Култура
Домашните копродукции со премиери на „МОТ“

Со премиерите на „Ескуриал“ и „Празен град“ вечерва и утревечер во Младинскиот културен центар, „Младиот отворен театар“ продолжува со презентацијата на нови домашни театарски проекти и млади актерски и режисерски имиња
Како што веќе беше најавено, претставата „Ескуриал“ која ќе се изведе вечерва во 22 часот, е копродукција помеѓу „МОТ“, Градскиот театар и Драмски театар – Скопје. Текстот е на белгискиот автор Мишел де Гелдерот, а режијата е на Ристе Алексовски, кој по монодрамата „Последната лента на Крап“ вторпат поставува претстава на сцената на Градски театар. „Со ‘Ескуриал’ Градскиот театар полека го наоѓа правецот кој си го имаше поставено – театар фокусиран кон актерската игра“, изјави уметничкиот директор на „МОТ“, Дејан Пројковски. „За претставата веќе се заинтересирани фестивали од Црна Гора, Словенија, Романија“, додава тој. „’Ескуриал’ е лична, емоционална, актерска пиеса. Се занимава со коренот на насилството, насилството кое само по себе има логика, колку и да е тоа апсурдно“, вели режисерот Алексовски.За актерите Сашо Тасевски и Рубенс Муратовски текстот на Гелдерот бара огромен напор од актерите, бидејќи се фокусира кон замената на идентитетите и замената на моќта.Премиерата на претставата „Празен град“, работена по текстот на Дејан Дуковски, утревечер се случува во рамки на програмата Ѕвездите што доаѓаат. Самата претстава ќе се игра во еден специфичен сценски простор – подрумите во Младинскиот културен центар. „Се обидовме текстот на Дуковски да го прочитаме како една апсурдна ситуација на двајца војници заглавени во подрумот на светот. Тој автентичен простор бара автентична актерска игра и со тоа, автентична претстава“, изјави младиот режисер Андреј Цветановски. Играат Арџент Хасани и Берат Салиу. „Празен град“ е копродукција помеѓу „МОТ“ и здружението „Фишта“ од Гостивар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Јон Вардар“ со премиери во Кина, Германија и Романија

Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ продолжува со својата меѓународна фестивалска авантура. Во наредните недели филмот ќе биде прикажан на три престижни фестивали: Меѓународниот филмски фестивал на патот на свилата (Silk Road International Film Festival) во Кина, Фестивалот за детски и младински филмови Шлингел (SCHLiNGEL International Film Festival for Children and Young Audiences) во Германија и Галактички Имагинариум (Galactic Imaginarium) во Романија.
Silk Road International Film Festival е еден од најголемите културни настани во Азија и вистинска раскрсница на светските кинематографии. На неговите досегашни изданија учествувале големи имиња како Лук Бесон, Асгар Фархаади, Софи Марсо. Амос Гитаи и Џеки Чен.
Со своето 30-то јубилејно издание, SCHLiNGEL е еден од најголемите и најзначајни европски фестивали за детски и младински филм. Таму се прикажуваат внимателно селектирани остварувања што ја слават креативноста и разновидноста во светското детско кино.
Романскиот Galactic Imaginarium пак, се одржува во Тимисоара и е специјализиран фестивал за фантастика и научна фантастика.
„Неверојатно е чувството да видиш како една македонска приказна за помалку од две недели патува од Кина, преку Германија, па сè до Романија. Овие три фестивали се различни по својот карактер – еден е светски гигант, другиот е европска институција за детска публика, а третиот е специјализиран за фантастика. За мене тоа е доказ дека филмот зборува универзален јазик. Се надевам дека публиката насекаде ќе ја почувствува иста радост и возбуда како и ние кога го создававме.“ – изјави режисерот Гоце Цветановски.
Од екипата на филмот најавуваат дека во октомври ќе бидат објавени уште нови фестивалски селекции, и дека меѓународното патување на Јон Вардар против Галаксијата допрва продолжува.
Култура
Комеморација во чест на Илинденка Петрушева (1944–2025)

На 19 септември (петок), со почеток во 13:00 часот, во киносалата на НУ Кинотека на Македонија ќе се одржи Комеморација во чест на Илинденка Петрушева (1944–2025) – филмски критичар, публицист, истражувач, долгогодишен раководител и советник во Кинотеката, основач и уредник на списанието „Кинопис“, и една од најзначајните личности во развојот на македонската филмска култура и историографија општо.
Илинденка Петрушева (4. Август, 1944 – 5. Септември, 2025), остави длабока трага во националната кинематографија со својата повеќедецениска посветена работа во истражувањето, проучувањето, прибирањето, архивирањето, презентацијата и популаризирањето на филмската уметност кај нас. Таа беше дел од самите почетоци на Кинотеката и со своите иницијативи ги постави темелите на филмскиот архив, конкретната кинотечна и архивска практика, филмската кинотечна програма, како и културната дејност од областа на филмот и визуелните уметности – темели и основи на кои што институцијата е создадена, востановена – и кои што Кинотеката ги развива и денес.
Комеморацијата ќе биде можност нејзините колеги, пријатели и почитувачи – како и културната јавност – да се потсетат и да го чествуваат нејзиното големо дело и неповторлив придонес кон македонската култура и филм.
Култура
Холивуд се збогува со Редфорд: „Замина еден гениј“

Веста за смртта на Роберт Редфорд го потресе филмскиот свет. Холивудската икона и основач на филмскиот фестивал Санденс почина денес, а бројни реакции од колеги и соработници продолжуваат да пристигнуваат.
Актерката Марли Матлин ја истакна неговата клучна улога во независниот филм. „Нашиот филм, CODA, го привлече вниманието на сите поради Sundance. А Sundance се случи поради Роберт Редфорд. Почина еден гениј“, напиша таа на социјалната мрежа Икс.
Film at Lincoln Center, исто така, му оддаде почит на легендата, нарекувајќи го „вистинска икона на големото платно, неуморен застапник на филмските режисери во подем“.
Our film, CODA, came to the attention of everyone because of Sundance. And Sundance happened because of Robert Redford. A genius has passed. RIP Robert. pic.twitter.com/nwttVD1GvL
— Marlee Matlin (@MarleeMatlin) September 16, 2025
Новинарот Пирс Морган се потсети на некои од неговите најпознати улоги. „Почивај во мир Роберт Редфорд, 89. Една од најголемите филмски ѕвезди на сите времиња. Вистинска холивудска легенда која глумеше во толку многу од моите омилени филмови: Butch Cassidy and the Sundance Kid, The Sting, The Way We Were, All The President’s Men. Каква кариера, каков актер, каква тажна загуба“, рече тој.
Robert Redford has passed away. He was part of a new and exciting Hollywood in the 70s and 80s. Hard to believe he was 89.
— Stephen King (@StephenKing) September 16, 2025
Писателот Стивен Кинг го нагласи неговото влијание врз филмската индустрија: „Роберт Редфорд почина. Тој беше дел од новиот и возбудлив Холивуд од 70-тите и 80-тите години. Тешко е да се поверува дека имаше 89 години.“
Маријана Вилијамсон се осврна на неговите пошироки општествени придонеси. „Малкумина во својот живот направиле повеќе за да придонесат за американското општество од Роберт Редфорд. Во области од филмот до екологијата и политиката, тој ја користеше својата огромна моќ за да помогне во создавањето подобар свет“, напиша таа.
Бројни други познати личности, вклучувајќи ја и Роузи О’Донел, му оддадоа почит на социјалните медиуми.