Култура
Изложба на Киро Урдин во Германија
По повод Денот на независноста на Република Македонија, 8-ми септември, во среда во Нинберг, Германија, ќе биде отворена изложбата на нашиот реномиран уметник Киро Урдин
Изложбата ќе ја отвори заменикот на градоначалникот на Нирнберг Хорст Фоертер. На отворањето на изложбата ќе присуствува уметникот Урдин, Вернер Трини од Нирнберг, одговорен за соработката со Скопје, како и Мирко Стефаноски од Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, еден од организаторите за реализација на оваа изложба.Изложбата се состои од четириесет платна од циклусот „Планетариум”Киро Урдин е роден 1945 година во Струмица, каде го завршува основното и средното образование. Дипломирал на правниот факултет во Белград. Студирал на Академијата за применета уметност во Париз (1973/74 год.). Дипломирал на Академијата за филм – Париз (1997). Живее и работи во Париз од 1974 година. Од 1984 година до денес професионално се занимава само со сликарство и има реализирано над 100 самостојни и групни изложби во познати галерии и музеи. Освен во Македонија, каде излагал во Музејот на современа уметност и во Интернационалната галерија Стоби (1994 и 1996 год.), има излагано во Франција, Австрија, Швајцарија, Холандија, Данска, Шведска, Норвешка, Англија, Шпанија, Словачка, Германија, Грција, Јапонија, Кина – Хон Конг, Тајван, Јужна Кореа, САД, Порторико, Мексико, Хаваи, Тунис, а последната изложба се одржа во галеријата на Гиј Питерс, познат светски галерист и тоа во Сан Пол’д Ванс – Франција. За таа изложба е снимен и филм. Има реализирано самостојни изложби во музеите: Данобијана – Словачка, за што има и книга- каталог. Со свои самостојни изложби се претставил и во музеите Јан ван д’Тогт – Холандија, Миура – Јапонија, во Музејот на убава уметност во Тајпеј – Тајван, како и во Музејот на убава уметност во Сан Јуам – Порторико, 2001 година. За неговите изложби е пишувано во околу 600 весници, речиси во секоја од земјите каде што излагал. Покрај споменатите написи има дадено и над 30 интервјуа на телевизиските канали. Сликата „Планетариум” која е сликана низ најзначајните културни центри на светот, се вбројува меѓу најголемите во современа Европа, со површина од 48 квдратни метри. Сликата е откупена и поставена во зградата на електронскиот гигант NEWAYS во Ејндховен – Холандија. „Планетариум” како мултимедијален проект е меѓу првите уметнички дела во ликовниот правец мондидализам. За „Планетариум” е снимен и филм на филмска лента од 35 мм. кој беше прикажан и во официјалната селекција на познатиот телевизиски фестивал во Монте Карло во 1998 година. Исто така снимен е и филмот „Догона” за белгиската телевизија во Африка (Мали) за племето Догони. Филмот е инспириран од платното работено во маслена техника кое го носи истото име, а сликата е работена во племето Догони и има димензии 3 х 4м. Од сликата и филмот „Планетариум” направена е модерна балетска претстава од страна на познатата кореографка Дебра Вилсон од Канада. Дел од танчерките се од балетот на МНТ, а дел од Канада. Од страна на претставникот на Атинскиот ликовен музеј е избран како сликар од Македонија кој имаше самостојна изложба во Солун кога градот беше избран како културна престолнина на Европа. Изложбата беше реализирана од 9 до 20 јули 1997 година. Досега за сликарството на Киро Урдин, покрај бројните каталози излегоа и книгите „Киро Урдин”, Париз, 1988, книгата – каталог во издание на Музејот за современа уметност на Македонија во Скопје, 1994, во ноември 2000 година музејот Данубијана ја издаде книгата „Ретроспектива на Киро Урдин” по повод големата изложба организирана од страна на музејот во Словачка. Во текот на 1997 година во Париз излезе книгата „Планетариум” на 170 стр. голем формат, во која се прикажани сите фази од изработката на сликата. Во 1998 година во издание на „Вило” од Париз излезе репрезентативната книга од 200 страници во која е прикажан дел од сликарството на Киро Урдин. Предговорот е на Жерар Хуригиера. Како последна репрезентативна книга излезе публикацијата „Киро Урдин – сликарство”, издадена од страна на големиот галерист Гиј Питерс. Во 1999 година излагал во галеријата на Даниел Бесеих, покрај другите, со сликарите Апел, Арман, Бернар Бифе, Сезар, Шагал, Корнеле, Дебре, Дубуфет, Дуфу, Хартунг, Кијно, Кислинг, Ланској, Линдрстром, Пикасо, Утрило, Вазарели и Фламинк, а во Кнут Зут, Белгија, во декември 1999 година излага со Пикасо и нобеловецот Гинтер Грас. Од 1984 година, од кога професионално се занимава со сликарство има насликано над 1500 слики во маслена техника и акварел. Дел од сликите се наоѓаат кај видни колекционери, дел од сликите се откупувани од галеристи каде што излагал, а неколку слики се откупени и од музеите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

