Економија
Кризата во еврозоната главна тема на состанокот на Г20
Групата 20 најразвиени држави во светот и економии со забрзан развој разговараа во неделата за решавање на неуморната должничка криза во Европа, во време на нова загриженост околу Грција, додека ситуацијата во САД истотака е неизвесна поради фискални дилеми.
Министрите за финансии и гувернерите на централните банки од државите на Г20 започнаа вчера дводневен состанок во Мексико, со цел ублажување на стравувањата во врска со заканата на глобалниот економски раст, пренесе Франс прес.Епицентарот на кризата повторно се врати во Грција, која сеуште не постигнала договор со кредиторите за мерките за штедење, неопходни за ослободување на траншата помош, без која Атина веќе кон средината на наредниот месец би можела да банкротира, во време кога Шпанија е под притисок да побара пакет помош.Додека Европа настојува да го убеди светот дека ја решава должничката криза, од САД не се очекува објаснување за тоа како планира да се справи со таканаречениот „фискален гребен“, комбинација на буџетско штедење и раст на даноците, кое што треба да стапи на сила од 1 јануари, доколку Белата куќа и Конгресот не постигнат договор.Иако фискалната состојба во САД е причина за загриженост, не се очекува напредок по тоа прашање пред завршувањето на претседателските избори, кои се одржуваат во вторник.„Состанокот на Г20 доаѓа во време на загриженост околу неколку ставки во различни делови на светот. Постојат стравувања за таканаречениот фискален гребен во САД, изјави министерот за финансии на Мексико, Хозе Антонио Меаде. Иако еврозоната се приближува кон банкарска унија и активираше нов антикризен фонд, проблемите во Грција се вратија и ја потресуваат монетарната унија.Грчкиот премиер Антонис Самарас предупреди вчера дека Атина би можела да биде приморана да излезе од еврозоната, доколку грчкиот парламент не ја одобри новата рунда на мерки на штедење, потребни за исплата на наредната транша помош.Меѓународниот монетарен фонд, по јунскиот самит на Г20, ја намали прогнозата за економскиот раст на глобално ниво во тековната фискална година од 3,5 на 3,3 отсто, а за следната година прогнозата, исто така, е намалена од 3,9 до 3,6 проценти. За земјите во развој, ситуацијата е слична: стапката на раст за Бразил, според ММФ, ќе се намали од 2,5 до 1,5 отсто, а за Кина од 8 до 7,8 отсто. /крај/х/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.
Економија
УЈП: Пилот фазата на е – фактура покажува конкретни резултати, најавени се 148 компании
Управата за јавни приходи информира дека пилот фазата на националниот систем за е-Фактура успешно се спроведува во реални услови и веќе покажува мерливи резултати кои ја потврдуваат активната подготoвка на деловната заедница за новиот модел на дигитално фактурирање.
До овој момент, за тестирањето се најавени 148 компании, од кои 57 успешно се регистрирани во системот. Од нив, 15 компании активно го користат системот и имаат креирано и доставено 1.115 е-фактури, при што 396 фактури се успешно верификувани преку платформата.
„Овие показатели ја потврдуваат функционалноста и стабилноста на решението во пилот фазата. Компаниите кои се приклучуваат во тестирањето обезбедуваат рана техничка подготвеност пред задолжителната примена на системот, директна поддршка при интеграција, како и можност преку своите повратни информации да придонесат кон финалното унапредување на функционалностите. Раното приклучување овозможува полесна адаптација на ERP и интерните ИТ системи, како и навремена подготовка за целосната имплементација“, велат од УЈП.
Управата за јавни приходи ги повикува ИТ компаниите, ERP провајдерите и економските оператори со сопствени ИТ решенија активно да се приклучат во пилот фазата, да го тестираат API интерфејсот и со своите повратни информации да придонесат кон создавањето на стабилен, сигурен и практичен систем за е-фактурирање кој ќе одговара на реалните потреби на бизнис-заедницата.
Корисни линкови за вклучување во тестирањето:
Техничка документација: https://efakturawiki.ujp.gov.mk
Регистрација и доделување привилегии: https://eujptest.ujp.gov.mk/ureg
Тест платформа: https://efakturatest.ujp.gov.mk
Сугестии и забелешки: [email protected]
„Aктивното учество на компаниите во пилот фазата претставува значаен чекор кон партнерско креирање на модерен, сигурен и ефикасен систем на дигитално фактурирање, кој ќе овозможи поедноставени деловни процеси, намалени административни трошоци и повисоко ниво на транспарентност во економските текови. Управата за јавни приходи ги охрабрува сите заинтересирани економски оператори навремено да се приклучат во тестирањето и да придонесат кон успешна национална имплементација и дополнително унапредување на системот додека сè уште е во тест фаза“, велат од УЈП.

