Економија
ЕУ без договор за ликвидации на банките

Министрите финансии на земјите членки Европската унија не успеаја ноќта кон саботата да постигнат договор за заедничките правила за спасување или ликвидација на банките.
„Повторно ќе се сретнеме во среда“, изјави францускиот министер Пјер Московици, по состанокот во Луксембург кој траеше 18 часа. Додаде дека на состанокот биле изминати „90 отсто од патот“ и дека „договорот е блиску“.
Министрите за финанси на земјите членки на ЕУ настојуваат да постигнат договор за заедничките правила за ликвидации на банките кои ќе се најдат во проблеми без тоа да падне на товар на даночните обврзници. Веќе претходно одредија кој би требало да плати во случај на спасување или ликвидација на некоја банка и по кој редослед: први акционерите, потоа најслабо осигурените доверители, а по нив, доколку биде потребно, сопствениците на ткн сениор обврзници и како последно – штедачите, односно они е со депозити поголеми од 100 илјади евра.
Меѓутоа, земјите членки на ЕУ се поделени по ова прашање во две групи, чии ставови ирското претседателство со Унијата не успеа да ги приближи.
Во првата група се Франција, Велика Британија, Италија и Шведска кои сакаат одредена флексибилност во решавање на поединечните случаи. Париз сака, во некои околности, да може да ги заштити индивидуалните штедачи и малите и средни претпријатија.
Другата група земји, во којашто се Германија, Холандија, Финска и др., бараат најстроги можни правила за да се избегне несигурноста којашто би можела да предизвика бегство на инвеститорите и штедачите. Сакаат, исто така, во иднина за тие цели повеќе никогаш да не бидат употребувани јавните пари.
Постигнувањето на овој договор е клучен за воспоставување банкарска унија. Доколку не биде постигнат, можеби нема да има доволно време за конечно усвојување на законот до мај 2014 година, кога се одржуваат изборите за новиот состав на Европскиот парламент./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.