Економија
Сараќини во Сарај ја презентираше владината програма за развој на општините

Министерот за економија Ваљон Сараќини во саботата ја посети скопската општина Сарај, при што на средбата со Беким Мурати понуди поддршка и помош од страна на Министерството за економија за побрз економскиот развој на општината, со реализација на заеднички проекти, а истовремено му ја презентираше и владината програма за развој на општините.
Министерот Ваљон Сараќини по средбата за медиумите изјави дека со програмата на Владата за економски развој на општините може да се реализираат многу проекти кои може да го подобрат стандардот на живеење за жителите на Сарај и може да се отворат многу нови работни места.
„Го запознав градоначалникот Мурати со програмата на Владата за развој на општините и за конкретни проекти кои можеме заедно да ги реализираме во неколку области, како што се области на енергијата, земјоделството и туризмот. Сарај има многу добри услови за развој на земјоделството и енергетиката, туризмот, и е идеално место за инвестиции. Се договоривме, градоначалникот на општина Сарај наскоро да покрене инициатива за формирање на првата индустриска зона, воспоставувањето на која ќе донесе многу нови инвеститори во општината и со тоа и нови работни места и поголем економски развој “, рече Сараќини.
Од своја страна градоначалникот Беким Мурати изјави дека општината Сарај има доволно земјиште кое може да биде отстапено на домашни и странски инвеститори, а условите за бизнис, како што рече, се идеални.
„Денеска имав задоволство да имам работна средба со министерот за економија Сараќини, се договоривме во многу блиска иднина да реализираме повеќе проекти во многу области, како што се туризмот, енергијата, како и да ја формираме првата индустриска зона во Сарај, чие формирање е во ингеренција на локалните самоуправи, а со помош на Министерството за економија очекуваме тоа да се случи наскоро”, рече градоначланикот на Сарај./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Тик-ток“ казнет со 530 милиони евра

„Тик ток“ е казнет со 530 милиони евра во Европската Унија поради непочитување на прописите за заштита на податоците на корисниците.
Највисокиот регулатор за заштита на податоци на ЕУ ја казни платформата „Тик-ток“ со 530 милиони евра поради загриженост за тоа како ги заштитува личните податоци на корисниците.
Регулаторот исто така ѝ наложи на платформата да го суспендира преносот на податоци во Кина доколку обработката на податоци не се усогласи со законите на ЕУ во рок од шест месеци, објави „Ројтерс“. Ирската комисија за заштита на податоците (DPC) соопшти дека „Тик-ток“, кој е во сопственост на кинеската компанија „Бајт денс“, не може да докаже дека личните податоци на корисниците од ЕУ се соодветно заштитени во согласност со законите на ЕУ.
„Тик-ток“ објави дека ќе поднесе жалба на пресудата тврдејќи дека ја користел законската рамка на ЕУ, особено стандардните договорни клаузули, за да овозможи строго контролиран и ограничен далечински пристап.
Економија
Народната банка ја додели годишната награда за млади истражувачи за 2025 година

По повод денот на монетарната самостојност, Народната банка традиционално ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи. Добитничка на првата награда за 2025 година е Јасна Тоновска, асистентка и докторантка на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за трудот со наслов „Волатилноста на меѓународните финансиски текови: импликации за македонската економија“.
Во трудот се посочува дека изразената променливост на меѓународните финансиски текови носи ризици за економските остварувања во земјата, особено на среден рок, при што се заклучува дека макропрудентните мерки претставуваат ефикасен инструмент за ублажување на негативните ефекти од оваа променливост, којашто станува особено изразена по 2020 година, како резултат на засилената светска неизвесност и сѐ поголемите геополитички тензии.
По повод доделувањето на наградата, во Народната банка се одржа средба со наградената истражувачка, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Одборот за оценување трудови составен од вицегувернерката Ана Митреска (претседателка) и членовите Султанија Бојчева-Терзијан, директорка на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика и Мите Митески, помошник на вицегувернерот, како и вицегувернерите Емилија Нацевска и Фадил Бајрами.
На средбата се разменија мислења за наградениот труд и за значењето на истражувачката работа при носењето политики засновани на докази. Акцентот беше ставен на важноста на поддршката што Народната банка им ја дава на младите истражувачи заради унапредување на истражувачката дејност во земјата. Имено, во изминатите деветнаесет години, токму преку оваа награда, Народната банка активно придонесува за поттикнување на истражувачката активност на младите во областа на макроекономијата и банкарството, со што се зголемува нивниот научен придонес со практична вредност при носењето на политиките.
Според традицијата, наградениот труд ќе биде презентиран на некоја од следните сесии на Клубот на истражувачите на Народната банка, којшто функционира како платформа за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на експертите од овие области.
Доделувањето на наградата е дел од одбележувањето на 33-годишнината од монетарното осамостојување и формирањето на Народната банка. Постојаното јакнење на институционалните и истражувачките капацитети ѝ овозможи на Народната банка да се издигне како реномирана и кредибилна институција на меѓународно ниво, со голем придонес во обезбедувањето на макроекономската и финансиската стабилност во земјата.
Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.