Македонија
Џемали Мехази: Мојата оставка е од човечки причини
По оставката на директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнаџиева Змејкова, оставка си поднесе и другиот директор на ФЗОМ, Џемали Мехази.
Оставката, како што пишува во писмената изјава на Мехази, ја поднел мотивиран од човечки причини иако направил се што му било овозможено во рамките на законот.„Со оглед на чувствителноста креирана во јавноста и рекациите од граѓаните за смрта на малата Тамара Димовска ве известувам за мојата оставка од функцијата директор на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија. Случајот на Тамара ме погоди како човек и како родител. Сакам да појаснам дека мојата оставка е мотивирана од човечки причини, и покрај тоа што во вршењето на мојата функција, за овој случај и сите други слични случаи, јас направив сè што ми беше овозможено во рамките на законот.Во времето додека ја извршував оваа функција, лично сум се залагал за да се решаваат сите случаи кои се обратиле до ФЗОМ секако во согласност не само со законските обврски и водено од лична совест. За мене и моите соработници немаше значење, во никој момент, името, етничката и верската припадност, во изнаоѓање на решенијата за нашите граѓани“ се вели писмената изјава на Мехази.Во вторник беа организани протести на кои се побара одговорност за смртта на деветгодишната Тамара која почина чекајќи да и се одобри операција на рбетот во странство./крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

