Македонија
Јужно-вардарскиот регион во портокалова фаза
Јужно-вардарскиот регион односно градовите Штип, Радовиш, Кавадарци, Демир Капија, Струмица и Гевгелија, во четврток ќе бидат зафатени со температури од портокалова фаза, невообичаени за овој период од годината.
Останатите региони ќе бидат зафатени со температури од жолта, односно алертна фаза.Во регионот кој ќе биде зафатен со портокалова фаза, Министерството за здравство препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во овој период .Граѓаните од цела држава потребно е да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури , како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, како и термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката (доколку тоа не се направи, подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употреба истата да се загрее на + 100 степени). Се препорачува да се избегнува консумирање производи кои не се термички обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.Во текот на летниот период, во сите градови низ државата се поставени пунктови за превентивни препораки и совети за заштита од високите температури. Пунктовите функционираат секој ден во периодот од 18:30 до 21:30 часот. На пунктовите се врши мерење на крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лидерска средба за техничката влада, СДСМ одби да учествува
Во Клубот на пратениците денеска треба да се одржи лидерска средба на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со претседателите на парламентарните партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
На средбата треба да се разговара за реформските закони од правосудството, за изборот на народен правобранител, за Изборниот законик и за укинување на техничката влада, но и за други прашања.
СДСМ одби да учествува на средбата. Левица најави присуство, како и коалициските партнери во Владата – ЗНАМ и и ВРЕДИ.
Вчера попладне, своето присуство го потврди и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче, ја одби поканата со образложение дека се против тоа во иднина да нема техничка влада која, како што образложи е гаранција за фер избори, а дека за реформските закони ќе гласаат во Собрание.
Македонија
Сончево време со мала до умерена облачност, температурата до 10 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст.
Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.

