Македонија
Студентски пленум: Нема да нè купи омекнувањето на реториката
По Филозофскиот и Филолошкиот факултет Студентскиот пленум во четвртокот прогласи автономна зона и на техничките факултети.
Извикувајќи „Автономија“, „Студенти, студенти, независни и силни“ тие ги повикаа своите колеги да ја напуштат формалната настава и да им се придружат во „освојувањето“ на Универзитетот.Порачаа дека не се наивни и дека нема да потклекнат на, како што велат, ненадејната омекната реторика на власта, по одложувањето на примената на Новиот закон за високо образование. Бараат целосно нов Закон за образование, во чијашто изработка ќе учествуваат и студентите и професорите и гаранција од власта дека ќе ги исполни нивните барања.„Имаме причина да се сомневаме дека ваквото попуштање не значи дека премиерот ја увидел апсурдноста на сопствениот закон, туку дека е резултат на пошироката политичка состојба. Изминативе четири месеци кога и да пружевме отпор бевме игнорирани и етикетирани. Затоа сега дозволете ни да бидеме скептични во оваа ненадејна попустливост, не дозволуваме да нè купи ова омекнување на реториката, бидејќи на крајот на краиштата ништо не ни гарантира дека кога сè ќе стивне нема да се заборави она што е ветено, а тоа е усвојување на целосно нов закон за високо образование“, велат од Студентскиот пленум. Според нив, новиот закон треба конечно да ги отстрани многубројните недостатоци на образовниот систем во земјава.„Новиот закон треба да ги отсликува реалните потреби на високото образование, конечно да добиеме решенија за честото прекршување на правото на автономија, на јасната имплементација на Болоњскиот систем, неодржливиот систем на финансирање на јавното образование, несоодветните услови за стекнување на звање и унапредување во звање, постоењето на дискриминација и корупција, недоволната државна финансиска поддршка за научно-истражувачки цели, давачките за студентите кои се непотребни, корумпираните студентски претставници и недостатокот на студентски бенефиции. Затоа се бара ректоратот на УКИМ и Министерството за образование писмено да се обврзат на загарантирано учество на Студентскиот пленум во изработка на целиот закон со цел тој да ги рефлектира студентските ставови, формирање на работни групи во кои студентите од пленумот и професорите од Професорскиот пленум и претставниците од соодветните министерства ќе бидат рамноправно застапени“, изјавија од Пленумот.Студените бараат и временска рамка со која се дефинира динамиката на изработка на Законот, односно рокови за изработка на прв и втор нацрт на законот. „Универзитетот треба да претставува бастион на критичката мисла која води кон напредок, тоа е онаму каде што не препишуваш, не заокружуваш од понудата, онаму каде што не ти се собираат одговори, онаму каде што не те учат што да размислуваш, туку како да размислуваш. Техничките факултети се приклучија кон формирањето на економска зона, студентскиот фронт не само што не е затворен, туку е и проширен“, порачаа студентите. Студентите во средата прогласија автономна зона на Филолошкиот и Филозофскиот факултет, а таму ја поминаа и ноќта. Најавија дека нема да запрат сè додека не се донесе нов Закон за високо образование.Министерството за образование во четврток испрати соопштение во кое најави формирање на работни групи и отпочнување на дебатата со студентите за носење на нов Закон за високо образование.„Во следните неколку денови се очекува официјализирање на работните групи и отпочнување на дебатата во која, Сенатот на УКИМ ќе ги номинира претставниците на академската заедница, професорите и студентите кои ќе учествуваат во целосното заокружување на процесот и реализација на договорот од иницијалната средба“, се вели во соопштението од МОН./крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
И денес температури до 40 степени, од среда заладување и ветер

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Во попладневните и вечерните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град, јавува УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло, попладне со мала до умерена нестабилна облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 40 степени.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура наместа и над 40°C. Локална појава на нестабилност ќе има и во првите два дена од следната седмица, кога ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Во среда и четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура, а претежно во северните делови во среда ќе има локални врнежи од дожд.
Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.