повикот кој е распишан од страна на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, за позициите економски промотор во Шангај и економски промотор во Монтреал, кандидатите треба да ги исполнуваат следните услови: завршено високо образование, релевантно работно искуство од најмалку две години по завршување на високото образование во области сродни на позицијата за која се аплицира, одлично познавање на англискиот јазик, познавање на јазикот од говорното подрачје на земјата во која аплицира, како и способност за презентација, комуникациски вештини, тимска работа, покренување иницијатива и проактивност.
Тие треба да имаат профил на продавач на производот кој нашата земја го нуди на ова поле а тоа се одличните поволности и погодности за странските инвеститори за отворање на бизнис и нови работни места во Република Македонија, производ претставен преку најниските трошоци за водење на бизнис во Европа, квалификуваната работна сила и поволностите во технолошко – индустриските развојни зони.
Заинтересираните кандидати за овие позиции треба да ги достават следните документи: мотивациско писмо (треба да содржи максимум 500 зборови и во него задолжително да биде наведено за која земја или земји се аплицира) и кратка лична биографија, и тоа или на е-маил: [email protected] или по пошта или директно во архива на Агенцијата. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Безбеден град веќе спасува животи, прекршоците намалени од 100.000 дневно на 3.000
Системот „Безбеден град“, кој официјално треба да профункционира од 1 февруари, веќе дава резултати во тест-периодот, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Бројот на сообраќајни прекршоци и незгоди е значително намален, а со тоа и бројот на повредени и загинати лица во сообраќајот.
„Во јануари имаме уште поохрабрувачки бројки од декември – тоа значи повеќе спасени животи, помалку сообраќајни незгоди, и побезбеден сообраќај“, рече Мицкоски.
Додека во првите денови биле регистрирани и повеќе од 100.000 прекршоци дневно, сега таа бројка е сведена на 2.000 до 3.000.
Мицкоски одговори и на прашањето за заштитата на личните податоци на граѓаните во рамки на проектот. Тој најави дека ќе бидат потребни дополнителни усогласувања и протоколи, особено во првите три до шест месеци од имплементацијата.
„Никој не бил перфектен при стартот на овој проект. Сосема логично е да се вршат прилагодувања во текот на првите месеци. Но, најважно е што веќе се гледаат резултати“, рече премиерот.
Македонија
Уставниот суд веќе ја потврди законитоста на одлуките за вонредната состојба, му одговори Пендаровски на премиерот Мицкоски
Поранешниот претседател Стево Пендаровски му возврати на премиерот Христијан Мицкоски поради неговата изјава дека има основани сомнежи за уставноста и законитоста на одлуките за вонредна состојба што беа донесени во времето на пандемијата.
„Навистина мислев да не му давам значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните резултати од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира“, наведува Пендаровски во писмена реакција, додавајќи дека „за жал, на експертот за енергетика претходно не му ги објасниле неговите големи правници“.
Тој потсетува дека Уставниот суд уште пред повеќе од пет години потврдил дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
„Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции, кои сега се под тотална контрола на Мицкоски, можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат“, додава поранешниот претседател.
Тој истакна и дека сите одлуки за прогласување на вонредна состојба биле доставени до Собранието веднаш по завршувањето на секоја вонредна состојба.
„Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицковски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, заклучува Пендаровски.
Изјавата на Пендаровски следи по денешниот коментар на премиерот Мицкоски, кој го повика Обвинителството да постапи по допрен глас поради наводите на хирургот Жан Митрев дека во времето на вонредната состојба, тогашната власт, предводена од СДСМ, односно премиерот Зоран Заев и тогашниот министер Венко Филипче сакале да ја преземат неговата приватна клиника. Мицкоски во таа пригода посочи дека „се случувале мафијашки упади“ и дека некои од уредбите што биле носени сè уште не се разгледани од страна на Собранието, со што, според него, има сомнежи и за одговорност на поранешниот претседател Пендаровски.
Македонија
„Блаже Конески“ го почнува второто полугодие со нов лик – модерно училиште со 16 училници, библиотека, сала, кујна
Општина Аеродром денеска го пушти во употреба новоизградениот дел од ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин. На свеченоста присуствуваа градоначалникот Дејан Митески, премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
По 70 години, училиштето доби современ лик и услови за квалитетно образование. Новите училници, кабинети и заеднички простории обезбедуваат простор за развој на учениците и подобри услови за наставниците.


Проектот е капитална инвестиција на Општина Аеродром, реализирана со поддршка од Владата, вреден 200 милиони денари. Во новиот дел на училиштето се изградени 16 модерни училници и кабинети, библиотека, сала со бина, лифт, кујна и трпезарија, енергетски ефикасна фасада и целосно пристапни услови за сите ученици.
Втората фаза од овој проект веќе е започната и опфаќа изградба на спортска сала, 10 нови училници, кабинет за информатика, нова библиотека, просторен хол за активности и партерно уредување на дворот со игралишта, зеленило и нов паркинг, со вкупна вредност од 253 милиони денари.

Овој капитален проект ја потврдува посветеноста на Општина Аеродром кон развој на современо, безбедно и достапно образование за сите ученици.

