Економија
Македонија во потрага по трети пазари ќе го истражува Азербејџан

Простор за економска соработка помеѓу Македонија и Азербејџан постои особено во областа на градежништвото и индустријата на градежни материјали, фармација, земјоделската опрема, преработувачката, прехранбената индустрија, туризмот…
Ова е констатирано на состанокот што во четвртокот се одржа во Скопје, на кој учествуваа претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, директор на Царинската управа на Македонија Ванчо Каргов, директорот на Царинската управа на Азербејџан Ајдин Алиев директорот за меѓународна соработка Даливер Фарзалиев.На средбата беа разменети информации за економските состојби во двете држави. Притоа, беше констатирано дека по воспоставување на политичките односи, двете страни треба да се фокусираат на воспоставување и развивање на економската соработка. Недостигот на информации за меѓусебните потенцијали треба да се надмине и во директна комуникација меѓу двете бизнис-заедници. Во тој правец беше поздравена намерата за посета на бизнис-делегација од Македонија на Азербејџан, предводена од страна на претседателот на Стопанската комора на Македонија во првата половина од 2013 година. Ова е во насока на поддршка на македонските компании за проширување на своите бизниси и настапи на третите пазари од страна на Стопанската комора, која како приоритет во својата програма за работа ја има поддршката на компаниите во правец на нивниот настап на трети пазари, особено на блиско-источните и централно-азиските, меѓу кои и Азербејџан. Вкупната трговска размена на Македонија со Азербејџан во првите девет месеци од 2012 година изнесува 589 илјади долари и истата се остварува единствено преку извозното салдо на Македонија. Евидентирани се само два вида производи во извозот: лекови и пекарски производи. Во насока на менување на сликата и продлабочување на соработката според постојните потенцијали на македонските компании и нивен настап на овој пазар е поддршката која Стопанската комора ќе ја даде на компаниите за олеснување на нивниот пристап./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Прима“ слави јубилеј – 30 години постоење

Колкав број фирми можат да се пофалат со 30-годишен јубилеј, кој дополнително е обележан со постојан раст и развој? Кога на тој податок ќе го додадеме и оној дека станува збор за регионален „играч“ кој постојано го зголемува бројот на земји низ кои се шири, тогаш е јасно дека станува збор за сериозна фирма. Се разбира зборуваме за Прима која е водач во производството на мебел во Хрватска и со проширена мрежа на свои продажни салони во Македонија.
Во нејзиното 30-годишно постоење, Прима од мала производствена единица, со добра визија, идеја, волја и работа, прерасна во име кое во себе ги има инкорпорирано квалитетот, современиот начин на живеење, дизајнот и потребите на потрошувачите. А сето тоа значи квалитетно изработен мебел во сега веќе неколкуте фабрики лоцирани во Хрватска користејќи само внимателно одбрани материјали. Но Прима не би била тоа што е, доколку мебелот не е и внимателно издизајниран од дизајнери кои секогаш будно ги следат новите трендови во светот на дизајн на ентериер и кој во своите визии ги внесуваат најдобрите решенија.
Но во својот развој, Прима е пионер во проширувањето на дејноста во салоните каде што последниве години нуди неколку нови услуги кои им излегуваат пресрет на
потрошувачите и нивните потреби, како: дизајн на ентериер, дизајн на кујни по мерка, 3Д-планирање кои нивните дизајнери и архитекти ги решаваат заедно со клиентите нудејќи на тој начин индивидуален пристап и најсоодветни решенија.
Прима секогаш имала желба да им се приближи најмногу на своите потрошувачи со тоа што го најдува соодветниот простор за своите салони во сите поголеми градови, а во скоро време и својот web-shop кој овозможува преглед и нарачки од својот дом.
Тука се и услугите: мерење, 3Д-планирање, превоз и монтажа на нарачаниот мебел и најважното: удобноста и уживањето во кое секој оној што ги користи мебелот на Прима може со 100 % сигурност да го потврди.
Овој 30-годишен јубилеј постоење, Прима ќе го прослави нудејќи топ попусти на 30 артикли од својот богат асортиман.
Погледнете повеќе на следниот линк : https://www.prima-mebel.mk/30-artikli-po-top-ceni или посетете ги салоните на Прима.
(ПР)
Економија
Николоски во Лондон се сретна со Тим Рид: економската соработка меѓу двете земји во делот на реализацијата на капиталните инвестиции тема на разговорот

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, вчеравечер во Лондон оствари работна средба со Тим Рид, извршен директор на Извозно кредитната агенција на Обединетото Кралство.
Како што информира Министерството за транспорт, на средбата се разговарало за економската соработка меѓу двете земји во делот на реализација на капиталните инвестиции.
Притоа вицепремиерот Николоски ги истакна плановите на Владата за развој и модернизација на инфраструктурата со посебен акцент на патната и железничката мрежа.
Тој потенцираше дека проектите што ги опфаќа инвестицискиот план на Владата на Република Македонија, покрај развој на домашната економија имаат и регионално значење, а придобивките од нив се повеќекратни за земјите од Западен Балкан.
На средбата беа разменети информации околу потенцијалната соработка меѓу двете земји и поддршката што може да ја обезбеди оваа Агенција во рамки на нејзините државни политики.
Исто така беше истакнато дека Обединетото Кралство е стратешки партнер на Македонија во развојот на земјата и во тој конткест политиките ќе се насочат кон подршка на економскиот и општествениот развој.
Работните средби на вицепремиерот Николоски продолжуваат и денеска во Лондон каде е планирано да се реализираат одвоени средби со Стивен Даути, министер задолжен за Европа, како и со Дејм Карен Пирс, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, соопшти Министерството за транспорт.
Економија
Божиновска: Технолошкиот развој бара партнери, Македонија и Чешка ги продлабочуваат енергетските и технолошките врски

Технолошкиот развој е клучот за иднината, а меѓународните партнерства се силата што го движи напредокот. Денешниот Енергетско-технолошки форум, организиран од Амбасадата на Чешка во Скопје, беше јасна потврда за тоа, велат од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
На форумот присуствуваа вицепремиерот Изет Меџити, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и амбасадорот на Чешка, Јарослав Лудва. Настанот претставуваше значајна платформа за размена на идеи, искуства и иницирање нови соработки меѓу Чешка и Македонија во областа на енергетиката, технологијата и економскиот развој. Во фокусот беа теми како што се зелената транзиција, обновливите извори на енергија, дигитализацијата и технолошките иновации.
„Дадовме силна поддршка за нови партнерства меѓу институциите, бизнис-секторот и експертите од двете земји. Чешка денес има модерни електрани, експерти што може да ни помогнат – Од енергија до дигитализација – имаме многу што да споделиме, но уште повеќе што да изградиме заедно“, истакна Божиновска.
Во рамки на форумот се одржаа и презентации на чешки компании специјализирани во областа на рударството, енергетиката и машинската индустрија. Посебен акцент беше ставен на технолошките решенија за обновливи извори, дигитална контрола на индустриски системи и модерна опрема за производство на енергија и обработка на суровини.
Форумот беше организиран со поддршка на Министерството за надворешни работи и Министерството за индустрија и трговија на Чешка, како и здружението Czech Extraction and Mining Technology.
„Само преку координација на идеи, ресурси и визии можеме успешно да се справиме со енергетските предизвици и да напредуваме на технолошки план“, беше заедничкиот заклучок на учесниците.