Македонија
Обвинителството утврдува одговорност за случајот со двегодишното дете кое почина на Клиника
Јавното обвинителство утврдува оговорност кај родителите на двегодишното дете од Куманово кое почина вечерта меѓу саботата и неделата на Детската клиника во Скопје, откако било донесено премрзнато и без знаци за живот и за кое постои сомнеж дека починало поради негрижа на родителите.
„По добивање на ваквото известување од страна на дежурниот јавен обвинител веднаш се издадени повеќе насоки за постапување и тоа за вршење на увид на лице место и фотодокументирање на просторијата во која живееле детето и неговите родители, како и условите за живот, обавување на разговори со соседите на семејството за да се добијат податоци за условите во кои живеело семејството и грижата за децата“, соопштуваат од Јавното обвинителство.Надлежниот обвинител веднаш издал наредба за вршење разговори со персоналот во Кумановската болница и болницата во Скопје каде е примено детето. Детето не било заведено во книгата на родени, а немало ниту матичен број.Телото на детето е предадено на обдукција за да се утврдат точните причини за смртта.Основното јавно обвинителство Куманово ги има преземено сите потребни дејствија во насока на утврдување на постоење на кривично дело и сторител и прибирање докази за истото, а по добивањето на сите побарани докази и известување ќе следи донесување на јавнообвинителска одлука во врска со настанот.Порталот Здравство 24 ја објави веста дека двегодишно дете од Куманово во сабота вечер починало на Клиниката за детски болести. Како што пишува порталот, детето било апсолутно инкомпатибилно.Резултатите од крвната слика биле катастрофални – хемоглобин 22 и еритроцити 0,9 што според лекарите е невозможно да биде спасено. Половина час траела реанимацијата, но немало шанси за спасување на детскиот живот. Детето било тешко едвај 13 килограми, изгледало неухрането и било полно со вошки не само по главата, туку според сведоштвата на персоналот, вошките го лазеле и по телото. „Не било бањато, било запоставено, а за да има таква крвна слика, прашање според здравствените работници е дали воопшто добивало храна и дали некогаш видело месо. Бидејќи вошките лесно се пренесуваат, надлежните на Детска, направиле целосна дезинфекција на Ургентниот центар“, пишува порталот.Мајката на детето била со пречки во развојот, а на дежурните во Ургентниот центар им кажала дека детето еден месец не можело да стане од кревет, не можело да оди. Пред да биде донесено во Скопје, било пронајдено во дворот со главата во земја. Носот му бил полн со песок и лекарите не можеле да го интубираат.Мајката имала уште три деца, а била бремена со петтото дете. Полицијата го проверила случајот и констатирале дека станува збор за социјално семејство./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалничката на Кисела Вода Стаменкоска-Трајкоска со акција за пошумување
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денес учествуваше во акција за пошумување, организирана од Општина Кисела Вода, во непосредна близина на Паркот на шахот, во населбата 11 Октомври – Бараки. Во рамките на активноста беа засадени дваесет нови дрвја, како почеток на серија акции за дополнително зазеленување и унапредување на животната средина во општината.
Дрвјата се донација од Централна кооперативна банка АД Скопје, која со овој чин уште еднаш ја покажа својата општествена одговорност и поддршка за еколошките иницијативи на локалната самоуправа. Дел од вработените во банката денес беше заедно со градоначалничката на терен, придонесувајќи кон реализацијата на оваа значајна акција, велат од општината.
-Со денешната активност ја потврдуваме нашата заложба за континуитет во создавањето поубава, позелена и почиста Кисела Вода. Пошумувањето и уредувањето на зелените површини ќе бидат еден од моите приоритети во управувањето со општината, бидејќи зеленилото значи подобар квалитет на воздухот, поубава околина и поздрав живот за нашите сограѓани. Благодарна сум на Централна кооперативна банка АД Скопје што го препозна значењето на оваа иницијатива и даде свој придонес кон позелената иднина на нашата општина. Ваквите партнерства се од големо значење. Кога институциите, компаниите и граѓаните делат исти вредности, резултатите се видливи и трајни- изјави Стаменкоска-Трајкоска, додавајќи дека посветеноста на хигиената, уредноста и зачувувањето на јавните површини ќе оди рака под рака со нови проекти за пошумување, создавање мини паркови и ревитализација на постојните зелени зони.
Македонија
Кожуф добива нова зимска атракција – патека долга 1200 метри
Во Ски-центарот „Михајлово“ се гради нова скијачка патека долга 1200 метри, на надморска височина од 1400 метри, заедно со нов ски-лифт и уште две дополнителни ски-стази.
Според градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, овој проект претставува силен развоен чекор за зимскиот туризам и планинските спортови во регионот, а Кавадарци ќе стане задолжителна зимска дестинација.
Отворањето на новата патека е планирано за 1 јануари 2026 година, со што Кожуф добива „нова зимска енергија“, напиша Јанчев на својот профил на „Фејсбук“.
Македонија
УЈП на највисокиот европски самит на даночни администрации – ТАДЕУС
Во рамки на заложбите за унапредување на учеството на Управата за јавни приходи на меѓународно ниво, директорката на УЈП м-р Елена Петрова, заедно со помошник директорката Тања Анчевска, учествуваа на ЕУ Самитот на даночни администрации ТАДЕУС, организиран од Европската комисија и Данската даночна агенција.
На настанот се собраа шефовите на даночните администрации од земјите членки на ЕУ и други земји кандидати за членство во ЕУ. Главна тема на самитот беше градењето робустни даночни администрации во светот што се менува, со акцент на новиот пејсаж на ризици, како сајбер и хибридни напади, природни катастрофи, пандемии и други вонредни настани како војни и сл., кои произлегуваат од експанзијата на технологии, глобалната поврзаност, климатските промени, геополитичките состојби и др. Собирањето на даночните приходи е круцијално за добросостојбата на општеството, а даночните администрации треба да бидат отпорни и прилагодливи на сите состојби за да ја остваруваат без прекин својата функција за собирање на приходите и одржување на буџетската ликвидност.

Во своето обраќање директорката нагласи дека еден од главните предизвици на УЈП е дигиталната трансформација која не може да се одвои од прашањето за заштита на податоците, човечките и материјалните ресурси од уништување, злоупотреби и сл. Покрај глобалните предизвици, УЈП има и специфични ризици поврзани со општествено-политичкиот и економскиот контекст во земјата. Сериозни ризици, нагласи директорката, носи сивата економија која вклучува и прекугранични трансакции и онлајн активности, што бара засилена меѓународна соработка, размена на податоци и административна помош меѓу земјите.
Присуството на УЈП на овој самит има големо значење, не само потврдувајќи ја посветеноста на УЈП за унапредување на регионалната и меѓународната соработка, туку и овозможувајќи активно учество на УЈП во воспоставувањето глобални стандарди и практики на даночната администрација. Така УЈП станува рамноправен фактор во мрежата на даночни администрации кои се соочуваат со заеднички предизвици и бараат иновативни решенија за одржливост и континуитет во време на промени.

