Култура
Интернационален театарски фестивал „Скупи фест“

Овогодинешното, трето по ред издание на Интернационалниот театарски фестивал „Скупи фест“ ќе биде отворен утревечер, 20 часот, со изведбата на „Дневникот на лудиот“ на Народниот театар од Берлин, Германија, на сцената на Драмскиот театар – Скопје
До 10 ноември ќе бидат изведени вкупно 8 претстави на театри од Германија, Италија, Франција, Албанија, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Швајцарија. Ова е прва соработка на „Скупи фестивал“ со Меѓународниот театарски фестивал „Косова Инфест“. „Фестивалот, како и досега, требаше да се одржува на сцената на Албансиот театар – Скопје, но не добивме одговор од директорот на театарот, па затоа го преместивме во Драмски“, изјави уметничкиот директор на фестивалот, Сенко Велинов. „Она што е интересно за овој фестивал е што не робува на некаков концепт, туку се трудиме да го донесме се‘ она што во моментов се нуди на европската театарска сцена и што не презентираме домашни претстави кои се актуелни на репертоарите, туку сакаме да донесеме претстави кои не сме имале можност да ги погледнеме кај нас“, додава Велинов. „Со ова не само што започнавме соработка со ‘Скупи фестивал’, туку започнавме и една долгорочна соработка со Драмскиот театар од Скопје, што претставува една нова културна врска помеѓу Приштина и Скопје“, изјави уметничкиот директор на „Косова Инфест“, Флорие Бојку.За Гран-при наградата за најдобра претстава ќе се натпреваруваат: „Моќта на традицијата“ на народниот театар од Тирана, Албанија; „Визијата на Бартомиус“ на Стефан Годфрој од Франција, „In-Contro/Сanto“ на Театар пет од Милано, Италија; две различни изведби на текстот „Богот на крвопролевањето“ на Националниот театар од Сплит, Хрватска и на Камерниот театар 55 од Сараево, БиХ; „И јас сум Кетрин Денев“ на Градски театар Пазарџик, Бугарија и „Сеќавање на ноќта“ на Филип Бое од Швајцарија. За победникот ќе одлучува тричленото жири во состав: Нико Горшиќ (Словенија), Илка Мујо (Албанија) и Сотир Трајков (Македонија).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Полскиот режисер Кемпински ќе режира претстава во Македонија

Еден од најдобрите полски режисери Грзегорз Кемпински ќе режира македонска претстава. Во продукција на независниот театар „Отпишани“, македонската публика, наесен, ќе има можност да ужива во претставата „Животот е краток и нејасен“, чиј автор е македонскиот драмски писател Марјан Анѓеловски.
Сатиричната драма „Животот е краток и нејасен“ преку еден апсурден начин зборува за системот на загубени вредности, кој го разорува корупција и колективно безумие. Грзегорз Кемпински (Grzegorz Kempinsky) е еден од најреномираните полски режисери, добитник на голем број меѓународни награди од областа на театарот и филмската уметност.
Претставата „Животот е краток и нејасен“ доаѓа по одличниот успех на претставата „Среќен мртовец“ во продукција на театарот „Отпишани“, каде главната улога ја толкува легендарниот актер Благој Чоревски.
Култура
Објавени конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2025 година

Министерството за култура известува дека Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври“ распиша Конкурс за доделување на државната награда „11 Октомври“ за 2025. Со оваа награда се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес на Република Северна Македонија. Наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.
Воедно, Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември“ распиша Конкурс за доделување на државната награда „22 Ноември“ за 2025 година. Со оваа награда пак, се оддава признание на личностите од политичкиот, културниот и општествениот живот во Република Северна Македонија кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебно разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери во земјава.
Конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2025 година траат од 1 до 31 мај 2025 година.
Култура
Нова книга „Културата и траумата – Писмо до бугарскиот пријател“ од проф. д-р Златко Крамариќ

Во издание на „Матица македонска“ од Скопје излезе од печат книгата „Културата и траумата“ од познатиот македонист од Хрватска, д-р Златко Крамариќ. Воведниот текст од книгата е во форма на „Писмо до бугарскиот пријател“. Како редок познавач на балканските состојби тој во овој прилог ја нагласува смислата за добрососедството и заемната почит меѓу државите, посочувајќи дека „еден од битните детали во тие визии на идните посакувани односи во Европа е и односот спрема соседите. Можеби токму тој детаљ и е еден од најважните. Има ли нешто поубаво отколку да се живее крај среќен и задоволен сосед. Неговата среќа и задоволство и нас би требало да не прави среќни“, констатира авторот.
Во книгата „Културата и траумата“ посебен акцент е ставен и на улогата на Штросмаер и македонскиот идентитет, на модернизмот во мрачните времиња, на создавањето на македонската интелигенција и на новите политики кон новите идентитети.
Златко Крамариќ (Осиек, 1956) е познат хрватски научник, универзитетски професор, книжевен критичар, врвен теоретичар на литературата и долгогодишен дипломат. Автор е на триесетина книги, преведени на повеќе јазици. Во изминатите четири децении со особена љубов и континуирана посветеност, тој ја афирмира македонската литература, поставувајќи високи критериуми при анализирањето на дела од најзначајните македонски писатели. Со својот континуиран ангажман, Златко Крамариќ застанува на чело на проучувачите, проследувачите, толкувачите и аниматорите на процесите на македонската историја, традиција и култура и на македонскиот јазик и богата литература. Член е на Друштвото на хрватските книжевници, на Хрватското филозофско друштво, на Матица Хрватска, а во 2015 година беше избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.