Економија
МЗШВ за штрајкот на оризопроизводителите смета дека е политички мотивиран

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека изразува жалење за одлуката на, според нив, таканаречениот Иницијативен Одбор на оризопроизводителите и најавата за масовен протест на оризопроизводителите закажан за четврток.
Од Министерството сметаат дека во соопштението на оризопроизводителите биле изнесени невистини, поврзани со, како што тие го нарекуваат „историски договор што го договорија Владата преку ресорното Министерство за земјоделство со оризопроизводителите и откупувачите“.
„Потсетуваме дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вложи напори на иста маса да седнат претставници на оризопроизводителите од една страна и откупувачите на ориз, од друга страна за постигнување договор за формирање на просечна откупна цена од 20 денари за килограм за оризова арпа од овогодишната реколта. Притоа дефинираниот рандеман од 50 отсто беше прифатен од двете страни, како единствени фактори на договорите“, се вели во соопштението.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја има улогата на посредник во обезбедувањето на добра волја и подготвеност за преговори и конечен договор за дефинирање на откупната цена, пред се на двете страни, се вели во соопштението.
На неколкуте разговори во просториите Министерството, се посочува во текстот, присуствуваа легитимните претставници на оризопроизводителите од Самостојниот синдикат на индивидуалните земјоделски производители на Македонија и Кластерот за ориз.
„Како резултат на отвореноста на МЗШВ и подготвеност за широка соработка со оризопроизводителите со заедничко учество се креираа сите мерки во директната финансиска поддршка и во дополнителната поддршка, како и во создавањето простор за проширување на критериумите и условите со што се опфати и откупот на арпата и на белиот ориз, безусловно прифатени до страна на Владата на Република Македонија. Потврда за сето ова се неколкуте Измени на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за тековната година и можност на сите оризопроизводители да аплицираат за добивање субвенции. Тоа воопшто не претставува никаква фарса ниту нечие извисување или омаловажување. Дали овозможувањето на невообичаено издвојување на високи финансиски средства за поддршка на оризопроизводителите претставува омаловажување или сепак тое е јасна потврда на почитување на трудот на оризопроизводителите и разбирање за сите нивни проблеми“, се наведува во соопштението.
Ако некој навистина сака да стави крај на манипулациите, сметаат дека потребно е да ги пронајде причините за тоа, а од МЗШВ, сметаат дека дневно политичките интереси се ставаат пред интересите на земјоделците.
„Доколку станува збор за лакрдија, тогаш тоа е повикот на протест е против Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а не кон откупувачите, од кои некои активно учествуваат во организирањето и поддржувањето на протестот, раководејќи се од сопствените материјални и политички интереси. Конечно, цврстото ветување кое Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го даде пред оризопроизводителите со реализирање на сите барања во Програмата за финансиска поддршка е целосно исполнето“, пишува во текстот.
Истовремено, согласно законските надлежности Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и институциите во неговиот состав, се истакнува во соопштението, вршат интензивни контроли на процесот на откупот на оризовата арпа, но и на сите вклучени фактори во производството на ориз, за што јавноста ќе биде известена.
„Тогаш ќе се изнесат сите лаги и сите манипулации од неодговорни и од разни побуди мотивирани лица кои работат на штета на производителите на ориз, потценувајќи го нивниот труд и нивниот интерес. Како и досега Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во целост ги поддржува и ги штити оризопроизводителите и сите земјоделци во Република Македонија. Сето тоа им е познато на сите вистински производители на ориз и вистински земјоделци“, се наведува во соопштението./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
600.000 евра за модерна и дигитална преносна мрежа во Македонија: потпишан грант-договор меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD)

Во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија денес се одржа свечената церемонија на потпишување на Грант-договорот меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD), со што се означува континуитетот и продлабочувањето на техничката соработка насочена кон поддршка на модернизацијата на националната преносна електроенергетска мрежа.
Настанот се одржа во присуство на Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини; Кристоф Ле Ригољер, амбасадор на Франција во Република Северна Македонија; Бурим Љатифи, Генерален директор на МЕПСО; Вероника Милевски, извршна директорка на RTE International; Франсоа Винс, заменик-директор на Канцеларијата на AFD за Западен Балкан, како и гости од енергетскиот сектор.
Овој грант во вредност од 600.000 евра овозможува насочена техничка помош за унапредување, модернизација и дигитализација на преносната мрежа – суштински чекори за обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија, намалување на техничките загуби, зголемување на ефикасноста на системот и подготовка на МЕПСО за растечкиот удел на обновливи извори и интеграцијата на регионалниот пазар.
Проектот е фокусиран на четири клучни области:
· изработка на студии за адекватност на системот со користење на пазарниот симулатор ANTARES,
· димензионирање на системските резерви,
· воспоставување методологија за пресметка на преносни загуби и изработка на студија за изводливост,
· како и подготовка на концептуален дизајн за дигитализација на трафостаница.
Во рамките на проектот, експерти од RTE International – подружница на францускиот оператор на преносниот систем RTE – веќе одржаа обуки за инженерите на МЕПСО за користење на симулаторот ANTARES, со што се унапредуваат нивните технички и аналитички капацитети за поефикасно управување со системот во сè подинамичен електроенергетски пазар.
Во своето обраќање, министерката Сања Божиновска ја нагласи важноста на ова партнерство за изградба на современ и отпорен енергетски систем:
„Денес го потврдуваме партнерството што го зајакнува нашиот пат кон модерен, сигурен и достапен енергетски систем. Техничката помош од Француската агенција за развој ќе му овозможи на МЕПСО да ја забрза модернизацијата и дигитализацијата на мрежата, да го подобри планирањето и работењето и поефикасно да ја управува променливоста што произлегува од поголемото учество на обновливите извори и динамиката на пазарот. Понапредна и попаметна мрежа значи помалку прекини, подобро искористување на чиста енергија, посилни регионални врски и поголема отпорност на системот – без разлика дали станува збор за временски услови, флуктуации на побарувачката или пазарна нестабилност.“
Генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи, го истакна посветеното ангажирање на компанијата кон техничка извонредност и дисциплина во реализацијата:
Проектот, како што нагласуваат од министерството, ќе продолжи со нови активности за градење капацитети и техничка поддршка, со што ќе се овозможи примена на напредни технологии и аналитички модели за управување со преносниот електроенергетски систем на Северна Македонија.
Економија
Гувернерот Славески учествува на годишните средби на ММФ и на Светската банка

Делегација предводена од гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ќе учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), коишто ќе се одржат оваа седмица во Вашингтон, САД. Во составот на делегацијата на Народната банка се и вицегувернерката Емилија Нацевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска. Во рамките на Годишните средби, гувернерот Славески, вицегувернерката Нацевска и советничката Стојчевска ќе одржат состаноци со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски институции.
Економските состојби и предизвиците во контекст на геоекономските тензии и ефектите од трговскиот протекционизам, финансиската стабилност и монетарната политика се дел од темите коишто ќе бидат обработени на предвидените работни средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Јерун Клик, и заменикот на извршниот директор, Марникс ван Рај. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерот, ќе оствари средби и со претставниците на одделите за статистика, за правни работи и за монетарните и капиталните пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на кои ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Делегацијата ќе оствари средби и со високи претставници на Светската банка, односно со потпретседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
На маргините на средбите, гувернерот Славески ќе го потпише писмото за намери за остварување на проектот за клонот на ТИПС. Овој систем ќе ги унапреди брзината, сигурноста и ефикасноста на финансиските трансакции и значително ќе ги намали трошоците и ќе ги поедностави секојдневните финансиски активности преку извршување инстант плаќања во реално време 24 часа дневно, седум дена во неделата.
Годишните средби на ММФ и СБ се платформа на која првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки соработуваат и разговараат за повеќе суштински теми, како намалувањето на сиромаштијата, меѓународниот економски развој и финансии, развојот на човечкиот капитал и зајакнувањето на отпорноста и одржливоста.
Економија
Концесијата за „Пискупштина“ во Струга еднострано раскината

На последната седница, Владата, на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, еднострано ја раскина концесијата за рудникот за експлоатација на јаглен на локалитетот „Пискупштина“ во Струга. Истовремено, констатиран е престанок на важењето на уште четири концесии кои се истечени.
Од Министерството информираат дека одлуките следат по сериозни пропусти на концесионерите во исполнувањето на законските обврски.
Во случајот „Пискупштина“, инспекцискиот надзор утврди дека концесионерот вршел експлоатација надвор од дозволеното поле, што претставува директно прекршување на договорот и законот. Жалбите од жителите на селото Пискупштина доведоа до детален инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за енергетика и рударство, кој ја потврди неправилноста.
Ова е втора еднострана раскината концесија за само неколку недели. Претходно беше донесена одлука и за раскин на концесијата за експлоатација на варовникот „Лавинчеви“ во Општина Гази Баба.
Компанијата не обезбедила минимална експлоатација од 20% – односно 25.000 тони годишно – и за три години практично нема активност, а не е исплатен ниту концесиски надоместок. Долгогодишниот прекин на активностите и непочитувањето на законските обврски беа потврдени со вонреден инспекциски надзор.
„Министерството и Владата испраќаат јасна порака: секое несовесно користење на природните ресурси ќе се санкционира, а заштитата на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните е приоритет. Сите надлежни институции се известени за понатамошни мерки, а одговорното и одржливо управување со природните ресурси останува стратешка цел на државата. Владата и Министерството нема да толерираат несоодветно користење на природните ресурси, а здравјето и безбедноста на граѓаните остануваат на прво место“, нагласи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.