Македонија
Здруженија: Да се казнат оние кои мачеа животни на Вевчанскиот карневал
Здруженијата за заштита на животните реагираат на третманот на животните од страна на маскираните учесници на Вевчанскиот карневал којшто се одржа во средата.
Здружението „Анима мунди“ најостро ја осудува злоупотребата , мачењето на животните, за коешто реагирале граѓани кои биле присутни на карневалот.„Кокошки наденати на вили, живи преплашени кокошки врзани за екстремитетите и фрлани во воздух како да се топки а не живи битија, обезглавена живина, труп на убиено куче заврзано за екстремитетите како плен, влечкано и мавано од толпата за да се прикаже пагански ритуал, живо куче со заврзани очи влечено (приморувано) да оди во толпата народ, иако од превезот не гледа ништо и јасно покажува паника, стрес и уринира од страв, натоварени магариња, коњи приморувани да одат во толпата, тепани доколку не сакаат да продолжат, обезглавени зајаци. Шокирани сме што наместо уметност, досетливост, хумор и сатира, Вевчани овозможи и истолерира насилство, страв и крв, безумие“ реагираат од здружението.Според нив, уметноста која секоја година ја прикажува најстариот карневал во нашата држава е засенета.„Засенета е бидејќи газеше по животи, бидејќи ја обезвредни слободата на животните и нивните права загарантирани и со закон! Ова не е здрав хумор и ова не го прават здрави луѓе туку девијантни лица –со тоа карневалот не прикажа како дивјаци и насилници кои не се користат со уметност и маски туку во недостиг од имагинација посегаат по животи, стојат инертни пред стравот, болката на животните, смртта на животните, се потсмеваат“ се додава во реакцијата на здружението.„Која ли траума и мачење е тоа за животните? Која ли траума за посетителите на овој традиционален настан, меѓу кои и многу дечиња? Што сака со овој „маскенбалски чин“ да се постигне и дали е ова дел од традицијата човечна? Како ли може да се исмејува нечија смрт? Е тоа човечно? Е зарем ова културен чин кој треба да биде промовиран од владата на РМ и министерството за култура?“ реагираат и од здружението „Анималиа“ од Охрид.„Анима мунди“ заедно со здруженијата Анималиа (Охрид), Гласот за животните (Велес), Animal world (Струга), Втора шанса (Кочани), Мали херои (Битола), Фауна (Куманово) бараат од организаторите, Министерството за култура, министерката Елизабета Канческа-Милевска, општина Вевчани, градоначалникот Цветомир Угриноски да гиоткријат поединците, да ги осудат и да ги казнат оние кои ги мачеле животните, зошто во спротивно би ги сметале за соучесници.
Фотографиите на кои се гледа мачењето на животните ги доставиле до Агенцијата за храна и ветеринарство , директорот Зоран Поповски и Секторот за заштита на благосостојбата на животните, со барање итно да се постапи согласно Законот за заштита и благосостојба на животните а кој вели дека е забрането предизвикување на болка, патење или повреди , сурово или нехумано однесување./крај/со/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Притисок, замрзнати сметки и понуда за багателен откуп: Како, според ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Филипче сакале да ја преземат болницата на Жан Митрев
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешна прес-конференција изнесе обвинувања кон поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство, Венко Филипче. Според Петрушевски, двајцата му нуделе помош во тековната судска постапка на докторот Жан Митрев, во замена за отстапување на неговата болница по „багателна цена“.
„Преку државните институции и инсталациите во правосудството, Заев и Филипче вршеле притисок врз др. Жан Митрев за на легален начин и по релативно ниска цена да ја откупат болницата“, изјави Петрушевски.
Тој опиша дека, откако биле замрзнати сметките на доктор Митрев и неговата здравствена установа, бил спречен да продава удели од болницата додека траела постапката. Сепак, според зборовите на пратеникот, поранешната власт го заобиколила ова.
„Користејќи ја својата политичка моќ како власт во државата, ургирале да се тргне забраната за продажба на удели во болницата и му дале предлог на др. Жан Митрев, да им ја продаде болницата по багателна цена, а тие да му помогнат во судската постапка“, рече Петрушевски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека овој случај не е изолиран, потсетувајќи дека за други болници во јавноста претходно се ширеле слични информации.
Македонија
МВР предупредува: Не наседнувајте на лажни пораки во име на директорот на БЈБ и од Единицата за сајбер безбедност
Во МВР пристигнуваат пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, во која се даваат насоки за 24 часа да се оди до полициска станица или да се испрати повратен емаил бидејќи наводно примачот на пораката е предмет на кривични истраги за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено, како детска порнографија, педофилија и трговија со дрога.
Според МВР, целта е примачот на пораката да се регистрира преку мејл и да ги даде неговите лични податоци.
МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на БЈБ – МВР ниту од одделението за сајбер криминал и безбедност.
„Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните со цел нивна понатамошна злоупотреба. Покани до граѓаните за истражни постапки од страна на МВР не се испраќаат преку маил и доколку внимателно се прочитаат овие пораки може веднаш да се забележат грешки во текстот во однос на тоа дека е направен со лош превод на интернет со тоа и смислата на содржината на пораката насочува дека е сомнителна поточно измама“, велат од МВР.
Од таму апелираат на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, да не се контактира испраќачот и никако да не се споделуваат личните податоци кои ги бараат измамниците.
Исто така, МВР ги предупредува граѓаните да не отвораат линкови и датотеки кои се испратени во прилог на било која електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на нивниот компјутерски систем од малициозен софтвер.
Македонија
Екипи на ЈП „Комунална хигиена“ го чистат Скопје од снегот
ЈП „Комунална хигиена Скопје“ спроведува активности за рачно и машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците и одвивање на сообраќајот, соопштија од претпријатието.
Активности за расчистување на снегот и мразот беа реализирани и во централното градско подрачје, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, како и Старата чаршија.

Екипите на Претпријатието го расчистуваа реонот и околу Градската болница, Владата и Собранието на РМ. Спроведени се и активности за фрлање сол на пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“, и „Слобода“, како и на сите пешачки мостови.
„ЈП ‘Комунална хигиена-Скопје’ ќе продолжи со активностите за расчистување на снегот и мразот во текот на денов и претстојната ноќ, во согласност со состојбата на терен“, се наведува во соопштението.

