Култура
„Бабичка“ на Њемцова на македонски јазик
Книгоиздателството „Македонска реч” од Скопје, го објави романот „Бабичка” од познатата чешка писателка Божена Њемцова, што претставува прва нејзина книга објавена на македонски јазик
Веќе еден и пол век Божена Њемцова е меѓу најпопуларните имиња во чешката литература. И по 155 години откако е напишана, во изборот за најпопуларна книга во Чешка, во 2009 г., романот „Бабичка” го освои второто место. Авторката Божена Њемцова (1820–1862) има интересна и необична биографија а романот има автобиографски белези, голем дел од ликовите се историски и вистински.
Главниот лик е нејзината баба, идеализирана и претставена како симбол на добрината и љубовта, на моралните и на човечките вредности. Пишувајќи за спомените од своето детство, Њемцова напишала ода за својата бабичка. Романот е напишан во 1855, по смртта на нејзиниот син Хунк, барајќи утеха во пишувањето.
Њемцова инаку е родена во Виена, како ќерка на кочијаш, Германецот Јан Панкл и на чешка слугинка Тереза Новотна. Родена е како Барбора Новотна, а набргу по раѓањето го носи презимето Панклова, по бракот на нејзината мајка со Јохан Панкл. Во 1921 г. се селат во Ратиборжице, крај Ческе Скалице, а со нив дошла и нејзината баба Магдалена Новотна, која врз малата Барунка имала силно влијание.
Во Ратиборжице го минала своето детство, а таа средина ќе ја опише подоцна во своите книги. На седумнаесетгодишна возраст се омажила за многу постариот од неа Јозеф Њемец, државен службеник, со кого ќе ја пропатува и ќе престојува низ цела Чешка и Словачка за на крај заедно со своите деца, постојано да се досели во Прага. Таму се запознава и соработува со своите колеги писатели, патриоти, напредни дејци и преродбеници. Под влијание на пријателите пишува на чешки.
Таа сиот свој живот го минала во беда и често гладувала (имала несреќен брак, а подоцна нејзиниот маж останал без служба и без плата). Од нејзината кореспонденција може да се дознае дека била принудена да бара помош од родољубивите кругови (во кои се ангажирала од 1843 г.). Немала успех во барањето помош, но иронично – имала раскошен погреб што и’ го приредиле чешките родољуби и стекнала посмртна слава.
Њемцова се смета за основоположник на новата чешка проза. Некои од проучувачите на литературната историја сметаат дека Божена Њемцова е вонбрачна ќерка на кнегињата Катерина Зехањска или на нејзината сестра Доротеја. Оваа теорија ја поткрепуваат со големата сличност со кнегињата и необичната добрина на кнегињата кон писателката Божена Њемцова.
Првите напишани творби на Њемцова се поетски (некои напишани на германски јазик): „Славно утро”, „На чешките жени”, „Мојата татковина”. Напишала 22 прозни дела и седум патописи. Нејзини пообемни и најпознати дела се „Бабичка”, „Планинско село” и „Во замокот и под замокот”.
Повеќето нејзини творби биле инспирирани од животот на простите, обичните луѓе. Нејзина честа тема се судбините на храбрите, но обесправени жени (расказите „Дива бара”, 1856, „Карла”, 1855, „Господинот учител”, 1860 и многу други). Во книгата „Колиби под планините” (1858) ја пласира идејата за чешко-словачката заемност, укажувајќи на начинот на живеење во Словачка, кој во тоа време не се среќавал во Чешка, дури ни во селската средина. Со слична тематика се и творбите „Планинско село” (1856), „Во замокот и под замокот” (1856) и др.
Сепак, најубавото и најпознатото дело на оваа претставничка на чешката преродба е книгата „Бабичка” (1855), творба која автор¬ката ја пишува во најтрагичниот период на свој живот, по смртта на својот син Хинек (1853). Во ова дело ги опишува споме¬ните од детството. Централна фигура е баба и’ – силно идеализирана, која станува симбол на добрината и љубовта. Ја опишува ратиборжичката долина и осаменоста и секојдневјето на нејзините жители (веројатно затоа ова дело е поднасловено и како „Слики од селскиот живот”). Со своите морални и човечки вредности, бабата ги надминува сите други од сите слоеви. Повеќето ликови (меѓу кои и кнегињата (која исто така е многу идеализирана) се вистински. Иако често се присутни смртта и многуте животни тегоби, и покрај крајот со смртта на бабата, делото е оптимистичко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Дедо мраз дојде со воз“: специјална новогодишна театарска претстава за деца на Железничка станица – Скопје
Училиштето за театар „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“, заедно со Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници А.Д. Транспорт и оваа година ја продолжуваат успешната приказна што предизвика позитивни реакции кај илјадници посетители.
Интерактивната претстава ќе се одржува секој ден од 20 до 30 декември 2025 на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Публиката го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации:
– Музејската постановка на Македонски железници
– Театарска претстава во салон
– Посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот, истакнува организаторот.
„Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „ШПАНЕЦ“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата.
Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата“.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски, во кој се вклучени и 40 ученици од училиштето за театар „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: Локомотива создадена далечната 1942 година, серија 33 и Вагон што е изработен 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70. години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „ШПАНЕЦ“ серија 712/714.
Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот.
Култура
„Дон Кихот“ на Дино Имери и Дијана Илкоска-Имери премиерно и во Битола
По фантастично успешната премиера во Скопје и меѓународната премиера во Париз, Франција, делото „Дон Кихот во Скопје“ ќе ја има и својата битолска премиера.
В недела, на 14 декември, во Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 20 часот, овој разновиден проект инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес ќе биде претставен и пред битолската публика.
Делото е создадено по повод Националниот ден на Шпанија – 12 Октомври, и е силно поддржано од Амбасадата на Шпанија во Скопје.
Станува збор за концерт за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар, чии автори се Дино Имери и Дијана Илкоска Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери, ќе настапи Камерниот оркестар „ID“, а како солисти ќе се претстават:
· Дино Имери – пијано,
· Ади Имери – гитара,
· Тина Иванова – наратор и автор на текст.
Како што кажува и самиот наслов, главната инспирација е едно од најзначајните дела во светската и шпанската книжевност – „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес. Музиката е програмска и ја следи приказната за замисленото патување на Дон Кихот и неговиот верен придружник Санчо Панса низ современа Северна Македонија, каде што тргнуваат во потрага по нови авантури и со намера повторно да се борат против „ветерниците“. Звучниот пејзаж е силно инспириран од шпанскиот и македонскиот фолклор, кои се преплетуваат и создаваат специфична, автентична атмосфера.
Текстот на нараторот, кој ја дополнува концертната форма, се провлекува низ делото како сценски контрапункт. Приказната, чија авторка е Тина Иванова, служи како поддршка и проширување на програмската музика.
Премиерата во Битола се реализира со поддршка од ЈОУ Културно-информативниот центар – Битола.
Култура
Охрид домаќин на министерската конференција на Советот на министрите за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој
Охрид и Република Македонија на 11 и 12 декември 2025 година се домаќини на министерската конференција на „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“.
Конференцијата официјално ќе биде отворена на 12 декември во 10:00 часот со воведно обраќање на министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Свои обраќања ќе имаат и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа, со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, министри за култура, заменици-министри и претставници од земјите од ЈИЕ.
На конференцијата ќе биде усвоена Охридската декларација „Одржливи културни модели за иднината“.
Република Македонија го презеде претседателството со „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ во 2024 година за време на министерската конференција што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора.

