Македонија
Тодоров ќе го испитува случајот со смртта на Тамара
Министерот за здравство Никола Тодоров, еден ден по смртта на малата Тамара од Велес која почина во понеделникот чекајќи операција на рбетот, изјави дека направил сè што е во негова моќ за овој случај и најави дека ќе се испитува целата постапка за добивање пари за операција.
Тој изрази разочарување и сочувство до семејството на девојчето, но не и одговорност за случајот.Кога дознaл за случајот ја замолил директорката на Фондот за здравствено осигурување да се заложи за случајот и работата се завршила прилично брзо, но според него треба да се истражи што се случувало во периодот претходно.„Директорката се заложи и случајот на малата Тамара се реши на тој начин што беа обезбедени средства и донесена одлука за лекување во странство. Покрај тоа, кога по повод започнувањето со работа на спиналниот центар беше повикан еден од врвните експерти за спинална хирургија од Турција и пошироко во Европа професорот Уфук Талу, го замолив да ја прегледа Тамара и да даде свој стручен став. Професорот рече дека нема шанси таа операција да се изведе во Македонија, дека е многу веројатно да бидат мали шансите за успех на операцијата и во тој центар во којшто беше упатена иако центарот беше специјализиран за овој тип на операции. Операцијата, по негово кажување, била исклучително ретка, тешка и сложена. Им предложил на родителите да биде изведена од група врвни негови колеги кои работат во различни болници затоа што нема тим во една болница што може да ја изведе оваа интервенција“, изјави Тодоров.Родителите, според него, го прифатиле тој предлог да не се упати во специјализираниот центар за спинална хирургија туку да се чека да се состави посебен тим од повеќе болници и Тамара да се оперира во една болница во странство. Терминот за операција требало да биде соопштен на 8 или 9 февруари.„За жал не издржа. Мислам дека сè што беше во моја моќ да направам, дури можеби и повеќе од тоа, направив, сепак очигледно не било тоа доволно“, рече министерот за здравство.Случајот се влече низ медиумите и институциите три години, а девојчето во два наврати било одбивано за операција во странство, за потоа мајката на девојчето преку медиумите да издејствува позитивно решение. Тодоров вели дека ќе се испитува дали лекарскиот конзилиум го оквалификувал овој случај како итен.„Од она што разбрав од директорката на ФЗОМ, не знам дали е тоа потврдено, е дека на документите немало итност. Но, тоа треба да се испита дали имало или немало итност, и ако имало зошто не е постапено така, ако немало зошто немало. Треба детално тој дел да се испита и да се види дали има некаде пропуст“, изјави Тодоров.Се согласува дека можеби роковите за разгледување на документите во ФЗОМ се предолги, но смета дека треба да се размисли дали вакви рокови, кога станува збор за деца, треба да има.„Точно, може да се тие рокови предолги. И тоа треба да се испита. Посебно треба да се размисли дали треба да има такви рокови кога станува збор за деца“, изјави министерот Тодоров.Потсети дека ФЗОМ издвоил средства за лекување во специјализираната болница и оти немало проблем да се плати сумата.„Не станува збор за голема сума и не станува збор за необезбедни средства“, додаде Тодоров.Малата Тамара почина во понеделникот наутро во Велес и не го дочека терминот за операција во Турција. /крај/мф
Извор: МИА, НОВА ТВ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со гласањето против „Безбеден град“, СДСМ и ДУИ застанаа против безбедноста на граѓаните, рече Мицевски
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, коментира дека СДСМ и ДУИ на денешната собраниска седница гласала против измените на Законот за прекршоци, со што, како што рече, се спротивставила на проектот „Безбеден град“ и на напорите за унапредување на безбедноста во сообраќајот.
„Коалицијата Али и Венко, СДС и ДУИ, денеска во Собранието гласаа против проектот ‘Безбеден град’. Тие гласаа против измените што овозможуваат имплементација на системот најпрво во Скопје, Куманово и Тетово, како и на делови од Коридорите 8 и 10, каде што опремата е веќе поставена“, рече Мицевски.
Тој наведе дека двете опозициски партии со тоа директно гласале против намалување на сообраќајни несреќи, повреди и смртни случаи.
Како илустрација, Мицевски посочи дека на 1 октомври 2025, кога започнал пробниот период на системот, камерите во Скопје регистрирале 110.000 прекршоци – 90% од нив за брзо возење. Само еден ден подоцна, на 2 декември, бројката се намалила на околу 50.000 прекршоци.
Дополнително, според статистиката што ја наведе, во првите осум месеци од 2025 година, во сообраќајни несреќи загинале 91 лице (просечно 11,3 лица месечно), додека во 2024 година бројот изнесувал 142 (11,8 месечно).
„Сега, бројката е намалена на само 2 смртни случаи во декември 2025 и јануари 2026“, истакна Мицевски.
„СДС и ДУИ уште еднаш покажаа дека не умеат да застанат зад политика што е во интерес на граѓаните. И покрај поразот на изборите, продолжуваат да делуваат спротивно на јавниот интерес“, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Левица за „Безбеден град“: Глобите да се пресметуваат според примањата
На денешната седница на Собранието, координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, најави дека во Законот за прекршоци, преку кој ќе профункционира системот „Сејф сити”, Левица ќе поднесува измени особено во однос на глобите, односно ќе бараат скалесто казнување.
„Не може да се казнуваат исто луѓе со месечни примања од 500 ЕУР и луѓе со месечни примања и од по 50.000 ЕУР”, рече Крмов.
За Предлог-измените на Законот за прекршоци со цел имплементација на системот „Сејф сити”, Крмов истакна дека законското решение не е совршено, но пратеничката група на Левица ќе го поддржи бидејќи ценат дека тој систем би можел да спаси животи.
Пратеникот најави дека ќе следат корекции „во од” како што најави и власта, а при истите Левица ќе има свои предлози за кои побара поддршка од владејачкото мнозинство.
Македонија
Фатон Сељами избран за нов Народен правобранител
Со поддршка од 89 пратеници, Собранието денеска во рамки на 65. седница го избра Фатон Сељами од Тетово за нов Народен правобранител.
Против неговиот избор гласаа шест пратеници, а од вкупниот број пратеници што доаѓаат од заедници кои не се мнозинство, 28 беа „за“, додека осум гласаа „против“.
Сељами има завршено Правен факултет на Универзитетот во Тетово и постдипломски студии на Универзитетот на Југоисточна Европа. Работел во Агенцијата за информации, до 2008 работел во Комисијата за заштита на правата за слободен пристап на информации од јавен карактер. Од октомври 2008 година бил вработен во канцеларијата на народниот правобранител во Скопје. Во 2018 година Сељами бил именуван за генерален секретар во Министерството за правда и од 2020 е вработен во регионалната единица на Министерството за правда во Тетово. Од 2023 година работел како раководител на одделение за политички систем во Министерството за правда.
Тој доаѓа на местото на Насер Зибер, кој на 12 јули 2025 година ги исполни условите за старосна пензија.

