Култура
Современ холандски филм во Кинотека
Во Кинотеката на Македонија од 21 до 27 април ќе се одржи циклусот Современ холандски филм.
Во Кинотеката на Македонија од 21 до 27 април ќе се одржи циклусот Современ холандски филм.
Игран, документарен и краток игран филм се во селекцијата на филмскиот критичар и селектор Рада Шешиќ. Повеќето од избраните филмови веќе ги имаат добиено признанијата на најголемите светски фестивали како Кан, Берлин, Ротердам и ИДФА.Холанѓаните му посветуваат големо внимание на филмот и на филмското производство, наградувајќи ги посебно оние кои добро комуницираат со публиката, дома или во светот. Секој филм кој има сто илјади гледачи дома добива титула на Златен филм и голема парична награда, а слично е и со бенефициите за оние кои освојуваат награди на странските фестивали.Пред неколку години излезе мотото „Холандскиот филм треба да биде воден од побарувачката, а не од понудата“. Затоа многу се работи токму на сценарио кое пред самото снимање се обработува во рамки на работилница, а за краток филм една од телевизиите распишува конкурс за 10 најуспешни сценарија кои ќе бидат реализирани со нивни средства. Токму од таа продукција се избрани филмовите за ова издание на „Highlights of the Lowlands“ – патувачка холандска кинематографија.Годинашната филмска програма на циклусот е проширена со мастер час од холандскиот режисер и продуцент, Андре Шројдерс. На покана на „Јавна соба“ од Скопје Шројдерс ќе реализира филмска резиденција во Скопје на почеток на 2012 година. Целта на неговиот неколку месечен работен престој е истражување на одредена тема и снимање на територијата на Скопје.Претходно Синоличка Трпкова предводеше група од шест млади актери на филмската работилница со наслов „Домашно насилство и борбата против истото“ во рамките на фестивалот „Источни соседи“ во октомври 2010 година во Утрехт. Младите актери од Македонија работеа заедно во група со 26 млади таленти од Холандија, Хрватска, Србија, Албанија, Босна и Бугарија. Финален производ од работилницата се осум кратки филмови кои премиерно ќе бидат прикажани во Македонија на 21 Април во 19 часот во Кинотека на Македонија.Филмската програма ќе започне со играниот филм „Не можеш да изгубиш“ (Win/Win) на Јаап ван Хеусден, добитник на повеќе светски награди. Филмот ја носи публиката во интимниот свет на поединецот каде што владее страст, опсесивност, предизвик, возбуда и ризик. Станува збор за игри со пари, кладби и зависност. Отворањето ќе биде збогатено со прикажување на краткиот филм „Светло“ на Андре Шројдерс, кој е специјален гостин на фестивалот.Проектот е поддржан од Холандскиот Филмски фонд, холандската амбасада во Скопје и е во реализација на Кинотека на Македонија, „Јавна Соба“, Stichting Cultural Aid и Eye Film Institute Netherlands./крај/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.


Култура
Во Чифте амам се отвора ретроспективната изложба „Рефлексии“ посветена на Ратка и Димче Протугер
Атриум го најавува отворањето на ретроспективната мултимедијална изложба насловена „Рефлексии“, во Националната галерија – Чифте амам, на 20 декември, со почеток во 19 часот. Изложбата нуди продлабочен поглед кон животот и творештвото на непокорните брачни другари – партизанката и авторка Ратка Ковачева Протугер и ликовниот уметник Димче Протугер.
Од уметничката продукција посочуваат дека изминатата година реализирале истражувачки и продукциски процес со цел да ја споделат слоевитоста на наследството што Ратка и Димче, како припадници на една будна генерација, им го оставиле на сите нас.
Историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, за изложбата напиша:
„(…) Во меѓусебните траектории на Ратка и Димче Протугер се открива двојство кое не може да се сведе само на биографија. Нивниот животен и уметнички пат се одвива како паралелен запис на две форми на отпор: борбата за политичка слобода и борбата за уметничка автономија.
Ратка, партизанка и активистка, учествува во материјалната и моралната изградба на слободата – онаа што се освојува со чин, со движење, со колективна жртва.
Димче, сликар и педагог, ја практикува слободата како метод: како постојано отфрлање на догмата, на дисциплинарниот код на социјалистичкиот реализам, на стереотипот на уметникот како идеолошко знаме.“
Од Атриум, покрај поканата за заедничко чествување на делото на Ратка и Димче Протугер, во сабота, со почеток во 19 часот, во Чифте амам, упатуваат и огромна благодарност до блиските семејства, потомците и пријателите кои придонеле за реализацијата на изложбата: Милчо Протугер со семејството, Невенка Протугер со семејството, Воденка Протугер Тошевска со семејството, Брезица Тошевска, Росица Тошевска, Владимир Лазаревски со семејството, Мила Протугер со семејството, Илија Трајковски со семејството, Камелија Пророчиќ, Стефан Миновски, Јованка Попова и Соња Абаџиева Димитрова.
Истражувачки тим:
Ива Рајчевска, Дино Чупевски, Матеј Лазаревски
Проектен тим:
Дино Чупевски, Ива Рајчевска, Веда Ивановска, Деспина Ралевска
Авторки на текстови во публикацијата:
Јованка Попова, Соња Абаџиева Димитрова, Воденка Протугер Тошевска
Одговорна уредничка на публикацијата:
Ива Рајчевска
Соработничка во уредништвото на публикацијата:
Веда Ивановска
Дизајнерка на постер:
Ива Јованова
Фотографија:
Александра Костадиновска
Видео:
Исток Чаповски
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија и Контура, на чии претставници им се заблагодаруваме за придонесот и поддршката.
Изложбата ќе биде отворена до 27 декември.

