Македонија
Откажување на бубрези по операција се случува и кај пациенти кои немале проблем со бубрези
Бубрежно затајување може да се случи секому, посебно по тешка операција, дури и на оние пациенти кои претходно немале никаков проблем со бубрезите.
Кои се причините, подобра превентива, нови начини на лекување и како да се спречи да прерасне во хроничен проблем, се теми на кои светската медицинска јавност забрзано истражува. Што е ново во светот, што се применува во Македонија и што може да се направи, на оваа тема врвни лекари од Македонија и странство дебатираат во рамки на собранието на Здружението за кардиоваскуларна хирургија на Република Македонија што се одржа во вторник Скопје.
Седум до осум отсто од вкупниот број пациенти кои одат за операција може да развијат акутна бубрежна инсуфициенција. Оваа компликација е поврзана со многу висок морталитет. Кога еден пациент ќе развие таква компликација смртноста е над 70 отсто. Значи станува збор за еден голем и чест проблем.
Ова во вторник го истакна претседателот на Здружението, академик д-р Жан Митрев пред почнувањето на третото собрание на Здружението за кардиоваскуларна хирургија на Република Македонија на тема „Акутна бубрежна инсуфициенција на одделите за интензивно лекување“.
Акутната бубрежна инсуфициенција, посочи тој, се случува и кај политрауми, разни тешки инфективни состојби.
„Секој потешко болен пациент кој оди на операција независно за која операција станува збор, може да развие акутната бубрежна инсуфициенција бидејќи голем дел од пациентите се на преодна граница каде бубрежната функција е веќе пореметена заради дијабетес, други системски заболувања, хипертензија“, потенцира Митрев.
На тој начин, нагласи тој, доаѓа во активација или до нагол прекин на функцијата на бубрезите и со тоа се јавува голем проблем за докторите како да го лекуваат тоа и за пациентот тоа да го преживее.
„Има можности за модерен и ефективен пристап и ефективно лекување на оваа состојба каде преживувањето драстично се зголемува“, додаде Митрев.
Медицинскиот директор на истражувачката програма и медицински директор на Гамбро болницата во Минхен, Каи Херенски рече матичните лекари веќе се загрижени за цената која овој третман ја повлекува и се размислува за една друга варијанта, за скрининг на пациентите за да може да се спречи појавата на оваа состојба.
На собирот се дискутира за причините, за подобра превентива, нови начини на лекување и како да се спречи да прерасне во хроничен проблем, што е ново во светот и што се применува во Македонија.
Акутната бубрежна инсуфициенција, или скратено АБИ, е ненадејно губење на способноста на бубрезите да ја вршат нивната основна функција – елиминирање на вишокот течности и електролити, како и отпадниот материјал од крвта. Кога бубрезите ја губат филтрирачката способност, во телото се акумулираат опасни нивоа на течности, електролити и отпадни материјали. Акутната бубрежна инсуфициенција се развива брзо, во текот на неколку часа или неколку дена. Таа се јавува често кај луѓе кои веќе се хоспитализирани, особено кај критично болните луѓе кои имаат потреба од интензивна нега. Акутната бубрежна инсуфициенција може да биде фатална и бара интензивен третман. Но, таа може да биде реверзибилна состојба. Ако пациентот е во добра здравствена состојба, тогаш големи се шансите ако благовремено се реагира, да се поврати нормалната бубрежна функција.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

