Економија
Роуд шоуата на Владата даваат резултати подоцна

Како политичка манипулација со бројки го оцени пратеничкото прашање на Ивон Величковски од ЛП, премиерот Никола Груевски, за тоа колку пари се потрошени на роуд шоуата на владата оваа година, а колку инвестиции влегле во Македонија за истиот период.
„Во оваа работа секогаш резултатите доаѓаат по некоја година. Она што денес доаѓа како резултат е сработено во 2007, 2008, 2009, 20010 година. Најрано резултати има за 1,5 години, а често за пет години. Сопственикот на „Ван ху“, сам кажал дека пред пет години прв пат слушнал за Македонија и дека од тогаш сме имале многу средби и контакти со него, дека дознал многу работи за Македонија во тој период, но дека му требале пет години да се одлучи тука да инвестира, раскажа Груевски.
„Компарациите колку сме потрошиле, а колку влегле во државата, се политичка манипулација. Убедени сме дека нашите роуд шоуа ќе дадат резултат. Понатамошните фолоуап контакти се со маил, со средби, со амбасадорите, со промоторите, на секој начин се обидуваме некој од тие бизнисмени да дојде да инвестира во Македонија. Тоа се гледа со многуте кои дојдоа, „Џонсон Мети„, „Џонсон Контролс„, „Ван ху“, „Дрекслер Мајер“, „Кромберг и Шуберт“… Сакам да укажам дека активностите даваат резултати. Секој обид за маннипулирање со бројки е јалова работа“, рече Груевски.
Затоа што ваквата проактивна работа на Владата дава резултати, Владата е засилена со уште еден министер без ресор. Засилувањето на капацитетите на Агенцијата за привлекување инвестиции и за технолошки зони е од круцијално значење за успех.
„Седењето во земјата и чекањето тие сами да дојдат воопшто не е продуктивно. Тоа го видовме во времето на СДСМ. Само на ваков начин со проактивност, со презентирање на она што го нуди Македонија, со одење на терен, со странски медиуми како СиЕнЕн, Македонија како мала земја може да го најде своето место под сонцето. Минатото покажа како изгледа кога една Влада ништо не прави за да ја промовира својата земја, а како е сега во, полоши услови, со многуте обиди на Владата сепак да се привлекуваат инвестиции“, рече Груевски.
Тој го упати пратеникот Величковски сам да си ги провери бројките за потрошеното и инвестираното, затоа што странските инвестиции се јавно објавени и се гледа колку со нив се донело, а колку се потрошило се гледа во Буџетот./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Еуроимпекс“ прослави јубилеј од 35 години

Во средата на 10.9.2025 година, првата приватна македонска компанија со дејност од автомобилската индустрија „Еуроимпекс“, прослави јубилеј од 35 години успешно стопанисување. Свеченоста беше посветена на тимот вработени на компанијата, а забавата ќе остане долго да се зборува и да се памти…
„Еуроимпекс“ започнува со работа во 1990 година, кога во Македонија немаше ниту една приватна компанија за продажба на автомобили. Тие беа први. Семејството Воиновски. Започнуваат скромно со само тројца вработени, а денес се гордеат со компактен тим од 150 вработени во Скопје и Белград и застапуваат два сериозни автомобилски бренда на територија од 5 држави во регионот.
“Бележиме автомобилска традиција од 3 поколенија…. почнувајки од нашиот дедо, потоа нашиот татко, сега јас и брат ми, а веќе и следната, четврта генерација Воиновски е тука, подготвена да продолжи по истиот пат. Од тука потекнуваат и оние вистински семејни вредности кои се рефлектираат во целокупното работење, како кон клиентите така и кон нашиот тим.
Нашиот тим е компактен, постојан, кој секогаш се грижи за своите клиенти. Со таков пристап се градат нераскинливи врски помеѓу компанијата, клиентите и соработниците. Hие сите заедно – преку доверба, создаваме иднина. “ – изјави Кирил Воиновски, Генерален директор на „Еуроимпекс“.
„Еуроимпекс“ е првично позната по своето застапништво на еден од најпознатите автомобилски брендови – Peugeot во Македонија и регионот, но истовремено е и генерален увозник на брендовите: TotalEnergies, Milwaukee, Bahco, Irimo, се грижи за развојот на ловиштето Ниџе, а од 2020 година е генерален застапник и за германскиот блиц – Opel во Македонија, Србија, Косово, Албанија и Црна Гора.
„Горди сме на нашата 35 годишна традиција на раст и развој. Но, тука не застануваме. Чест ми е да најавам дека заедно со тимот на Еуроимпекс, работиме во насока на изградба на два нови репрезентативни деловни центари. Едниот во Скопје, другиот во Белград. Заедно целиме кон уште подобри 35 години!“ – – изјави Даниел Воиновски, Генерален директор на „Еуроимпекс“.
Ова беше еден од ретките настани обоени во кирилица. Гостите беа пречекани со лица во традиционални носии кои послужуваа македонски локум. Постоеше линк помеѓу минатото и иднината… Историски Peugeot возила блескаа крај црвениот килим, кои беа осветлени од најновите Peugeot и Opel модели, а по влезот во ресторанот беше искажано добредојде со шампањ и малини како симбол кој ги поведе гостите во иднината…
Гостите уживаа во македонска музика. Македонски шлагери ја преполнија просторијата со емоции. „За нас почнува живот“ и многу други, во изведба на Дина и The Ringtones. Нашата дива Калиопи, која воедно е и амбасадор на Peugeot брендот во Македонија, приреди маестрален настап, за време на кој гостите не стивнуваа од силни аплаузи и овации… Забавата продолжи на кирилица со Дина и The Ringtones, а гостите беа испратени со ракија и македонски домашен мед.
Ова не беше обична свеченост. Ова беше настан преполн со емоции, посветен на вредните колеги, соработниците и клиентите. Ова беше свеченост на која сопствениците и тимот на „Еуроимпекс“ покажаа како заеднички и тимски се гради и сака една компанија.
ПР
Економија
Божиновска: Стабилната грејна сезона е приоритет, институциите во редовна координација

На координациски состанок со претставници на сите надлежни институции од енергетскиот сектор беа разгледани тековните активности и подготвителните мерки за непречено снабдување со топлинска и електрична енергија во претстојната грејна сезона, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Редовниот ресорски состанок се одржа во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, каде покрај претставниците на Министерството од соодветните сектори, присуствуваа и претставници на компании и институции од енергетскиот сектор.
Во дискусијата активно учествуваа раководствата на ЕСМ, МЕПСО, НОМАГАС, како и претставници на НЕМО, кои ги изнесоа своите ставови, предизвици и предлози за натамошно унапредување на енергетскиот систем и зголемување на координацијата помеѓу институциите.
Разгледани беа: напредокот на проектите за енергетска инфраструктура; состојбата со обезбедувањето на потребните енергенси; плановите за работењето на берзата за електрична енергија и day-ahead пазарот; координацијата помеѓу институциите за одржување на стабилноста на системот.
Министерката Сања Божиновска беше информирана за досегашните подготовки и нагласи дека клучен приоритет останува сигурното и стабилно снабдување на граѓаните и индустријата во текот на целата грејна сезона.
За првпат по формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска воведе пракса на редовни координациски состаноци со сите надлежни институции од секторот. Целта е навремено информирање и координирање на активностите – практика што досега не постоела, посочуваат од министерството.
Економија
Гувернерот Славески на средба со претставници на Амбасадата на Швајцарија и на Институтот од Женева: Поддршка за јакнење на институционалните капацитети на Народната банка

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со Михал Харари, вршителка на должноста амбасадорка во Амбасадата на Швајцарија и со претставници на Институтот за меѓународни и развојни студии во Женева, на која се разговараше за давање поддршка за натамошно јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон Европската Унија.
Во рамките на разговорите беше истакната поддршката што Институтот ја дава преку Програмата за билатерална помош и јакнење на капацитетите за централните банки (BCC), финансирана од Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO), во која ќе биде вклучена и Народната банка. Програмата има за цел да им помогне на централните банки во земјите во развој во градењето аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика, како и за одржување стабилен и сеопфатен финансиски систем.
Гувернерот Славески нагласи дека соработката со швајцарската амбасада и вклучувањето во овој проект претставуваат значаен поттик за натамошно зајакнување на институционалните капацитети на Народната банка во повеќе важни области на работењето. Соработката со Институтот ќе опфати техничка помош и пренос на знаење за унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките за анализа, унапредување на системот за управување со ризиците, како и за поголема финансиска вклученост.
Во моментов, проектот вклучува централни банки од десет земји од различни делови на светот, а наскоро и Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.