Култура
Промовирани четирите публикации за културното наследство во Македонија

Во Даут пашиниот амам денес беа промовирани четирите публикации за културното наследство на Македонија, проект на Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, реализиран со поддршка на Министерството за надворешни работи на Италија и УНЕСКО
Станува збор за четири теми обработени во четири посебни публикации: „Археолошки локалитети во Република Македонија“, „Христијански споменици во Република Македонија“, „Споменици на Османлиската култура во Македонија“ и „Културното наследство на Охрид“.Овој проект е од огромна важност за презентацијата на македонското културно налседство пред домашната и странската јавност. Публикациите ја презентираат богатата ризница на културното наследство во Македонија и нивна цел е да се постигне ефект на фокусирање на културните вредности од Македонија кои се доволно значајни и атрактивни за да бидат презентирани и пред светот.Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, потсетувајќи на важноста на статусот на книгата како експонат, меѓу другото, истакна: „Сакавме во јасна, фактографска, и истовремено лесно читлива, лапидарна форма, со визуелно раскошни виножитни бои, да го презентираме видливото и податливото културно наследство од оваа наша Македонија, како наше но и како интегрално културно наследство на светот, односно како дел од наследството на денешната светска цивилизација.“Пред присутните се обрати министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која истакна: „Овие публикации за првпат во ваков вид и обем се издаваат во нашата држава претставуваат бесценето сведоштво за континуитетот и разновидноста на материјалната и духовната култура на Македонија.Енгелберт Руос, директор на Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција само ја потврди важноста на Охрид како место-крстосница на различните култури и религии и историска точка на Балканот. Беседа за публикациите одржа академик Георги Старделов, претседател на МАНУ.
Публикациите се објавени на македонски јазик во 800 примероци и на англиски јазик во 1200 примероци.Автори на текстовите се истражувачи, археолози и историчари на уметноста – Анета Серафимова, Викторија Поповска-Коробар, Јулија Тричковска, Мирјана Машниќ, Зоран Павлов, Радмила Петкова, Паско Кузман, Драган Митревски, Драгиша Здравковски, Киро Ристов, Кирил Трајковски и Ленче Јованова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Велес домаќин на 22. Меѓународен салон за стрип – рекорден број учесници

22 Меѓународeн салон за стрип „Велес 2025“, најзначајна стрип-манифестација кај нас, на 20 август ќе го има своето свечено отворање.
На отворањето ќе се доделат награди, дипломи и признанија за годинашниот меѓународен стрип-конкурс, ќе се отвори изложбата од избрани дела по истиот конкурс.Исто така ќе се претстават и стрипови по повод 15 години од издавањето на балканскиот стрип серијал „Вековници“,промотер ќе биде Марко Стојановиќ од Лесковац, Србија.
Како што информираа претходно од Стрип-центарот на Македонија, годинава, на традиционалниот стрип-конкурс се пријавиле рекордни 396 автор од цел свет, од кои 164 од нашата земја.
Жирито веќе ја заврши својата работа, а неизвесноста ќе расне до вечерва во 20 ,кога во ЕВРОПСКАТА КУЌА Велес ќе се прогласат најдобрите.
Како што извести Томе Трајков –еден од координаторите на овој проект, активностите продолжуваат во следниот ден , кога ќе започне вториот сегмент на салонот, а тоа е 7та по ред стрип колонија .Од 21 до 24 август во излетничкото место Нежилово стрип автори од разни генерации од ; Бугарија, Србија и Македонија заеднички ќе творат свои стрипови.
Исто така, Трајков извести дека поддржувачи на овој настан се : Министерството за култура и туризам на Македонија, Општина Велес , ЕВРОПСКА КУЌА –Велес и,секако, многубројната стрип заедницата од државата.
Култура
Десеттата археолошка кампања на Врбјанска Чука ќе биде крунисана со музички настан

Годинава се изведува десеттата археолошка кампања на локалитетот Врбјанска Чука, а која е резултат на континуираната соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Прилеп. Целта на ова мултидисциплинaрно истражување, во кое се вклучени и бројни европски институции, е темелно разбирање на неолитската населба на локалитетот и неговото подоцнежно функционирање во антиката и средниот век.
Во текот на овогодишното истражување кое се реализира во август, проучувањата се насочени кон прецизно дефинирање на една од масивните неолитски градби детектирани при геофизичкото скенирање и преку ископувањето во северниот дел на археолошката сонда. Овој неолитски објект импресионира со своите димензии, но исто така и со архитектонските обележја и материјалната култура откриена во него. Имено, станува збор за комплексна градба која има долготрајно користење, потврдено преку повеќето обновувања во рамки на нејзиниот габарит. Во неа присутни се неколку глинени структури (сандаци), извонредно сочуван компактен под, како и неколку садови сликани со импресивни орнаменти карактеристични за Пелагонија. Интересно е што дел од овие садови имаат сликање досега единствено познато во Источна Македонија и дополнително ја потврдува комуникацијата и трговијата меѓу овие два региони во неолитот. Покрај садовите, во рамки на овој објект, но и во неговата околина, откриени се и бројни остатоци од фигурини, антропоморфни модели на куќи, жртвеници, камени секири, кремени алатки, кугли за праќа итн.
Паралелно со археолошките ископувања, се вршат и археоботанички анализи со стручњаци од Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Белград, а во теренската работа учествуваат и студенти од Универзитетот во Базел, Универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетот „Кирил и Методиј“. На овој начин се потврдува интересот на странските институции, но и на младите студенти, за континуирани мултидисциплинарни истражувања и едукации кои непрестано се одвиваат во изминатите десетина години. Како резултат на оваа плодна децениска соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Прилеп и бројни европски универзитети, во септември ќе се реализира јубилејна изложба во Завод и музеј – Прилеп, а во која ќе се претстават досегашните сознанија за археолошкиот локалитет Врбјанска Чука.
Исто така, и оваа година теренските истражувања на Врбјанска Чука традиционално се завршуваат со концерт на тумбата. Оваа година ќе настапи џез составот Next to Silence, кој за првпат ќе изведе дел од својот репертоар во анплагд издание. Концертот е дел од континуираната соработка меѓу Прилепскиот џез викенд, Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Прилеп, кој пак овозможува поинаква перспектива на овој археолошки локалитет. Овој настан придонесува кон поголемо акцентирање на предисториското културно наследство, но и за афирмирање на локaлитетот како можна туристичка одредница која ќе ги истакне културните потенцијали на Врбјанска Чука и Пелагонија.
Култура
Љутков: Соработката со Германскиот археолошки институт отвора нови перспективи за македонската археологија

На еден од најзначајните археолошки локалитети во нашата земја, Скупи, денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков и Лукас Вертер потпишаа Меморандум за соработка со Германскиот археолошки институт, меѓународна научна институција со долгогодишна традиција и светски признати резултати во областа на археологијата.
„Ми претставува особена чест и задоволство што денеска токму на локалитетот Скупи, со д-р Лукас Вертер од Римско-германската комисија, го потпишавме овој значаен документ. Со оваа соработка се отвораат нови перспективи за нашите јавни музејски и научни установи, кои преку посебни договори ќе имаат можност да воспостават партнерства со оваа реномирана институција и да реализираат заеднички археолошки истражувања“, изјави министерот Љутков.
Археологијата беше посочена како значаен сегмент од културно-историскиот мозаик на нашата земја и непроценливо наследство за идните генерации.
„Ние сме должни да го истражуваме, да го заштитиме и да го афирмираме тоа наследство бидејќи секој археолошки наод е жива врска помеѓу минатото, сегашноста и иднината“, нагласи министерот.
Особено е важно што интензивната комуникација со Римско-германската комисија при Германскиот археолошки институт, кој е под надлежност на Федералното министерство за надворешни работи на Германија, денеска е заокружена со документ кој ќе овозможи размена на искуства, знаења и методологии на еднакво партнерско ниво.
„Овој меморандум претставува силна основа за унапредување на стручната и научната афирмација на нашите археолошки откритија, преку примена на современи методолошки принципи, обработка на материјални докази и нивна промоција во меѓународен контекст“, изјави министерот.
Истовремено, соработката ќе придонесе за развој на културниот туризам како една од стратешките насоки на европската културна политика во 21 век, со што археолошките локалитети ќе добијат нова димензија – како научни, но и како туристички атракции кои ја раскажуваат историјата на нашата земја пред светот.
На настанот беше потпишан и втор документ од страна на Музејот на град Скопје и директорот Панче Велков со Римско-германската комисија при Германскиот археолошки институт, со што започнуваат првите конкретни чекори во рамките на оваа долгорочна соработка.
„Убеден сум дека ова партнерство ќе донесе значајни резултати, нови научни сознанија, унапредени стандарди во археолошките истражувања и поголема меѓународна промоција на нашето културно наследство. Тоа е заеднички успех, кој не само што ја зајакнува нашата културна дипломатија, туку и создава основа за идни генерации истражувачи, кои ќе продолжат да го пишуваат археолошкото и културното поглавје на нашата држава“, потенцираше министерот Љутков.