Економија
НБРМ ќе ги мотивира банките на поголема кредитна активност

Гувернерот на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) во петокот изјави дека централната банка ги разгледува можностите за воведување на одредени мерки кои би ги мотивирале банките на поголема кредитна активност.
„НБРМ внимателно ги следи сите движења, во моментот стабилноста е тука немаме никакви загрозувања ниту на среден рок, во поглед на ценовната стабилност и банкарската стабилност, девизниот пазар е исклучително стабилен и во такви услови разгледуваме можности за мотивирање на банките за поголема кредитна поддршка“, изјави Богов, Тој истакна дека од почетокот на годината има позитивни движења во економијата и дека наскоро се очекува да биде објавен податокот за бруто домашниот производ во првиот квартал, кој се очекува да покаже закрепнување на економијата.„Се надева дека македонските банки, кои што имаат потенцијал и од аспект на капитал и ликвидност ќе го препознаат моментот и ќе ја поддржат економијата во овој критичен момент кога трендот во економијата се прекршува и веќе тргнува нагоре“, рече Богов.Тој рече дека е оптимист и дека таргетираниот раст од седум отсто на кредитниот раст на страна на НБРМ за оваа година ќе биде исполнет, посочувајќи дека ако е потребно ќе се вложат напори за реализација на оваа цел.Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески потенцираше дека банките се ликвидни, и изрази надеж дека кредитната активност ќе биде повисока во наредниот период.Тој потсети дека владата преку обезбедување на кредитните линии во висина од 250 милиони евра, кои преку банките завршија во малите и средни претпријатија, ја поддржа домашната економија.Претпријатијата добија поддршка во текот на кризата, а со евтините кредитни линии што ги обезбеди владата преку Европската инвестициска банка беа креирано над 5.000 работни места, рече Ставрески. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.
Економија
Во Народната банка се одржа 54. сесија на Клубот на истражувачите

Во Народната банка се одржа 54. сесија на Клубот на истражувачите на која беше претставен научниот труд „Макроекономски, институционални и финансиски детерминанти на дефицитот на тековната сметка во Северна Македонија: Согледувања преку временски серии“ од авторот Бардул Даути.
Сесијата ја отвори директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика, Султанија Бојчева-Терзијан, која посочи дека презентираниот труд нуди значајни сознанија за макроекономските и институционалните фактори коишто влијаат на дефицитот на тековната сметка во Република Северна Македонија. Таа нагласи дека надворешната позиција на македонската економија има особено значење, имајќи ја предвид стратегија на фиксен девизен курс, што ја спроведуваме. Во таа насока, одржливата тековна сметка претставува клучен елемент за зачувување на севкупната макроекономска стабилност.
Главниот заклучок на емпириската анализа е дека дефицитот на тековната сметка е резултат на макроекономски фактори – производниот јаз, како индикатор на домашната побарувачка, трговската отвореност и реалниот девизен курс. Дополнително, влијание имаат и фискални и финансиски фактори, како што се јавниот долг и паричната маса (М2), соодветно. Сепак, клучниот придонес на овој труд е вклучувањето на т.н. институционални фактори и оцената на нивното влијание врз билансот на тековната сметка. Студијата покажува дека силните институции – особено поефикасното управување, зголемениот квалитет на јавните услуги и заштитата на економските права, како што е правото на сопственост – можат значително да придонесат за подобрување на тековната сметка на платниот биланс. Овие заклучоци упатуваат дека, институционалните реформи се исто така важен сегмент за зајакнување на надворешната стабилност на економијата.
По презентацијата, следеше дискусија меѓу учесниците и презентерите, поттикната од презентацијата на трудот и од изнесените заклучоци. Следната сесија е планирана за септември годинава.