Македонија
Проектот „Наш специјалист“, продолжува во Здравствените домови во Крива Паланка и Виница
Проектот на Министерството за здравство, „Наш специјалист“, продолжува во Здравствен дом Крива Паланка и Здравствен дом Виница.
Почнувајќи од сабота, во Здравствен дом Крива Паланка со патен налог ќе се упатуваат доктори-специјалисти од областа на невропсихијатрија и оториноларингологија, кои ќе вршат амбулантски прегледи секоја сабота од 08 – 15:30 часот. Во Здравствен дом Виница, ќе се упатуваат специјалист-ортопед и специјалист по оториноларингологија, кои во оваа здравствена установа ќе работат секоја сабота од 08 – 15:30 часот.
Термините во системот МојТермин се веќе отворени и матичните доктори можат да ги упатуваат пациентите на специјалистички прегледи во Здравствен дом Виница и Здравствен дом Крива Паланка.
Според податоците од системот МојТермин, изминатиот период од ЗД Виница имало вкупно 2.789 упати за специјалистички прегледи по ортопедија, кои не можеле да се реализираат во градот од причина што нема специјалистичко консултативна амбуланта од оваа област, додека од областа на оториноларингологија вкупно 1.756 упати за специјалистички прегледи во други градови. Исто така, податоците од МојТермин покажуваат дека во изминатиот период од ЗД Крива Паланка имало вкупно 1.361 упат за прегледи од областа на оториноларингологија и 1.072 упати од областа на невропсихијатрија, за кои пациентите биле упатувани во најблиската општа болница или на скопските клиники.
Проектот „Наш специјалист“ се имплементира како резултат на последните измени на Законот за здравствена заштита, со кои се овозможува Министерството со патен налог да упатува доктор специјалист од една во друга јавна здравствена установа. По извршена анализа на податоците од системот МојТермин се утврдува од кои градови пациентите најчесто се упатувани во други градови за определена здравствена услуга, и врз основа на тоа се детектира во кој град од кои специјалности има најголема потреба.
Имплементацијата на проектот почна на 4 април во Берово и Валандово, каде што веќе е покажан голем интерес за закажување специјалистички прегледи. Само минатата сабота во Здравствен дом Берово се извршени вкупно 32 прегледи на ортопедија и 22 прегледи на неврологија, додека во Здравствен дом Валандово се извршени вкупно 10 прегледи на неврологија. Граѓаните од овие региони веќе ги користат придобивките од проектот Наш специјалист кој им овозможува значајно олеснување, имајќи предвид дека здравствената услуга ја добиваат во местото на живеење, без да се изложуваат на дополнителни трошоци за патување до друг град. Воедно, интерес за вклучување во проектот досега покажаа и самите здравствени работници од јавните здравствени установи низ државата.
Почнувајќи од сабота, во Валандово се воведува уште една специјалност – оториноларингологија, за која веќе е ангажиран доктор-специјалист од општа болница Кавадарци и се креирани термини за закажување амбулантски прегледи во системот МојТермин. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.
Македонија
Таен ринг за борби со кучиња разоткриен во битолско, заработувале од мачење животни
Грчки државјанин сопственик на куче, пит бул, косовски државјанин сопственик на куче од расата американски стафорд, како и двајца македонски државјани како соизвршители ќе одговараат на кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Битола ги прибра сите потребни докази и поднесе обвинение, бидејќи на 1 ноември во селото Црнеец во близина на Стрежево, тие заради користољубие грубо ги злоупотребувале и ги изложиле на непотребни маки кучињата.
Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување.
Како резултат на борбата, со особено тешки повреди се здобило кучето од расата пит бул, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.
Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за двајцата македонски државјани.
Доколку двајцата странски државјани кои се во бегство од моментот на сторување на делото, не бидат обезбедени до почетокот на судската постапка, јавниот обвинител ќе предложи нив да им се суди во отсуство.

