Култура
Огледало на новата и револуционерна театарска естетика
Млад отворен театар
Овогодишното 34-то издание на Меѓународниот театарски фестивал Млад отворен театар помина навистина одлично. Селекцијата на театарските проекти, музичките настапи по секоја претстава и убавата фестивалска атмосфера, посетеноста… сè помина онака како што му доликува на овој театарски фестивал кој наредната година ќе прослави 35 години од своето постоење.Млад отворен театар годинава донесе 15 претстави обединети под мотото Твоето огледало, а селектор беше Дамир Домитровиќ – Кос. Инспирирани од бајката за принцот претворен во жаба, мотото на годинешните театарски претстави го карактеризираше бегството од себе, желбата да се биде некој друг, потребата од јавна исповед, потребата да се ѕирне во туѓите животи. Иако дел од претставите кои беа најавувани како спектакли не поминаа според очекувањата, сепак МОТ оваа година донесе свежина пред официјалниот старт на сезоната во домашните театри Пишува: Елена ДИМИТРОВСКА
Твоето огледало е средбата со Другиот во нас, приказ на нас самите и на општеството. Токму театарот е тој што ја симболизира вечната желба за поистоветување на гледачот со она што го гледа пред себе, како знак на незадоволството од светот што го опкружува. МОТ ги донесе пред публиката животите на античките ликови, оние од книжевноста и современото општество, како и оние непознати ликови кои секојдневно стануваат дел од реални шоуа и ги споделуваат и најинтимните делови од животот со нас, гледачите. МОТ беше отворен со Касандра, копродукцискиот проект на фестивалите МОТ, Теута (Црна Гора), ИНФАНТ (Србија) и Еџ Понто (Словенија) по текст на Љубомир Ѓурковиќ, во режија на Слободан Милатовиќ. Македонската екипа на претставата ја сочинуваа драматургот Загорка Поп Антоска-Андовска и костимографот Благој Мицевски. Иако Касандра беше најавена како радикален и жесток театарски проект, спој на античкото и документарното, кој на вистински начин требаше да кореспондира со годинешното мото на фестивалот, публиката на отворањето виде претстава со кафеански “шмек” и носталгија за старите добри времиња на поранешната држава, залиено со шампањ и свинско на сцената. Многумина од гледачите вечерта си заминаа разочарани и лути од она што го видоа, па од отворањето некако изгледаше дека годинава МОТ и нема да биде атрактивен за публиката. Но, за среќа, по шокот од првата вечер сè тргна како што треба наредните денови, со одличните Калигула на Националниот театар од Варна, Бугарија, во режија на Јавор Грдев, Кревко на Словенско младинско гледалиште, во режија на Матјаж Пограјц, и Пантагруел на Националниот театар од Сибиу, Романија, во режија на еден од врвните европски театарски режисери, Силвиу Пуркарете, претстава што беше прогласена за најдобра на фестивалот. Храбар и иновативен проект, инспириран од познатиот лик на Франсоа Рабле, исполнет со сексуална и гастрономична страст. Пантагруел покажа дека алтернативниот и експериментален театар не мора да се создава исклучиво со помош на техниката, туку преку телото, гласовниот израз и ритамот актерската екипа успеа од бизарноста да создаде нешто фасцинантно за гледање. Пантагруел беше комплетна авторска и актерска претстава, целина прекрасна за гледање и наградена и од гледачите и од критиката. Она што предизвика најголема љубопитност кај публиката секако беше гостувањето на Шовинистен-3-раум-Анатоми Театар од Виена, Австрија, и претставата Пансион Ф за австрискиот монструм Јозеф Фрицл. Во Скопје дојде и режисерот Хурберт Крамар, кој беше дел од актерската екипа на оваа сатира за медиумите и жртвите на медиумската порнографија. Независно од личниот впечаток од ова театарско шоу, можевме да видиме едно различно дело, кое комуницираше со публиката, комична и бизарна слика за жртвите на сексуално насилство и нивните “господари”.Двете премиери оваа година, Ескуриал, по текст на Мишел де Гелдерот, автор кој првпат се поставува во Македонија, во режија на младиот Ристе Алексовски, и Другата страна на Дуковски, студентскиот проект на Андреј Цветановски, доследно го следеа новиот тек на МОТ и на новиот Градски театар – Скопје, како театар фокусиран на актерот и актерската игра и специфичниот театарски простор.Селекцијата на домашните претстави на Македонскиот отворен театар, направена од актерот Висар Вишка, во еден ден ги донесе Телефонот на Театарот за деца и младинци, Едип на театарот Квартет, со Ѓорѓи Јолевски, во режија на Златко Славенски, и Маркиза на Драмскиот театар, режисерското деби на Ѕвезда Ангеловска (двете претстави ги имаа своите премиери на Скопско лето), Учителот Џинот на Народниот театар од Велес, во режија на Деан Дамјановски, и фантастичната Другата страна на Дуковски, во режија на Мартин Кочовски на Мал драмски театар – Битола. Традиционално, МОТ беше затворен на плоштадот Македонија со спектаклот Сума, балет во воздух на трупата Егзос од Швајцарија, како централен настан на Бела ноќ. Она што најмногу радува по завршувањето на МОТ е огромната посетеност на сите претстави и концерти, потрагата по билет повеќе и голем број театарски вљубеници кои успеваа да влезат и иако простум, до крај да ги изгледаат претставите. Настапите на домашните и изведувачите од регионот (Кома стерео, Штудгарт онлајн, Кло, Вуди Ален и Хана џез трио, Сашко Костов и други) дополнително ја кренаа фестивалската атмосфера, а клубот МОТ секој ден беше точката каде што се среќававме и ги разменуваме впечатоците по секоја изведена претстава, а слушавме и одлична музика. Ова е едно од најдобрите и најпосетените изданија на Млад отворен театар досега и уште еднаш покажа дека овој фестивал бил и ќе биде движечката театарска сила во Македонија, како и едно од водечките театарски случувања во Југоисточна Европа.На МОТ 2009 Театарот и како реално шоуРеалното шоу, или глобално популарното реалитѕ схоњ, е емисија во која луѓето од стварниот живот се сместуваат во различни телевизиски контексти. Денес и нема телевизија којашто како програмски фаворит нема, не креира или “ексклузивно” не пренесува некое реално шоу. Реалното шоу е и голем телевизиски бизнис, па денес сосем е јасно дека во долгите серијали на разноразните реални шоуа сè е, повеќе или помалку, наместено, планирано, одиграно како што смислила големата екипа на организаторите на шоуто. Јасно, голем е и профитот − на оние што го подготвуваат. Неколку години/сезони наназад, реалното шоу се пренесе и во театарот. Како реплика на времето и на животот во кој се бара вистината. Без разлика дали таа е твоја, моја, на некој друг. Театарските куќи или групи создаваат перформанси со сценски израз кој негува вид на натуралистички пристап, именуван како “гол израз” во кој се “одбегнува” естетско обликување. Само на прв поглед, зашто сè натаму (пред сè, во стартот) е потрага по сликата за животот. Мотото на годинашниот Млад отворен театар (интернационален фестивал кој 34 години во септември е најголемото доживување за театарската публика во Скопје) беше Твоето огледало. Добро смислен слоган во кој уште подобро се огледува тенденцијата на процесот на театарско реално шоу. Овој тип создавање/реализација во светот (па и на Балканот) е од понов датум. Во македонскиот театар не се негува. Дојде преку МОТ, како продукција, копродукција, гостување. Внесувајќи во програмата и ваков тип перформанси/претстави, МОТ , факт е, му ја отвори вратата и на театарското реално шоу. Преку водители на дејствието, со јунаци соочени со немањето темели за посреќен живот и втерани во рингот во кој може да се опстане единствено со лакташење, гризење и безобѕирно газење на другиот (како во секое ТВ реално шоу), со многу техника и музика, со творци (текстописци, режисери, актери…), фестивалската селекција внесе кај публиката и чувство на соживување со бескрупулозноста на животот на разни рамништа. Создавачите на театар како реално шоу , па нека е и телевизиско, имаат свои искуства. Најинтересно е она кое говори за заинтересираноста на публиката. Тие проекти се гледани, долго опстојуваат, гостуваат. Заинтересираноста и на творците и на консументите за театарското реално шоу е и во мигот на тематизацијата на јавниот изложен живот, како нов/авангарден концепт за синтеза на животот и уметничката девиза “живот и уметност, живот како уметност/театар и уметност/театар како живот”. Лилјана МАЗОВА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар ја почнува концертната сезона на 30 јануари
На 30 јануари, со почеток во 20:00 часот, во Македонската филхармонија, Националниот џез оркестар ќе ја отвори концертната сезона со концерт насловен National Jazz Orchestra with String Ensemble.
На концертот, Националниот џез оркестар ќе настапи заедно со гудачки ансамбл составен од музичари на Националната опера и балет. Во овој редок и внимателно обликуван спој, оркестарскиот звук се проширува и продлабочува, создавајќи нова звучна димензија.
Под диригентство на маестро Џијан Емин, ќе бидат изведени авторски композиции на Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Сашко Николовски и Георги Шарески. Како солисти ќе настапат Кирил Кузманов на саксофон и флејта, како и Бојан Цветковиќ на пијано.
Како гостин на вечерта ќе настапи Георги Шарески — гитарист и композитор, чиј израз и музички сензибилитет природно се впишуваат во звучниот карактер на оваа концертна целина.
Со овој концерт, Националниот џез оркестар ја започнува новата концертна сезона, поканувајќи ја публиката на вечер во која музиката зборува сама за себе и нè носи надвор од секојдневниот ритам.
Билетите за концертот се достапни онлајн на платформата MKTickets, како и на нивните продажни места.
Култура
Оперскиот бисер „Кавалерија рустикана“ на сцената на МОБ на 28 јануари
Трагичната приказна за љубовта, страста, честа и одмаздата, раскажана преку операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи, повторно ќе оживее на сцената на Националната опера и балет на 28 јануари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова оперско дело претставува едно од најзначајните остварувања на италијанскиот композитор Маскањи и останува еден од најизведуваните наслови на светските, како и на домашната оперска сцена.

Изведбата ќе биде под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари (Италија). Сценографијата е на Зоран Николовски, костимографијата на Елена Дончева, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Благица Поп Томова во улогата на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Ристе Велков во улогата на Алфио, Александра Лазаровска Василевски како Лола и Марика Поповиќ во улогата на мајка Лучија, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер во кој човечките страсти и неминовната судбина се прикажани со директна драматичност и силна музичка моќ, оставајќи длабок впечаток кај публиката уште од својата премиера до денес.
Култура
Најдоброто од „Киненова“ од денеска во Кинотека
Вечерва (21 јануари) во Кинотеката на Македонија почнува специјалната програма Најдоброто од „Киненова“.
Ова е концентриран избор на најдобрите од најдобрите филмови кои беа прикажани на минатото издание, но и на изданијата претходно. Имаме два победника, филмови добитници на ГРАН ПРИ на МФФ КИНЕНОВА, првиот филм на победникот на последното издание на БЕРЛИНАЛЕТО, Даг Јохан Хагеруд, еден од најактуелните и најпровокативни Палестински филмови и многу други сеуште актуелни филмови за кои публиката бараше репризни прикажувања.
Од 18:00 часот, вечерва во чест на големиот професионалец и креативец, македонскиот кинематографер Владимир Самоиловски, инаку лауреат на 10то издание на КИНЕНОВА 25, ќе го прикажеме македонскиот филм ИСЧЕЗНАТИОТ на Арбен Тачи.
А од 20:00 часот, ќе игра српскиот филм ПОМЕЃУ БОГОВИТЕ, на Младен Ршумовиќ, овенчан со две награди на КИНЕНОВА 25, за НАЈДОБРО СЦЕНАРИО и НАЈДОБРА РЕЖИЈА, филм каков не сте погледнале. Автентична приказна заснована на траумите од големите бегалски бранови, кои поминуваат низ балканската рута, а каде во случајов попатна станица е Белград. Што се може да се случи на една жена која попатно го загубува својот брат?
Веројатно само рефлексија на нејзината драма и траума. Ќе можат ли таа и нејзиното најтесно семејство да продолжат по патот на потрагата по основна егзистенција или административниот лавиринт во Белград ќе ги зграпчи и ќе им ја долови заробеноста на еден западен општествен систем каков што е српскиот, каде човечките души се извршители на суровиот систем? Филм-ремек дело, направен во манир на најдобрите филмови од иранската школа. Ќе видите филм каде авганистански, ирански и балкански актери играат во манир на Иранската актерска школа. Меѓу главните улоги е и Никола Ристановски, кој совршено се изразува на Фарси.
Уникатен филм по многу нешта.
Целата програма е на линкот

