Култура
3+3 со „Компресор“, задруга за креативна трансформација
Созревање на индивидуалната свест
Од неодамна во Галерија 7, култниот простор во Старата скопска чаршија, започнаа проекции на документарни филмови од областа на современата уметност, независната сцена и музиката. Овие филмски вечери започнаа по иницијатива на „Компресор“, здружение од неколку млади луѓе кое носи нова енергија и нов правец во креативната преобразба. Започнаа и со конкретни проекти кои набрзо ќе бидат реализирани
1. Како почна „Компресор“?„Компресор“ започна како иницијатива на неколку пријатели – улични уметници, графички дизајнери, музичари и ентузијасти, чија цел беше да се создаде платформа за реализација на нашите идеи на еден независен и неоптоварен начин. Организацијата е прилично млада и се‘ уште работиме на создавање капацитети и привлекување луѓе кои се заинтересирани за соработка.
2. Што работите во моментов?Она што е актуелно е проектот „Скопје Ремикс“ кој претставува рециклирана идеја на веќе спроведени проекти од други градови во светот. „Скопје Ремикс“ претставува уметнички експеримент во кој на тест се става секој што ќе земе учество. Објавивме неколку фотографии од нашиот град кои претставуваат подлога на која можете да ги „истурите“ сите идеи кои се плод на вашата креативност. За возврат, вашето дело ќе го претставиме на колаборативна изложба. Конкурсот трае до 16 декември, а финалните дела ќе бидат изложени на 23 декември во Галерија 7. Сите заинтересирани можат да се информираат на http://cargocollective.com/skopjeremix.
3. Што по овој проект?Плановите за идните активности се кројат, но она што е поважно во моментов е да успееме во создавањето континуитет во активностите на организацијата по кои ќе бидеме препознатливи. Засега сме фокусирани на „Скопје Ремикс“ и проекциите на документарни филмови кои се случуваат секоја среда во Галерија 7.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот филм М со ново гран при, овој пат во Шведска
Македонскиот филм М, во режија на Вардан Тозија, а во продукција на „Фокус покус“, ја освои главната награда за најдобар филм на интернационалниот фестивал на жанровски филм Light Till Dark во Оребро, Шведска.
„Овој филм носи нова перспектива на еден познат жанр. Филм со силни актерски изведби и сензитивна режија. Тоа е прекрасен филм, еднакво визуелно и тематски. Филм кој нè остава со надеж, но и скршено срце“, беше образложението на интернационалното жири.
Фестивалот Light Till Dark е фестивал чија селекција обединува нови и класични филмски дела од областа на фантастиката, научната фантастика и хоророт. „Целта на овој фетивал е да се промовираат жанровски филмови, но и да се откриваат нови дела, кои не стигнуваат во широка дистрбуција“, изјави Даниел Лундстен, директорот на фестивалот.
М не запира со својата фестивалска турнеја. Следни проекции ќе се одржат на почетокот на декември, каде што М ќе ги има својата холандска и финска премиера во рамките на официјалните селекции на фестивалот Eastern Neighbors во Хаг и Интернационалниот скандинавски филмски фестивал во Хелсинки.
Култура
Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“
Првата читачка проба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин започна денес, а асистент на режија е Шенај Мандак.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Како сценограф се потпишува Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.
Овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Бранислав Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ. Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период – ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ.
Во 80 години постоење, од 1945 година до денес, поставени се осум негови дела со вкупно шеснаесет постановки од повеќе режисери и во различни верзии.
Култура
Изложба на Јана Манева-Чупоска во Истанбул
Јана Манева-Чупоска изложува во Истанбул во Македонскиот центар. Отворањето на изложбата е на 27-ми среда во 19.00 часот.
Манева-Чупоска ќе излага цртежи од циклусот „Љубовници во пандемија“. Насловот има алегорична конотација и алудира на надежта и потребата на човекот кон подобро утре. Преку фигуративните композициски ликовни претстави, колажни експерименти авторката Јана Манева – Чупоска ја пренесува нејзината психолошка и емотивна состојба во време на корона кризата, но и покрај официјалното завршување на вирусот кај човекот остави длабоки психолошки траги на страв и несигурност.
Изложбата се состои од триесеттина дела, цртежи и колажи изработени во комбинирана техника молив, јаглен, акрил и темпера и еден диптих во поголем формат изработен во техника акрил.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура и туризам на Р.С. Македонија како изложба од национален интерес за 2024 година.