Култура
Овации за Трпчески и Мазел во Лондон
Македонскиот пијанист Симон Трпчески беше дел од големата европска турнеја на Филхармонија оркестар од Лондон и легендарниот диригент Лорин Мазел, како дел од одбележувањето на 50-годишната соработка на овој престижен оркестар и маестро Мазел
Со синоќешниот концерт во Royal Festival Hall заврши големата европска турнеја на оркестарот, а маестро Трпчески како солист настапи со „Концертот бр. 1 за пијано и оркестар“ од Чајковски. Долготрајните аплаузи и бисот кој Трпчески му го посвети на Мазел биле карактеристика на вчерашниот концерт. „Бев многу импресиониран од брилијантноста на неговото свирење и музикалноста. Концертите со Њујоршката филхармонија беа многу добри. Во разговор со менаџерите помисливме дека би било сосема соодветно тој да биде дел од нашата турнеја и секако не зажаливме за таквата одлука. Тој е одличен, одличен музичар, исклучителен пијанист кој има одлична дарба за фантазија и прекрасен звук – нешто што го потврди деновие“, изјавил Мазел за Македонско радио. Трпчески за втората соработка со маестро Мазел вели: „Овој пат минав повеќе време со маестро Мазел, бидејќи речиси секој ден патувавме и свиревме. Шансата што ја добив е дефинитивно реткост. После еден од концертите минавме насамо 45 минути во разговор за неговите искуства и животот воопшто. Многумина, уште пред да настапам со него и Њујоршката филхармонија, беа под некаков мал сомнеж околу неговиот карактер. Но јас мора да кажам дека прекрасно си поминав со него и во Њујорк и на оваа турнеја што заврши во Лондон… Јас секако ќе го паметам ова и фактот дека сум бил дел од 50-годишниот јубилеј на една таква легенда како што е Мазел ќе ми биде дополнителна мотивација во иднина“.Турнејата опфати повеќе концерти во Велика Британија, Германија и Луксембург. Со оваа турнеја Симон ја заокружи својата исклучително богата концертна година. Неколкупати настапи во Велика Британија, потоа во Ирска, Шпанија, Швајцарија, Норвешка, Словенија, Полска, САД, а минатиот месец заврши четвртиот циклус од неговата турнеја низ Македонија која имаше хуманитарен карактер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Јон Вардар повторно во Бразил
После Јужноамериканската премиера на Јон Вардар против Галаксијата на еден од најголемите филмски фестивали во Латинска Америка, престижниот Мостра до Сао Паоло, првиот македонски долгометражен анимиран филм повторно патува за Бразил.
Овојпат, Јон Вардар ќе биде прикажан во „бразилското Сен Тропе“ на 6. декември, на 14тото издание на меѓународниот филмски фестивал Балнеарио Камбориу.
Режисерот Цветановски изјави дека поканата за учество ја добил од директорот на фестивалот веднаш после проекцијата во Сао Паоло.
„Се‘ уште сум воодушевен од реакцијата на бразилската публика. После првата проекција се сликав со група весели ученици со кои разговаравме за филмот, а потоа следеше и интервјуто за бразилскиот сервис на ‘Си-ен-ен’. Драго ми е што филмот наиде на интерес во Бразил и повторно ќе биде прикажан таму“, изјави Цветановски.
Ова е четврта фестивалска презентација на Јон Вардар против Галаксијата, а Цветановски најави возбудливи новости во текот на 2025.
Култура
Македонскиот филм М со ново гран при, овој пат во Шведска
Македонскиот филм М, во режија на Вардан Тозија, а во продукција на „Фокус покус“, ја освои главната награда за најдобар филм на интернационалниот фестивал на жанровски филм Light Till Dark во Оребро, Шведска.
„Овој филм носи нова перспектива на еден познат жанр. Филм со силни актерски изведби и сензитивна режија. Тоа е прекрасен филм, еднакво визуелно и тематски. Филм кој нè остава со надеж, но и скршено срце“, беше образложението на интернационалното жири.
Фестивалот Light Till Dark е фестивал чија селекција обединува нови и класични филмски дела од областа на фантастиката, научната фантастика и хоророт. „Целта на овој фетивал е да се промовираат жанровски филмови, но и да се откриваат нови дела, кои не стигнуваат во широка дистрбуција“, изјави Даниел Лундстен, директорот на фестивалот.
М не запира со својата фестивалска турнеја. Следни проекции ќе се одржат на почетокот на декември, каде што М ќе ги има својата холандска и финска премиера во рамките на официјалните селекции на фестивалот Eastern Neighbors во Хаг и Интернационалниот скандинавски филмски фестивал во Хелсинки.
Култура
Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“
Првата читачка проба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин започна денес, а асистент на режија е Шенај Мандак.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Како сценограф се потпишува Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.
Овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Бранислав Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ. Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период – ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ.
Во 80 години постоење, од 1945 година до денес, поставени се осум негови дела со вкупно шеснаесет постановки од повеќе режисери и во различни верзии.