Македонија
Нов земјотрес со магнитуда 3,6 почувствуван во јужните делови
Земјотрес со јачина од 3,6 степени според Рихтеровата скала е почувствуван во четврокот попладнетo во јужните делови од земјата, објави Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Штип, Валандово, Битола, Охрид и Крушево, во 18,41 часот регистрирала земјотрес чиј епицентар се наоѓа во соседна Грција, околу 30 километри јужно од Битола, односно околу 137 километри од главниот град Скопје.
Според досегашните макросеизмички податоци, овој земјотрес е почувствуван во јужните делови од Македонија, односно Охрид, Битола и Ресен со интензитет од IV степени според Европската макро-сеизмичка скала–1998.
Претходно во средата доцна вечерта во истото подрачје беа почувствувани два земјотреса. Првиот во 22,39 часот со јачина од 2,6 степени, чиј епицентар беше во битолскиот регион, поточно на 17 километри југозападно од Битола, односно 123 километри јужно од Скопје. Вториот потрес се случи во 22,41 часот со јачина од 4,1 степени според Рихтер во епицентарот кој беше на 31 километар јужно од Битола на територијата на Грција.
Освен вознемиреност кај населението, потресите не предизвикале никакви штети./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поплавени улици во Битола, мобилизирани јавните претпријатија
По обилните врнежи од дожд што вечерва предизвикаа поплавување на улици низ Битола, екипи на ЈП „Нискоградба“ и други јавни претпријатија започнаа со интервенции за санирање на состојбата.
Најкритична е состојбата кај стариот објект „Прогрес“, каде што се излеа каналот од реката Курделес. Поради тоа, сообраќајот е отежнат на улицата „Македонска фаланга“ (поранешна „Иво Лола Рибар“) на потегот кон Железничката станица, соопшти Општина Битола.

Интервенции се вршат и на улицата „Солунска“ во населбата „Боримечка“, на Лавчански пат, како и во населбата „Стрчин“.
Екипите продолжуваат со работа на терен и ќе останат мобилизирани поради најавите за продолжување на врнежите.
Во акциите се вклучени екипи од „Битолско поле“, „Водовод“ и „Стрежево“, а најавени се интервенции и во селата Кравари, Канино, Лера, Горно Српци, како и долж реката Црна, во потесното и поширокото градско подрачје на општината.
Македонија
Мицкоски најави лидерска средба на која би се зборувало за укинување на техничката влада
Премиерот Христијан Мицкоски во текот на утрешниот ден ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, на која би станало збор и за укинување на техничката влада.
Мицкоски изјави дека не би влегувал во процес на укинување на техничката влада без политички консензус, оценувајќи дека ваквите промени треба да се носат со согласност на сите релевантни политички чинители.
Тој потсети дека пред изборите раководството на СДСМ јавно се залагало за бришење на техничката влада и посочи дека допрва треба да се види дали таа позиција сè уште важи.
„Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема Бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно“, рече Мицкоски во интервју за „Алфа“.
Според него, доколку постои заедничка оценка дека техничката влада го кочи функционирањето на системот, има проблеми со уставноста и не остава доволно простор за маневрирање, тогаш таквите измени треба да се направат, но исклучиво со политичка согласност.
„Планирам од утре да упатам покана до сите лидери на политички партии или водства на коалиции што имаат пратеничка група во рамките на парламентот, да организираме една лидерска средба“, изјави Мицкоски.
На средбата би станало збор и за изборот на Народен правобранител и реформските закони поврзани со напредокот на државата кон Европската Унија.
„Да покажеме зрелост и да разговараме отворено на теми за кои немаме дијаметрално различни ставови. Сите велиме дека сме за Европската Унија, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија и од Канцеларијата на Европската комисија, ајде да седнеме и да разговараме“, порача Мицкоски.
Македонија
На Божиќ се роди Миха – првото бебе во 2026 година во Кочани
На Божиќ, 7 јануари, во раните утрински часови се роди Миха, првото новороденче во 2026 година во Кочани. Мајката Виолета од Оризари роди здраво машко дете, второ во семејството Димитровски од Оризари.
Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов денеска го посети Гинеколошко-акушерското одделение во Општа болница – Кочани, каде што со д-р Илчо Атанасовски, којшто го изврши породувањето и со директорката на болницата Катерина Мирчовска-Паниќ ѝ ја честитаа рожбата на мајката.
Градоначалникот им ги врачи традиционалните подароци на бебето и на мајката и им посака добро здравје и многу среќа во животот.
– Во моментите кога го славиме најголемиот христијански празник, раѓањето на нашиот Бог, Исус Христос се раѓа и нова надеж во Кочани. Ова не е симболика, ова е јасна порака со која, Господ Бог е со нас и со негова помош ќе се трудиме да го направиме тоа што многупати го кажавме, за повторно раѓање на Кочани и на кочанската болница. Од мое лично име и од име на Општина Кочани на малиот наш сограѓанин, му посакувам безгрижно детство, многу здравје и да биде гордост на неговите родители и на нашиот град Кочани. Ние како Општина ќе бидеме посредник меѓу централната власт и институцијата болница во Кочани за што е можно побрзо возобноување и повеќе инвестиции, како на кадровско така и на организациско поле – рече градоначалникот Грозданов.
На Гинеколошко-акушерското одделение и на дежурната екипа градоначалникот им врачи подароци и им посака успешна работа во 2026 година.
Доктор Илчо Атанасовски соопшти дека во 2025 година на Гинеколошкото одделение во Кочани се извршени 1600 прегледи и 230 хоспитализации. Бројот на породувања е помал во споредба со лани, но бројот на дијагностицирани карциноми е зголемен од 5 во 2024 на 16 во 2025.
Според директорката Паниќ-Мирчовска се очекува брзо кадровско екипирање на Гинеколошко-акушерското одделение со нови специјалисти, како и подобрување на медицинската опрема во кочанската болница.

