Македонија
Нов концепт за справување со организираниот криминал
Слабите институционални капацитети и корупцијата на сите нивоа и во сите сфери на општеството за време на раниот период на транзиција, заедно традиционалниот систем на казнена правда и конвенционалните методи на истражување во полицијата, не дадоа резултати во редуцирањето и спречувањето на организираниот криминал. Одамна се наметна потребата од развивање нови методологии и пристапи кои ќе овозможат стратешки и систематски пристап во истражувањето и сузбивањето на организираниот и прекуграничниот криминал.
Ова меѓу другото го истакна првиот човек на Бирото за јавна безбедност при МВР, Митко Чавков, на денешното потпишување на Меморандумот за соработка за имплементација на проектот „Британските методологии и практики за собирање и анализа на информации“ со амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Чарлс Гарет, што во наредната година ќе биде реализиран од страна на Британската национална агенција за борба против криминалот (NCA).„Заради надминување на постојниот, претежно реактивен и некоординиран пристап во полициското работење и развивање на проактивен пристап, реформите во Бирото за јавна безбедност последните неколку години, продолжија со воспоставување модел за криминалистичко разузнавање кој значи институционализација на процесите за утврдување на приоритети, собирање информации, процесуирање, анализа и споделување на податоците за организираниот криминал, преку воспоставување и усвојување на стандарди кои треба да обезбедат веродостојни, релевантни, навремени и споредливи информации на национално и меѓународно ниво“, изјави Чавков.Амбасадорот Гарет, поздравувајќи го парафирањето на Меморандумот како „уште една потврда на извонредната соработка“ меѓу двете земји нагласи дека соработката во областа на безбедноста и борбата против организираниот криминал е многу битна. „И токму поради тие причини Велика Британија особено ја цени билатералната соработка со Република Македонија. Организираниот криминал секаде значително влијае на земјите и на самите општества: влијае на економијата, директно ја поткопува националната и регионалната стабилност и го уназадува процесот на интеграција кон евроатлантските структури. Преку овие обуки и оваа поддршка, ќе можеме на нашите македонски партнери да им го пренесеме искуството и да им помогнеме во градењето капацитети за изготвување на анализи преку собирање на информации со што тие ќе може поефикасно да пристапуваат во борбата против организираниот криминал“, истакна амбасадорот Гарет./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка, утре со врнежи од дожд и снег претпладне , попладне облачноста ќе се намалува
Висината на снежна покривка во 16 часот на Попова Шапка изнесува 34 сантиметри, 17 сантиметри се измерени во Маврови Анови, 12 во Битола, 7 во Ѓуриште, 5 во Тетово, Крушево (во 13ч), 3 сантиметри во Претор, 2 во Штип, Демир Капија, 1 во Крива Паланка, Прилеп, Виница.
До крајот на денот ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег.
Утре се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Претпладне ќе има локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од снег. Попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува слаб јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 0, а максималната ќе достигне од 2 до 7 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 4 степени.
До сабота времето ќе биде променливо облачно со пораст на дневната температура. По одделни котлини ќе има појава на магла. Од сабота кон крајот на денот се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во недела во попладневните и ноќните часови, кога на повисоките места ќе преминуваат во снег.
Македонија
Стаменкоска-Трајкоска: Најсилната општина е онаа што ги слуша своите граѓани
Денес во oпштина Кисела Вода се одржа работен состанок меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска и референтите и претседателите на месните и урбаните заедници од општината, со цел директно согледување на потребите, проблемите и барањата на граѓаните.
Градоначалничката се информираше од прва рака за состојбите на терен, преку луѓето кои се првиот и најблискиот контакт на граѓаните со локалната самоуправа. Месните и урбаните заедници претставуваат прва адреса каде што жителите ги изнесуваат своите проблеми, без потреба да доаѓаат во општинската зграда, туку најблиску до своето место на живеење. Токму таму најчесто се евидентираат секојдневните предизвици, инфраструктурните потреби и конкретните барања, кои потоа се пренесуваат до раководството на општината.
Во општина Кисела Вода функционираат вкупно 15 месни и урбани заедници, што овозможува поефикасно работење на општината и побрза, подостапна услуга за граѓаните. Ваквиот модел на децентрализирана комуникација значително придонесува за подобро функционирање на локалната самоуправа и навремено решавање на проблемите, истакнуваат од таму.
На состанокот, на кој присуствуваа и раководителите од Секторот за месна самоуправа од општината, беше потенцирана важноста од континуирана и интензивна соработка, при што беше договорено навремено да се интервенира за сите прашања што се во надлежност на општината, но и координирано да се постапува во оние случаи каде што решавањето на проблемите зависи од Град Скопје или од централната власт.
-Претставниците од месните заедници се нашите очи и уши на терен. Преку нив имаме директен увид во реалните потреби на граѓаните и можеме побрзо и поефикасно да реагираме. Нашата цел е силна, отворена и двонасочна комуникација, затоа што само така можеме да градиме општина што навистина им служи на своите жители. Денешниот состанок е потврда дека заеднички, со уште поголема соработка, можеме да ги решаваме проблемите, и локалните, и оние што бараат поширока институционална координација- изјави Стаменкоска-Трајкоска.
Македонија
Амбасадорот на Турција кај градоначалникот Лимани: „Сигнал за зајакнување на соработката со Гостивар“
Градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, денес оствари официјална средба со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој, во рамки на неговата прва посета по преземањето на мандатот од страна на градоначалникот Лимани.
За време на средбата, градоначалникот Лимани ја изрази својата благодарност за посетата на амбасадорот Улусој, оценувајќи ја како доказ за блиските и пријателски односи што Општина Гостивар ги негува со Република Турција. Тој истакна дека оваа посета претставува важна основа за продлабочување на меѓусебната соработка во различни области од заеднички интерес, вклучувајќи ја културата, спортот, образованието, како и економската размена и поттикнувањето идеи за одржлив локален развој.
Од своја страна, амбасадорот Улусој му честиташе на градоначалникот Лимани за победата и преземањето на функцијата, нагласувајќи дека Турција и Гостивар споделуваат заеднички вредности, историја и интереси, кои треба да се искористат како потенцијал за интензивирање на соработката во иднина.
Во рамки на посетата, градоначалникот Лимани и амбасадорот Улусој остварија и заедничка посета на основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар, образовна институција во која наставата ја следи значителен број ученици од турската заедница. Посетата беше оценета како важен сигнал за посветеноста кон образованието и зачувувањето на културната разновидност во општината.

