Македонија
Доставен извештајот за падот на „Кингерот“, нема детали за несреќата
Шефот на меѓународниот тим што изврши повторна истрага за авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски, Омер Кулиќ, денеска му го предаде нацрт-извештајот на претседателот на Комисијата за воздухопловни несреќи и сериозни инциденти и овластен претставник на Република Македонија, Сотир Костов.
Иако се очекуваше дека ќе бидат соопштени детали за несреќата во која загина Трајковски, Кулиќ изјави дека сега не може ништо да каже, но најави дека за дваесетина дена ќе дојде во Скопје и ќе ги објасни сите детали како дошло до несреќата.Во наредните две недели македонските претставници и доколку има ќе достават евентуални забелешки, па до крајот на годината се очекува документот да им биде предаден и на властите на Македонија и на Босна и Херцеговина.„За дваесетина дена повторно ќе дојдам во Скопје и тогаш ќе ги објаснам н сите детали како дошло до несреќата. Во истрагата беа опфатени сите детали, одполетувањето, до падот во близина на аеродромот во Мостар. За таа цел ангажиравме и ист авион „кингер“ од Белград и со него направиме симулација нацелиот лет. Не прашувајте ме дали има одговорност кај некого, како и за можните виновници бидејќи тоа не е моја работа“, изјави Кулиќ кој додал дека за несреќата ќе има и аудио снимка.Кулиќ изјави дека детално ќе им го презентира извештајот на јавните обвинител во двете земји, по што од нив ќе зависи дали ќе се покрене истрага. Новата истрага чинела 10 милиони денари, изјави претседателот на комисијата за воздухопловни несреќи Сотир Костов.Првичната истрага за падот на „Кингерот“ што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот во Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност. На барање на Македонија, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР беше отворена нова истрага во јануари 2013 година.Претседателот Борис Трајковски загина во 2004 година во авионска несреќа во близина на Мостар. Во несреќата, покрај Трајковски, животот го загубија уште осум лица кои беа дел од неговиот кабинет, како и членови на екипажот.Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во БиХ, на 26 февруари 2014 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во 8 часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот. /крај/миа/тел
Извор: Извор: МИА, Телеграф.мк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

