Економија
Ќе се формира берза на земјоделски производи
Македонската влада најави формирање на Македонската земјоделска информатичко-електронска(интернет) берза што е силен исчекор на полето на пазарното функционирање на земјоделството.
Предвидено е во наредниот период да се оди кон воведувањето на класичната Берза на земјоделски производи, како организиран пазар на тргување.Претставувајќи го новиот проект, владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев истакна дека со квалитетните информации, знаејќи што, како и за каде да произведуваат корист ќе имаат и примарните земјоделци, и преработувачите и трговците. „Во целиот ланец на производство се создава можност за обезбедување на додадена вредност и повисок профит за секој учесник во процесот. Значајна корист ќе имаат и граѓаните кои на едно место ќе може да ги увидат цените на производите и проекциите за нивни движења за добрата кои дневно, неделно или среднорочно ги купуваат за своите потреби“, рече Ѓорѓиев. Во насока на креирањето на Земјоделската интернет берза, Владата го задолжи Mинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Пазарниот информативен систем да го надгради на следниот начин, преку доставување на следните групи на податоци:Прво, групи на податоци кои ќе се од значење за определувањето на цените на производите:1) преглед на движење на цените и тргуваните количини на домашниот пазар со образложение за причините за нивно зголемување или намалување, 2) преглед на движење на цените и тргуваните количини на странските пазари на кои производите се пласираат или од кои истите се увезуваат, 3) најмалку неколкумесечни предвидувања за понудата и побарувачката на дефинираните производи на светските пазари врз основа на анализи на релевантни светски институции и организации (ФАО, ОЕЦД, ДЕФРА, УСДА, ЕУ, водечки светски факултети, берзи, министерства во државите кои се важни светски пазари, итн),Знаејќи ги овие податоци ќе може да се определи што би се продавало во тековниот и идниот период, и врз основа на тоа што би се произведувало.Второ, информации кои ќе се од значење за самите примарни производители, преработувачи и трговци за навремено да добиваат податоци врз основа на кои ќе може да остварат свои права и интереси, и да остварат пазарна соработка.4) информации во однос на промена на легислативата, институциите и меѓудржавни договори за трговска соработка, и други политики на државата кои имаат влијание на пазарот, особено во делот на квалитетот и безбедноста на храната, 5) новости и промоција на мерките на поддршка на државата за подобрување на пазарните односи (програми за финансиска поддршка за заштита на квалитет, саеми, подсекторски групи, задруги, итн), 6) објавување на понуди и барања за купување и продажба на земјоделски производи од земјоделски производители и претпријатија заради помагање на пазарните контакти, Со овие податоци ќе се овозможи стекнување со можност за ефикасно остварување на правата, а ќе се поврзе и понудата и побарувачката што значи и креација на Земјоделска интернет берза.Покрај тоа што редовно и тековно ќе бидат објавувани на веб страната, овие податоци ќе бидат доставувани и во вид на неделни билтени до корисниците.Во периодите пред достигнување на пикот на понудата и побарувачката на производите билтенот треба да се објавува и почесто, на секои два дена. Билтенот треба да се доставува електронски до земјоделските фирми, здруженија на земјоделци, корисници на субвенции и до медиуми. Трето, на веб страната ќе бидат објавувани како редовна активност, подготвени годишни пазарни биланси почнувајќи со 2013 година со сите елементи на понудата и побарувачката на следниве стратешки производи: пченица, јачмен (сточна храна) и млеко. Ова значително ќе помогне во насока на планирање на стабилноста на обезбедување на основните прехранбени производи и навремено преземање на мерките за интервенции на пазарите на овие производи. И четврто, кое е од исклучителна важност, е тоа што македонскиот пазарен информативен систем ќе се поврзе со германската база на земјоделски и пазарни информации. Тоа значи дека со самото пристапување во соработка, сите податоци кои ги имаат германските субјекти ќе бидат достапни и на македонските субјекти. Ова е особено битно и значајно особено во делот на предвидувањата на движењата на понудата и побарувачката на светските пазари, понудата и побарувачката на пазарите на големите земји(Русија, Кина, Индија, САД…), проекциите за принос и производство во одредени земји, врз основа на што ќе може да се предвиди недостатокот на некој производ и аналогно на тоа да се произведува повеќе од тој производ кај нас со интенција да се продаде на странски пазар поради антиципираната дефицитарност. На овој начин, со поврзувањето со Германија ќе се засили извозот, и ќе се превенира создавање вишок на домашно производство што би водело до намалени цени. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

